РОДИТЕЛИ, НЕ ГИ ПРЕДАВАЈТЕ ДОБРОВОЛНО ДЕЦАТА ВО РАЦЕТЕ НА САТАНАТА!

РОДИТЕЛИ, НЕ ГИ ПРЕДАВАЈТЕ ДОБРОВОЛНО ДЕЦАТА ВО РАЦЕТЕ НА САТАНАТА!

РОДИТЕЛИ, НЕ ГИ ПРЕДАВАЈТЕ ДОБРОВОЛНО ДЕЦАТА ВО РАЦЕТЕ НА САТАНАТА!

– Архимандрит Дамаскин

(Извадок од беседата на Рождество на Пресвета Богородица)

...Сè повеќе слушам и сè повеќе зема замав уште една лоша појава, за која сакам сега да зборувам, но најнапред, сите оние коишто ќе се препознаат, ги замолувам со сето срце и со длабока тага во душата, да се вразумат, да се поправат и да се покајат. Денеска, ако детето малку заплаче, ако нешто не е во ред со него, постарите, особено нивните баби и дедовци, ги советуваат родителите веднаш да го носат на бајачка, на гатачка или на некакви лажни исцелители и со тоа уште повеќе се влошува состојбата на детето, па дури Бог допушта, ако не се вразумат родителите, и самите демони да го запоседнат телото на детето, за да тие со болка го согледаат своето беззаконие и да се обратат кон Бога со длабоко покајание.
Верувајте ми дека многу мајки, со неутешно покајание и со горки солзи доаѓаат тука, жалејќи и каејќи се длабоко што децата ги носеле на бајачки и гатачки, бидејќи сега состојбата многу им се влошила и неможат ништо да направат за да го поправат нивното духовно и телесно здравје.
Затоа, уште еднаш ве замолувам, сите родители, сите баби и дедовци:
НЕ ГИ ПРЕДАВАЈТЕ ДОБРОВОЛНО ДЕЦАТА И ВНУЦИТЕ ВО РАЦЕТЕ НА САТАНАТА!
Апсолутно ништо не можат да ни направат демоните ако Бог не допушти и ако ние не се согласиме со нашата слободна волја на нивните предлози. Носејќи ги децата на бајачки и гатачки и на разни други лажни исцелители, вие самите се одрекувате од Христа, од Неговата Света Црква и од закрилата на Мајката Божја и доброволно се согласувате демоните да имаат погубно влијание врз вашите деца и вашите внуци.
Вие доброволно ги отворате вратите на нивните невини и чисти срца, за да може лукавиот да го внесе во нив погибелниот отров. Како потоа ќе барате помош и милост од Бога? Како потоа ќе се осмелите да се обратите со молитва кон Мајката Божја, а претходно доброволно и непромислено сте се одрекле од Нејзиниот Возљубен Син, од нашиот Господ Исус Христос, барајќи помош кај Неговите непријатели, кај слугите на поднебесните духови на злобата?
Не лажете се, најсрдечно ве молам, демоните неможат да го исцелат или да го смират вашето дете или вашето внуче, тие само сакаат да ги погубат и неговата и вашата душа и да ги повлечат со себе во вечните маки. Затоа, обратете се со покајание и со скрушеност кон Мајката Божја и на Неа самата и на Нејзината закрила предајте ѝ ги своите деца и своите внуци.
Денес, како што слушнавме во Црковните песни и во самиот тропар на празникот, раѓањето на Мајката Божја ѝ јави радост на целата вселена, со Неа започна историјата на нашето спасение и Бог повторно одлучи да ги отвори вратите на рајот и да нè прими повторно во Небесната татковина.
Но, дали ние се освестуваме и отрезнуваме, дали ние се свртуваме кон Црквата, кон Бога? Дали ние со сета душа, со сето срце сме одлучни да ја побараме закрилата и молитвената помош на Мајката Божја, којашто денес со радост и со раширени раце ги чека сите оние, што со вера и со покајание ќе се обратат кон Неа?
До кога ќе Го повредуваме Бога и ќе ги осквернуваме нашите души?До кога ќе ја жалостиме Мајката Божја, до кога Таа ќе пролева горки солзи за нашето непокајание и гревовен живот? До кога ќе го прободуваме нејзиното милостиво и сострадално срце со нашите блудства, прељуби, абортуси, непомирување со ближните, со нашите постојани оговарања и осудувања на луѓето околу нас, не сфаќајќи ја сопствената гревовна бездна, во која сме потонати до ушите? До кога Таа неуморно ќе коленичи пред Христа, молејќи Го усрдно да ни даде благодатни сили за да се оттргнеме од гревот и пороците и да ги смириме нашите незауздани страсти?
Како што Нејзината утроба во себе го прими Создателот на вселената и затоа ја нарекуваме Поширока од Небесата, така и Нејзиното милостиво срце е пошироко од целата земја и во себе може да ги прими сите луѓе, сите напатени и страдални души, сите болни и изнемоштени, сите обременети со секакви душевни тешкотии и немири, сите очајни и неутешени.
Да поитаме и ние денес кон закрилата на Мајката Божја, да се потрудиме да се покаеме со сето срце и да се вратиме повторно во крилото на Црквата, бидејќи времето брзо одминува и време за покајание имаме сè помалку и помалку.
Нека Пресветата Богородица секогаш нè закрилува и чува од секаков грев, од секаква страст, од секаква смрт, од секаков ѓавол. Секогаш нека нè води по сигурен пат, по патот на молитвата, по патот на постот, по патот на милосрдието, по патот на љубовта евангелска, по патот на кротоста и смиреноста, кон Својот возљубен Син, и изведувајќи нè од овој свет во светот на Царството Небесно, таму заедно со Неа, да Го славиме Нејзиниот чудесен Син, нашиот Господ Исус Христос, со Неговиот беспочетен Отец, со Пресветиот и благ и животворен Дух, сега и секогаш и во вечни векови, Амин.

ГИ ЗАМОЛУВАМЕ СИТЕ НАШИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ХРИСТА, ДА ЈА СПОДЕЛУВААТ ШТО ПОВЕЌЕ ОВАА ОБЈАВА, А ЗА ДУХОВНА КОРИСТ И СПАСЕНИЕ НА МНОГУ ЗАЛУТАНИ ДУШИ!