Славете Го Господа – Митрополит Јосиф Тетовско-гостиварски

Славете Го Господа – Митрополит Јосиф Тетовско-гостиварски

Славете Го Господа – Митрополит Јосиф Тетовско-гостиварски

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!”

(Јован 10,13)

Драги браќа и сестри,

Со гласно пеење на овие зборови многу деца, возрасни и стари, простирајќи ја својата облека и со палмови гранчиња во рацете, кои се симбол на победата, брзо Го пресретнале и Го прославиле Царот, Кој седејќи на осле, влегол во Ерусалим и го исполнил она што било речено за Него во Писмото од пророците: „А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: Кажете и на ќерката Сионова: ете, твојот Цар доаѓа пред тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница“ (Матеј 21,4).

Во тие денови во Ерусалим за Пасха доаѓале многу луѓе, не само од цела Палестина, туку од сите земји каде што живееле Евреите и дел од тој народ, кој и претходно слушал за Господа Исуса Христа, жеден се собрал пред влезот на градот да Го пресретнат и да Го видат Животодавецот и Оној, Кој само пред еден ден во Витанија, воскреснувајќи го четиридневниот Лазар, својот пријател од мртвите – ја победил смртта. Присутните при тој впечатлив настан – Свеченото влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, пред Неговото крстно страдање со голема и неизмерна радост го пречекале Господа, Кој смирено и кротко со своите ученици влегувал во Ерусалим. Народот во тие мигови ликувал и вокликнувал торжествено „Осана на Синот Давидов“ – што значи спасение, „благословен е Оној Кој иде во името Господово“ (сп. Мат. 21,8-9). Оваа песна се леела и од устите на децата со што пак, се исполнило и пророштвото на старозаветниот псалмопеач Давид, кој прорекол дека: „Од устата на младенците и девојчињата си ја создал похвалата Своја, заради непријателите Твои, за да го срушиш непријателот и одмазникот“ (Псалм 8,2). Пофалната песна „Осана“, која децата вдахновени од Светиот Дух Му ја принеле на Христа значи и „Слава“. Тие додавајќи „во висините“, покажале дека Он како Цар се прославува со песна не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небото.

Почитувани,

За жал многу од присутните на настанот, кои се радувале погрешно го сфатиле Христовото царско служење, кое не е земно, туку небесно и вечно. Многумина го пречекале како земен Цар, Кој ќе ги избави од земното ропство, иако Он јасно во текот на својата проповед, па и пред Пилат одговорил дека: „Неговото царство не е од овој свет…“ (Јован 18,36), сакајќи јавно да укаже на Својата спасоносна мисија помеѓу луѓето. Малкумина биле тие што вистински сфатиле дека Неговото влегување во Градот на мирот, дека Неговото патување кон Својата смрт било од љубов – заради нас луѓето и заради нашето спасение, дека било смирено и кротко доаѓање, доаѓање како Цар, Кој со своите дела ќе послужи на народот, а не доаѓање за Нему да му служат. Неговото доаѓање било за духовно ослободување од ропството на ѓаволот, за победа над гревот и смртта, а не за победа на земната власт и за војна. Како плод на несфаќањето и недоразбирањето на Христовата мисија се родила и променливоста и нестабилноста во однесувањето на мноштво од народот, кој тогаш ликувал, а само по неколку дена се вратил при Него со нов восклик, многу гнасен и многу страшен, полн со омраза и злоба, а кој гласи: „Распни Го!“.

Знаејќи го сето тоа што наредните денови ќе се случува Небесниот цар кога се искачил на Елеонската Гора, гледајќи го целиот Ерусалим, се нажалил и заплакал, заради моралната расипаност и нестабилност на неговите жителите, кои покрај сето тоа што Он го направил за нив, тие се одлучиле на љубовта да возвратат со омраза, на добрината со зло.

Возљубени,

Почнувајќи од денес, од празникот Цветници, а и во останатите дни од нашиот живот – поучени од нестабилните постапки на ерусалимските жители, да се трудиме да не бидеме причина за тага на нашиот Господ, туку да се трудиме со радост, разумно сфаќајќи ја Христовата мисија, со вера, надеж и љубов да Го пресретнеме Него, нашиот Спасител и од длабочината на нашата душа да Му принесеме похфала за сè што за нас направи и сеуште прави, да се стремиме и да поминуваме сè повеќе и повеќе време во подготовка на нашето срце и со смирение и трепение да Го прифатиме и да Му дозволиме да влезе во нашето срце – нашиот внатрешен Ерусалим и да престојува во нас преку сите дни од нашиот живот.

Патот до Ерусалим да го одиме во нас самите, преку духовно созрцание, преку очистување на нашето срце, преку просветлување и слегување на нашиот ум во срцето, за да го здобиеме мирот Божји, што го што надвишува секој ум, и што ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа (Филип. 4,7), на Кого и сите ние денес од овде на земјата, заедно со ангелите на небесата, да Му оддадеме слава, чест и поклонение по примерот на Ерусалимските деца, пеејќи и воскликнувајќи „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!” (Јован 12,13). Амин!