Со потрагата по старци луѓето пропаѓаат во духовна празнина

Со потрагата по старци луѓето пропаѓаат во духовна празнина

Какви се таканаречените „духовни туристи“, зошто современите верници бараат манастирска духовност, дали можат манастирите да опстанат без поклоници и што претставува трезвениот поглед за животот во манастирите – за овие прашања размислува игуменот Петар (Мишчеринов).

Зошто луѓето се стремат кон многубројни поклонички патувања, што претставува „духовниот туризам“?

Кај надворешните, нецрковни луѓе, постои некаков елемент на мода, демонстрирање на благосостојба. Богатите луѓе сакаат да патуваат на Атос, Грција или Светите земји. Што се однесува до руските манастири, единствено само до некои од нив, на пример, сега Валаам започнува да предизвикува таков интерес. Таквата група на поклоници не пројавува интерес да патува низ провинциските места на Русија.

Постои и „определен“ стил на проповед, насочен кон богатите луѓе: поклонички патувања, пожртвуваност, возобновување на храмови и манастири – тоа е богоугодно дело, достапно за нив. Можеби исполнувањето на Христовите заповеди е недостапно, но затоа, пак, дарувањето на пари е достапно.

Поклоничко патување

Дали се полезни таквите патувања за некого?

На самите поклоници, секако, тоа не им носи никаква полза, тоа е дезориентираност – наместо проповед за христијански живот им се нуди зможност „да се откупат“. Што се однесува до манастирите, прашањето е комплексно. Мислам, дека манастирите треба да бидат изолирани – не само од туристи, туку апсолутно од сѐ. Манастирот е заедница на монаси, кои што се посветиле на внатрешното дело, и секоја посета на надворешни луѓе, дури и кога доаѓаат само за богослужба не помага на внатрешното дело.

Но, кај нас одамна е утврдено – манастирите да се сметаат за образец од самите мирјани, образец на богослужба, пастирска грижа, и сето тоа треба да се има во предвид.

Кога манастирот е затворен, неговите жители задолжително ќе треба да постојат благодарение на трудот на сопствените раце, да се занимаваат со нешто, за самите да си обезбедат храна, и на мене ми се чини, дека земјоделскиот труд не е соодветен, бидејќи освен што не носи солиден приход, не се вклопува целосно со внатрешното дело. Со други зборови, тие треба да бидат мали заедници, кои што ќе се занимаваат со интелектуална дејност, таквите, тешко е да си ги замислиме во нашата земја – тоа е некаква утопија.

А нашите манастири, широко отворени кон светот сепак треба од нешто да живеат. Тие извршуваат пастирска и богослужбена дејност, и нормално се потпираат на помошта и пожртвуваноста на другите. Така се уредени нашите манастири, но за целите на монашкиот живот – внатрешното дело, тоа според мене, со ништо не придонесува.

Дали може некако уредбата за манастирите да се промени така што монасите нема да бидат вознемирувани, а истовремено поклоните да имаат можност да го посетат манастирот?

Исто така не е добро што не постои многуобразност во манастирските устави (манастирски типик). Сега постои еден устав: тоа е општежителен манастир и во неговиот центар се наоѓа богослужението. Но, историјата познава и други видови на манастири: како општежителни, скитски така и синодални (финансирани од синодот, со определен број на монаси) – уште во XIX и почетокот на XX век. И малите манастири треба да се обидат да живеат на тој начин, како што спомнав и претходно.

А во големите манастири кои што извршуваат пастирско – просветна служба, потребно е се да биде осмислено за братството максимално да се заштити од световната суета. Кај нас, во Даниловскиот манастир, екскурзиите не се предводени од браќата, туку од фирми со професионални туристички водичи, кои што им раскажуваат интересни нешта за манастирот на мирјаните посетители. Неопходно е да се пронајдат некакви компромисни форми.

А што се однесува до црковните луѓе, тие стануваат „духовни туристи“, што им недостасува во храмовите кои што се близу до нивните домови и што тие му носат на манастирот?

Воцрковените туристи, од гледна точка на еден монах кој што живее во манастир, се голем проблем – таа појава целосно го опустошува духовниот живот. Според најстрогите позиции свештенството и монаштвото се сосем малку компатибилни по природа. Во древното предание гледаме дека и во големите општежителни манастири имало само по еден или двајца свештеници, за да извршуваат служба само за потребите на монасите, а не да се грижат за мирјаните (преп. Сава Осветен). Се текот на времено и тука настануваат промени, но според мене, таквите промени се апсолутно антимонашки.
Зошто луѓето патуваат до манастирите? Очигледно затоа што не ја добиваат потребната духовна грижа во парохиите. И тука се судираме со проблемот, за кој што зборувам подолго време. Ние немаме пастирска педагогика, кој што ќе ни дозволи да ги воспитуваме луѓето во вистинскиот христијански живот. Тоа пред сѐ е внатрешен живот, живот во Христос, за којшто сѐ црковно е само средство, помош, поддршка и др.

