0_8159e_336d0df8_lСЛОВО ЗА ПАРАСТОСИТЕ

Православниот христијанин со својата смрт не прес­танува да биде член на Црквата. Преку смртта христијанинот преминува од еден дел на Црквата во друг. Заминува од земната Црква (воинствената) во небесната (торжествената). Но и зем­на­та и небесната Црква претставуваат една е единствена Хрис­то­ва Црква, Негово Тело, столб и тврдина на Вистината.

Според тоа, како што Црквата за своите чеда се гри­же­ла во текот на нивниот овоземен живот, подавајќи им, како нај­неж­на мајка, полнота на благодатта и благослов преку светите Тајни и Молитвословијата, така таа не ги напушта и не ги забо­ра­ва ниту во часот на смртта, а ни после тоа. За Црквата, како и за Самиот Господ, „нема мртви“, зашто нашиот Бог е „Бог на живите, а не на мртвите“.

Во предсмртните мигови Црквата се труди преку мо­лит­ви­те, исповедта и причестувањето што подобро да ги подготви своите чеда за излегување пред Божјото лице и преминот во веч­ниот живот, а по смртта не ја прекинува врската на љубов кон нив, туку ја продолжува преку послесмртните молитви: опе­ло, парастос и помен (трисаѓија, блудец).

Многумина не знаат што претставува парастосот и која е неговата смисла!

Парастосот е еден од заупокоените чинови на Пра­во­слав­ната Црква, кој во одредени денови и време се служи за по­кој на душите на нашите починати роднини и ближни. Зборот „парастос“ има грчко потекло и значи: да се даде поддршка не­ко­му, да се завземеме за некого, да посредуваме за некого, заш­то преку оваа служба Црквата, преку своите молитви се зав­зе­ма и посредува пред Бога за своите починати членови.

Парастосот, како и останатите заупокоени обреди, всуш­ност, претставуваат посебни чинови востановени од страна на Црквата во спомен на починатите и во себе содржат посебни молитви за нив. Праксата на Црквата да се грижи за своите по­кој­ни членови се заснова, од една страна, врз догматски причи­ни, а од друга страна, врз наследството од поранешните прет­христијански религии. Пред сè, самиот поим на Црквата како заедница на светите, која се состои не само од живите (според човечкото сфаќање), туку и од нејзините починати членови, како и верата во задгробниот и иден живот, во општото воскре­се­ние и судот, како нужна последица имале принесување на молитви за „блажен покој и упокојување на душите“ на оние, кои во Христа починале.

Исто така, и кај древните евреи, како и кај незнабош­ци­те, уште во времето кога христијанството никнувало, постоеле посебни обреди и чинови во чест и спомен на починатите, кои, без сомневање, иако надворешни и формални, сепак допринесле за продолжување на најстарите обичаи во врска со погребите, бидејќи тие не само што не биле во спротивност со вистинската вера, туку во христијанството добиле нова смисла.

Таа сличност во посмртните обичаи обично се среќава во книгите на Стариот Завет, каде што се наведува дека Јуда Макавеј, доследен на учењето за воскресението на мртвите, го испратил во Ерусалим она што било потребно за принесување на жртва за оние, кои загинале во војните. Кај незнабошците, пак, имало обичај да се изнесува јадење на гробовите на почи­на­ти­те, зашто верувале дека со пријателите таму јадат и почи­на­ти­те. Раздавањата, пак, кај христијаните, иако по својата надво­реш­ност наликуваат на овој незнабожечки обичај, сепак, до­би­ле сосема друга смисла. Кај христијаните, грижата за покој на душите на починатите, особено се покажувала во милостињите и делата на љубовта. За вредноста на таквите дела и молитви за покојните говорат и најстарите христијански списи, како и мно­гу свети отци и учители на Црквата.

