Смирение

Од една страна го имаме фарисејот. Денес имаме многу предрасуди за него! Забораваме дека навистина, фарисеите биле најпочитуваните луѓе во општеството, затоа што припаѓале на еден посебен дел од верската заедница што живеела особено строг живот, од којшто произлегувале големи добродетели. И на фарисејот од Евангелието не му недостигале овие добродетели, а сведоштво за ова имаме од набројувањето што самиот тој го направил, стоејќи во Храмот.

Митарот (цариникот), знаејќи кој е и што е, на Бога Му се молел многу едноставно: „Боже, биди милостив кон мене, грешникот“. Проблемот е што фарисејот не се молел, туку само ги набројувал своите добродетели: „Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам… Изобилувам со добродетели“. Тој бил слеп за своите гревови. Дури и се свртел позади себе, и рекол: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник, кој се удира во гради. Јас сум поинаков!“ И оваа кратка приказна, парабола, завршува така што едниот од нив заминува оправдан – самиот тој митар, грешник, додека другиот – фарисејот, кој не е грешник, туку прецизно го следи верскиот закон, заминува осуден.

Што е значењето на оваа приказна? Што можеме да научиме од Спасителот? Смирение! Едниот бил смирен, додека другиот бил преисполнет со вообразеност, гордост и суета. Не само што не бил смирен, туку напротив, бил горд. Спасителот нѐ поучува на смирение; Спасителот е учител на смирението. Евангелието Христово е Евангелие на смирението, благовестие на смирението. Целиот овоземен живот на Спасителот бил исполнет со смирение. И Неговата смрт била од смирение – возвишено смирение. Смирение, смирение, смирение…

Протојереј Всеволод Шпилер
извадок од беседата во Неделата на митарот и фарисејот