Кога сето тоа го нема, во човекот се создава празнина и тој започнува да ја исполнува со патувања, поклоништво и др. Уште во древноста Светите отци рекле дека поклоништвото нема никаков однос кон суштината на христијанскиот живот, дека тоа е губење на време и пари, дека тоа е еден вид на „дезориентираност“ – пренасочување на вниманието од внатрешниот живот на надворешниот, но од тогаш ништо не е променето.

Затоа човекот тешко го живее внатрешниот живот, бидејќи не го учат како треба да го исполнува. Затоа започнува да бара старци или слични на нив, и јас не знам какви сѐ не.

Но оној што бара и наоѓа – сигурно во манастири се поткрепуваат ваквите стремежи?

Секако, некој ќе каже, понудата во голема мера се раѓа од побарувачката. Навистина, додека сум свештеник, веќе 25 години, сум среќавал поединци коишто прашувале за духовниот живот – како да се молат, кои се „чистите по срце“, што имал во предвид апостол Павле кога рекол: „Зашто вие умирате, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога“ (Кол. 3,3), кој е „внатрешниот човек“ за кого што пишуваат апостолите и др. Таквите нешта никого не го интересираат. Христијаните ги интересираат истите работи кои што ги интересираат и нехристијаните – што ќе се случи во иднина или што е правилно да направам за да им биде добро.

Да, барањата се такви, но затоа во Црквата Христова е воведен пастирскиот чин – за да се спротивстави на таквата „општа религиозност“, да ги научи луѓето на вистината, да го проповедаат Евангелието и внатрешниот живот на Христос, а не некави чудни старци.

И бидејќи тоа недостасува, манастирите се полнат со „туристи“ во потрагата по старци. Се разбира, вистинските монаси се оптеретени од сето ова. Но, во денешно време, покрај манастирите се формира и соодветна супкултура заедно со економските особености и таа живее, и се заштитува себе си доколку е неопходно.

Дали постои некаков разумен исход од таквата ситуација, дали е неопходно целосно да се промени таквиот систем, устројството на манастирите или е потребно некако да се работи со луѓето?

Разумниот исход не е во револуција и реформација, туку во тоа секој човек сам да ја види ситуацијата свесно и во духот на христијанството. Не велам дека во современите манастири воопшто не е возможно да се живее и да се спасува – возможно е, но потребно е сѐ да биде на своето место и човекот не треба да се залетува кон старите книги, туку да добие вистинска перцепција за нештата.
Кога тргнав кон Даниловскиот манастир – а јас мислам, дека според внатрешното уредување е најдобриот, макар и што се наоѓа во центарот на градот – кога прашав еден духовник, тој ми рече: „Оди, манастир како манастир, како во книгите, сѐ е како кај Отците: смирение, послушание“. Но излезе дека не е сосема така, дека има некаква специфичност. На човек којшто оди во манастир треба да му се каже вистината, што го чека таму, какви се можните опасности, и тогаш тој ќе биде правилно ориентиран, бидејќи без помошта на пастирот многу тешко ќе се снајде.

За мојата генерација, која во манастир замина кон крајот на 80-те и почеткот на 90-те, немаше ништо такво. Започнавме од нула, и секако паѓавме во заблуди дека напишаното во книгите на Светите отци и современиот манастирски живот, особено во големите градови, се апсолутно исти.

Сакам да истакнам, можно е да се живее во овие манастири, да се подвизува во нив, и секој на своето место да го преобразува својот живот во нешто убаво. Но, мора веднаш да му се каже на човекот што доаѓа во нив сѐ како што е, не смее да го замаглуваме повикувајќи се на Светите отци и да ги дезориентираме луѓето. Нашето поколение има доволно опит за сето тоа да стане возможно.

Како да се разговара со „туристите“ – поклоници?

Исто како со богатите луѓе коишто патуваат по светите место, потребно е и на нив да им се каже вистината: патувајте, подарувајте, но треба да знаете дека на тој начин нема да си купите место во рајот. Ним треба да им се каже дека најважно е исполнувањето на Христовите заповеди во секојдневниот живот и во општественото служење, да не лажат, да не се служат со измами, да не се возгордеваат, и тогаш, како некаква незадолжителна опција, како „духовен одмор“ ќе им биде од полза поклоничкото патување до Света Гора или до Ерусалим.

Тоа, само по себе нема да го избалансира нивниот неправеден живот. За ова треба да се зборува! Многумина од нив мислат, дури и се чудат, зошто нивните духовници честопати им велат: „Сите се немоќни, грешни, но ти изгради еден параклис и твоите гревови ќе бидат простени“.

„Старците“ се една цела псведоцрковна идеологија и супкултура, која што внимателно треба да биде променета од носителите на црковната власт и заменета со здрава црковна педагогика. Но повеќе од очигледно е дека сето тоа сѐ уште не е меѓу приоритетните задачи на нашиот црковен живот…

Ирена Јакушева
ПРАВМИР