СЕ НАМНОЖИЈА МОИТЕ БЕЗЗАКОНИЈА – ПСАЛТИР (Молитвата на Манасија, царот јудејски)

СЕ НАМНОЖИЈА МОИТЕ БЕЗЗАКОНИЈА – ПСАЛТИР (Молитвата на Манасија, царот јудејски)

Молитвата на Манасија, царот јудејски:

Господи Седржителу, Боже на нашите отци, Авраамов, Исаков и Јаковов, и на нивното праведно поколение, Кој ги создаде небото и земјата co сета нивна убавина, го соедини морето co зборот од Твојата заповед, ја заклучи бездната, и ја запечати co страшното и славно Твое име, од кое сите се плашат, и треперат од лицето на Твојата сила:

зашто никој не може да достои пред величието на Твојата слава и не може да го истрпи гневот на Твојата закана кон грешниците. Милоста на Твоето ветување е неизмерна и неиспитлива.

Зашто Ти си Господ благоутробен од височините, долготрпелив и многумилостив, и жалиш за човечките лоши дела. Господи, според големината на Твоите добрини, си им ветил покајание и простување на гревовите на оние кои Ти згрешиле, и по големината на Твоето сострадание си определил покајание за грешниците за спасение.

Ти, Господи Боже на силите, не си поставил покајание за праведните, Авраам, Исак и Јаков, кои не Ти згрешија: туку си поставил покајание за мене грешниот, бидејќи згрешив повеќе од бројот на морскиот песок.

Се намножија моите беззаконија, Господи, се намножија моите беззаконија, и не сум достоен да погледнам и да ја видам небесната височина, поради мноштвото на моите неправди.

Згрбавен сум од многу железни окови, и не можам да ja подигнам мојата глава, и нема за мене олеснување: бидејќи Те разгневив и лукавства пред Тебе извршив, не живеев според Твојата волја и не ги запазив Твоите заповеди.

И сега ги приклонувам колената на моето срце, барајќи од Тебе добрина: згрешив, Господи, згрешив, и ги знам моите беззаконија, но Те молам:

поштеди ме, Господи, поштеди ме, и не ме погубувај заради моите беззаконија: не ги гледај моите стари гревови и не ме осудувај за во пеколот.

Зашто Ти си Боже, Бог на оние кои се каат, покажи ја на мене сета Твоја добрина, иако сум навистина недостоен и спаси ме според многуте Твои милости, и јас секогаш ќе Те прославувам во сите денови од мојот живот.

Зашто Тебе Те воспеваат сите небесни сили, и Твоја е славата во вечни векови. Амин.

Исто така:

Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја. Те фалиме, Те благословуваме, Ти се поклонуваме, Те славословиме, Ти благодариме заради Твојата голема милост.

Господи, Цару небесен, Боже Отче Седржителу, Господи, Сине единороден Исусе Христе, и Свети Духу. Господи Боже, јагне Божјо, Сине на Отца, Ти Кој го земаш гревот на светот, помилуј не’; Ти Кој ги земаш гревовите на светот, прими ја нашата молитва; Ти Кој седиш оддесно на Отца, помилуј не’. Зашто Ти си единствен свет, Ти си единствен Господ, Исус Христос, во слава на Бога Отца, амин.

Секој ден ќе Те благословувам, и ќе го фалам Твоето име во вечни векови.

Господи, Ти си ни бил прибежиште од род во род. Јас реков:

Господи, помилуј ме, исцели ја мојата душа, зашто згрешив пред Тебе.

Господи, кон Тебе прибегнав, научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си Бог мој; во Тебе е изворот на животот, во Твојата светлина ќе видиме светлина. Дај им ја Твојата милост на оние кои Те познаваат.

Удостој не’, Господи, во овој ден да се сочуваме од грев. Благословен си Господи, Боже на нашите татковци, и фалено и прославувано е Твоето име во векови, амин.

Нека биде Твојата милост на нас, како што се надевавме во Тебе.

Благословен си, Господи, научи ме на Твоите заповеди;

благословен си, Владико, вразуми ме co Твоите заповеди;

благословен си, Свети, просвети ме co Твоите заповеди.

Твојата милост, Господи, е вечна, не презирај ги делата на Твоите раце.

Тебе Ти прилега пофалба, Тебе Ти прилега пеење, Тебе слава Ти прилега, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин.

Пренесено од книгата “Псалтирот”