Во тропарот на празникот пееме: „Си се вознесол во слава, Христе Боже наш, причинувајќи им радост на Твоите ученици“. Овде би се задржал на радоста, која ја доживеале светите апостоли и Пресвета Богородица, а која е карактеристика на православните христијани.

Во псалмите и во молитвата пред одење во црква се вели, „се зарадував кога ми рекоа, да одиме во домот Господов“. Ова ни покажува со какво расположение треба да се подготвуваме да одиме во црква. Со радост, со кротост. Да влегуваме во храмот, да покажеме и вера и култура, да ги поздравиме другите верници кои ги сретнуваме во дворот на храмот, да ги поздравиме свештениците, да кажеме „за многу години“, да запалиме свеќа, и да застанеме да ја следиме светата богослужба. Не доликува на верник да оди во црква намрштен, подготвен за кавга, за расправија. Колку луѓе сум видел кои доаѓаат во црква без да кажат „добро утро“, или „за многу години“, колку луѓе доаѓаат нервозни и спремни за кавга со било кого, колкумина доаѓаат и седат во дворот да пушат цигари и да оговараат. Тоа не е вера, тоа не е православие. Верата значи и доверба во Бог, доверба во Црквата и нејзините свештенослужители. Верата е простување, верата е радост, верата е љубов.

Денес, четириесет денови по Воскресението на Господ, Светата Црква си спомнува на Вознесението на Господ, Кој во Елеонската Гора, пред учениците и Пресвета Богородица се вознесе кон небесата. Не се вознесе на небесата за да нѐ остави сираци, туку со ова Бог ја издигна човечката природа на Небото, на човекот му го отвори патот кон небото, но истовремено, Бог како секадеприсутен остана на земјата, за да биде со нас и да нѐ спасува од погубноста на гревот.

При осветување на храм Бог се вселува во храмот, ни ја дава Божествената благодат во храмот, и затоа многу луѓе, кои доаѓаат со отворено срце, а и луѓе со многу тешкотии и проблеми, токму тука, во храмот, чувствуваат дека им е убаво, чувствуваат олеснување, опуштање, спокој и мир во срцето, смирување на хаосот во умот. Одете во било која друга вера, во било кој верски објект на друга вера и ќе видите дали го има истото тоа што го чувствуваме во нашите православни храмови! Во тоа е големината и силата на нашата вера. Но должни сме сите да си ја познаваме нашата вера, да читаме православни книги, да разговараме со своите свештеници, да ја учиме и живееме нашата света православна вера, затоа што, без познавање на верата, ќе завршиме во суеверие, паганство или идолопоклонство. Затоа да читаме, да прашуваме и да доаѓаме редовно на Светата Литургија, да си ги отвориме срцата за Господ, и радоста која ја чувствуваа светите апостоли при Вознесението на Господ, да ја почувствуваме и задржиме и ние во нашите срца. Амин.  (29.05.2020)

Свештеник Јани Мулев