Значи, кога некој од нашите ближни ќе се упокои, то­гаш е потребно да се пејат парастоси во 3-от, 9-от, 20-от и 40-от ден по смртта, како и за 6-месечниот и годишниот помен. Опш­ти­те помени, кои се извршуваат за сите „од векови починати отци и праотци“, се извршуваат на задушниците – деновите пос­ве­тени на покојните, а особено во саботите спроти месопусната недела и спроти Духовден. Сите овие парастоси во христи­јан­ст­вото добиле длабоко духовно значење. Така, парастосот во третиот ден го символизира тридневното пребивање на Христос во гробот, а се извршува во чест на Света Троица, Која е самата суштина на нашата вера. Парастосот во деветтиот ден се извршува во чест на деветте ангелски чинови, кои треба да ѝ бидат поткрепа на нашата душа пред донесувањето на посеб­ниот суд; во 20-от ден служиме парастос со кој на душата на покојникот ѝ помагаме полесно да го мине патот низ митарст­ва­та; 40-от ден служиме парастос, зашто на тој ден душата ја очекува пресудата од праведниот Судија, која се изрекува на посебниот Божји суд, во очекување на сеопштото воскресение на мртвите и општиот суд, кога секој ќе добие награда или казна, според тоа како го поминал овоземниот живот. Годиш­ни­те парастоси не се извршуваат на денот на телесното раѓање, туку на денот на вистинското раѓање за вечен живот, односно, на денот на упокојувањето.

Посебно треба да се нагласи дека живите членови на се­мејствата и роднините честопати грешат во односот кон своите починати. Парастосот, пред сè, е молитва за покојниот, па спо­ред тоа треба да се извршува тогаш кога му е редот, а не тогаш кога им одговара на живите. Тоа особено се однесува на 40-дневниот помен, кој треба да се извршува точно во 40-от ден од смртта, сметајќи го денот на смртта пред вечерната богослужба како прв ден, а ако е починат по вечерната богослужба, тогаш наредниот ден се смета за прв ден. Поместувањето на овој помен заради присуство на роднини од подалечни краишта, или во неработен ден, е сосема неоправдано и погрешно според уче­ње­то на Црквата. Годишните и полугодишните парастоси мо­жат да се поместат за некој ден порано или подоцна, без раз­ли­ка, но 40-дневниот парастос не смее да биде поместен ниту еден ден, заради неговото големо значење за душата на покојниот. Потребно е да се знае и тоа дека помените треба да се прават во саботен ден (освен 40-дневниот помен, кој се одржува точно на денот), зашто саботата е ден посветен на покојните, а не во недела, зашто неделата е ден на воскресението и ден на Христовата победа над смртта.

Освен тоа, забележителни се премногу суеверни и не­ос­но­вани обичаи кога ќе се случи да се упокои некој наш ближен. Покривањето на телевизорот и огледалата во домот на по­којниот со платна, ставањето пари и храна во ковчегот, завит­ку­вањето со свеќа на покојниот во ковчегот, одврзувањето на врвки од чевлите и кинењето на копчиња од облеката, става­њето на камен и леб на масата по изнесувањето од домот се СОСЕМА НЕПРИЛИЧНИ РАБОТИ, СУЕВЕРНИ И НЕ ИМ ПРИЛЕГААТ НА ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ДА ГИ ИЗВРШУВААТ. Кога се служи парастос во црква или на гробишта, задолжително треба да се има приготвено варена пче­ница измешана со мед (симболика на воскресението), црве­но вино (симболика на Христовата победа над смртта), прос­фо­ра, список со имињата на покојните (прв се пишува покојниот за кој се служи парастосот, а името се запишува веднаш по неговото упокојување, а не по 40-от ден), свеќи за присутните (по можност восочни). Кога се служи парастосот на гробишта присутните роднини и пријатели со лицето треба да бидат сврте­ни кон исток, како што е и положбата на покојниот, а не да стојат свртени кон запад. Ова е премногу грешен обичај и не е во согласност со учењето на Црквата. Сите присутни, заедно со свештеникот кој служи, треба да бидат со лицата свртени кон исток. На гробот треба да биде поставено сè што е потребно за служење на парастосот, а домашните се должни да донесат и мало кадилниче со брикети, за да може свештеникот да го покади гробот на покојниот и ближните кои се собрани во молитвата. Раздавањата на гробот треба да бидат скромни, а не луксузни и во непотребно расфрлање на пари. Убаво и христи­јан­ски е во тие денови да им се однесе храна на сиромашни, бол­ни и бедни, зашто раздавањето „за душа“ само тогаш има вис­тин­ска христијанска смисла.

За покојниот најважни се нашите молитви, а милос­ти­њи­­те ќе имаат значење и корист за покојниот кога се напра­ве­ни во согласност со учењето на Црквата, а не во следење на мо­дерни трендови, кои честопати се спротивни со духот и тра­ди­ци­јата на Православието.

Advertisements

Повеќе ...