Што треба да прави православниот христијанин пред причестувањето

Што треба да прави православниот христијанин пред причестувањето

Што треба да прави православниот христијанин пред причестувањето

DSCN3712ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИ ПРАВОСЛАВНИОТ ХРИСТИЈАНИН ПРЕД ПРИЧЕСТУВАЊЕТО

Ако подготвени се причестуваме, можеме да се надеваме дека ќе добиеме прошка на гревовите, душевен мир и телесно здравје, а во идниот живот –  Царство Небесно.

Како да се подготвиме за таа голема и страшна Тајна?

Пред сè, потребно е да имаме цврста вера дека светата Причест е востановена и ни е дадена од Самиот Спасител на Тајната вечера, пред Неговите страдања и крстната смрт. Несомнено верувај дека тој леб што го јадеш е самото Тело Христово, а вното што го пиеш е самата пресвета и скапоцена Крв Негова.

Кога се подготвуваш за светата Причест вдлабочи се во себе и провери си ја совеста со какви гревови си го наскрбил Господа. Потоа, ако имаш можност, побрзај кај свештеникот за да си ги исповедаш гревовите, со скрушено срце, и од него не сокривај ниту еден грев, зашто скриениот грев е двоен грев. За подготовката е особено важно да немаме непријателство со никого, туку да сме се смириле со сите и на сите од срце да сме им простиле. Непријателството и злобата ни ја прават светата Причест да ни биде за суд, за осудување и за вечна мака.  Кога пристапуваме кон светата Причест, секогаш да си спомнуваме дака пристапуваме кон самиот Христос, нашиот Семилостив Создател и Искупител, но и Страшен Судија, и да стоиме со трепет во очекувањето на Неговиот Суд. Но, истовремено предај се со сета душа и срце на Неговата бескрајна милост и речи, заедно со благоразумниот разбојник: „Спомни си за мене, Господи, во Твоето Царство“.

Оној, кој се причестувам е должен да ги запази предвидените големи и еднодневни пости. Но, што е вистинскиот пост? За многумина тој е нејадење месо и друга мрсна храна (млеко, масло, јајца и сите продукти од животинско потекло). Навистина, таа храна во постите е забранета. Древните христијани за време на постот употребувале само најскромна растителна храна, и тоа во сосеми умерени количини. Пост е и недонајадувањето. Вистинскиот пост не се состои само во тоа да го смири телото, туку ида го воздигне духот, да ги заузда гревовните страсти и желби. Затоа, ако телесно постиме, а истовремено не се воздржуваме од зло, ако не го воздржуваме јазикот од лоши зборови, рацете и нозете од лоши дела, срцето од лоши чувства, тогаш нашиот пост ќе биде ништожен. Кога се подготвуваме за светата Причест, треба да земаме помалку храна, но пред сè, и неминовно е, да се откажеме од своите лоши навики и пороци, осудување, завист, злоба, празнословие, пијанство, а за сметка на тоа да ја зајакнеме и удвостручиме молитвата.

Откако си се удостоил да ја примиш светата Причест, побрзај да му заблагодариш на Бога од сето свое срце и од сета своја душа, зашто Он не те отфрлил, наспроти твојата недостојност. Заблагодари на Бога и моли се да ти ја направи душата одаја за Неговото пребивање заедно со Небесниот Отец и Пресветиот Дух. По причестувањето, потруди се да размислуваш за големината на оваа преславна Божја Тајна и не брзај да ги враќаш мислите кон твоите секојдневни занимања. Потруди се, макар малку, да го промениш својот живот, и тѕака да го задржиш подолго во себе си Божествениот Гостин. Внимателно следи си ги мислите, желбите и постапките, спомнувајќи си почесто дека си ветил да живееш според Божјите заповеди и обрнувај се кон Твојот Создател со умилна и срдечна молитва.

Блазе на тој човек, кој подготвен ја примил светата Причест и барем малку го поправил својот живот, зашто секоја промена кон добро ја привлекува кон нас благодатта на Светиот Дух. Но, колку несреќен ќе биде оној, кој по исповедта и светата Причест не се грижи да се воздржува од гревови! наместо очистување и прочка, врз неговата душа паѓа нов, страшен грев, зашто лесномислено и без големо внимание, како кон себе си, пристапил и кон светите Христови Тајни. Според учењето на светите Отци, тој се поистоветува со оние, кои Го распнале Христа Господа. Затоа, браќа и сестри, да се потрудиме постот и молитвите да не ни бидат напразни, а примањето на светата Причест за суд, или за осуда, туку за спасение на душите и телата. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски Петар

Advertisements