Четврта недела по Педесетница – Исцеление на слугата на стотникот

Матеј 8,5-13 „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави“.

Во денешното Евангелие слушаме еден потресен настан, кога стотникот на војската, доаѓа да Го моли Господ за исцеление на неговиот слуга. Истовремено, иако доаѓа кај Господ, сепак се чувствува недостоен, и бара од Него само со збор да го исцели. Тоа е скромност и смирение, чувство дека сме ништожни пред Бог, дека без Бог сме обична нула. Ова чувство денес многу ни недостасува во Црквата, затоа што станавме некако лажни ликови во сѐ: лажни бракови, лажни родители, лажни пријатели, лажни верници итн. И луѓето кои доаѓаат во црква често пати се без смирение и скромност, па во текот на постот, доаѓаат да се причестат само затоа што постеле некаков пост-диета од неколку денови, и со тоа сметаат дека се удостоиле за Светата Причест.

Пред извесно време служев Литургија, а пред почетокот на Литургијата забележав во дворот еден постар човек, како седи и пуши цигара. Истиот тој на крајот пристапи за да се причести. Го прашав, дали пушел цигари, а тој негираше. Неколку пати го прашав, и конечно призна дека пушел. Нормално, не го причестив. Ете, тоа се вика лажна вера, на лажни верници. Доаѓаат пред Христос во путирот и лажат. Какво неверие и богохулство. За жал, ова не е единствен случај.

Пред да излезе свештеникот да ги причестува верниците, повикува: Со страв Божји, вера и љубов пристапете.

Страв Божји е кога имаме чувство дека стоиме пред Господ, и не сакаме да згрешиме, но не од робовски страв, туку за да не се одвоиме поради гревот од Неговата љубов. И тука мораме да бидеме претпазливи. Со страв Божји да доаѓаме во црква, да се молиме, да се исповедаме пред духовникот како пред Господ, и со најголема стравопочит и трепет да се причестуваме. И никогаш да не се сметаме достојни за причест. Оној кој се смета за достоен, не треба да се причестува воопшто, бидејќи, ако беше можно да бидеме достојни без Христос, тогаш што ќе ни е Христос? Светата Причест е лек кој им се дава на болните од гревови, а не награда за нашето неколкудневно постење.

Втор услов кој се бара од нас е да имаме вера во Бог. Вера православна, неизвалкана од бајачки и секташки заблуди. Вера потврдена со нашиот живот, со нашите добри дела. Оној кој не верува целосно, онака како што нѐ учи Светата Православна Црква, тој не смее да се причестува. Освен вера, потребна е и доверба во Божјата промисла, дека сѐ што благоволил и допуштил Бог – е за наше спасение. Потребна е и доверба во свештенослужителите на Црквата, во оние кои Бог ги поставил да бидат пастири, та преку нивните раце Бог да нѐ крштева, да нѐ венчава, да служи Литургија и да нѐ причестува. Свештениот чин е свет и возвишен, дури и тогаш кога личноста која примила чин не секогаш е на тоа возвишено ниво. Но, заради светоста на чинот ја почитуваме и личноста која го носи тој чин.

Трет услов е – да имаме љубов, љубов сострадална, пожртвувана, љубов која простува, не мрази, не осудува, не се гневи. Оној кој нема љубов, ниту се труди да ја стекне, оној кој не простува – за таквите нема причест. И не треба да чекаме свештеникот да ни забранува, треба да сме свесни самите, и кога имаме непријателство со некого, кога се гневиме, кога мразиме, кога се тужиме по судови со роднините и соседите, кога не ги сакаме ни своите родители, ни своите деца, ни своите браќа и сестри – тогаш не смееме да се причестуваме.

Постот со храна е важен и никако не смееме да го релативизираме, но да обрнеме внимание и на нашиот секојдневен однос кон луѓето околу нас. Какви сме со луѓето, такви сме и со Бог, и обратно. Да постиме правилно, со благослов од нашиот духовник, да се молиме редовно и дома и во храмот, да се исповедаме искрено и редовно кај својот духовник и со негов благослов да се причестуваме. Тогаш ќе имаме добар поредок во животот, тогаш ќе дејствува благодатта Божја во нас. Сѐ додека со лаги влегуваме во црква и лажно веруваме, или доаѓаме за да си го пополниме празното време, дури и да се причестуваме, таа Света Причест нема да ни биде од полза, туку дури ќе ни причини и штета. Имаме време уште една седмица, ако не сме се исповедале, да се обратиме кај свештениците и да се исповедаме, да се научиме на правилен, односно, православен духовен живот, на заедница со Бог и со ближните, во Црквата, во Светата Литургија. Амин.

Свештеник Јани Мулев