СВЕДОШТВА ЗА ЧУДАТА НА СТАРЕЦОТ ПОРФИРИЈ

………………..

Никола С. : Зошто Црквата ги прославува светителите како чудотворци? Бидејќи чудата се свидетелства на нашата вера. Бог прави чуда преку Своите светители за да ја разбуди или да ја укрепи верата.

Старецот Порфириј ги имаше даровите на Светиот Дух уште од својата младешка возраст. Го имаше дарот на проѕорливост, дарот на предвидување и дарот на исцелување. Со дарот на проѕорливост гледаше тела и души, болести, гревови, добродетели, проблеми, психолошки состојби. Човек не можеше ништо да му сокрие.

Се разболев еднаш и имав страшни болки. Во текот на оваа моја неволја зборував со светиот старец по телефон. А кога оздравев, отидов и го посетив да му заблагодарам. Ме праша дали сè уште ме боли.

Ме болеше малку, но во споредба со страшните болки што поминаа ја сметав за ништо малечката болка што ја имав. Па така му одговорив дека не ме боли.

„Не те боли?“, ме праша по вторпат.

„Не ме боли“, му одговорив. „На ова место овде“, ми вели, покажувајќи ми едно конкретно место на телото, „не те боли малку?“

„Да, ме боли“, му одговорив. Тогаш се насмеа и ми рече: „Зошто не кажуваш?“

Другпат кога чувствував болки, ме праша: „На ова место овде немаш болка?“ А кога му одговорив потврдно, ми кажа што треба да направам за да ми помине болката; како што и се случи. Ги гледаше, како што ви реков, телата, душите, мислите, сè.

Клитос Ј.: „Она што го видов, го објавувам“.

Никола С.: Еден ден, кога отидов кај старецот, сретнав таму некои девојки коишто исто така беа отишле да го видат. Но беа непристојно облечени. Старецот Порфириј разговараше со нив за разни духовни прашања, а воопшто не им забележа за нивниот изглед.

Јас, морам да признаам, во себе се изнервирав од овие девојки што беа отишле кај еден таков свет старец облечени на тој начин, но се соблазнив и од фактот дека старецот не им забележа.

Кога си заминаа девојките, тој насмевнувајќи ми се, ми рече:

„Г – дине Нико, јас не сум строг како што си ти“. Се разбира, веднаш сфатив дека ја разбрал мојата мисла и соблазна. Но го прашав:

„Зошто го велите ова, старче?“

Тогаш ми рече:

„Овие девојки дојдоа овде со непристоен изглед и не им забележав. Јас имам друга тактика; Зошто дури и да им зборував за изгледот, бидејќи немаат вера во Христа, нема да се поправат. Се обидувам прво да ги доведам до верата во Христа и тогаш самите ќе си ја сфатат грешката и ќе се поправат“.

Никола С, : Еден ден го однесов кај блажениот старец брат ми, кој е дипломиран правник. Старецот го задржа половина час покрај себе и му кажа навистина многу работи. Кога излезе брат ми надвор, изненаден и потресен, ми рече:

„Каков човек е отец Порфириј? Ми кажа се`. Дури и тајните мои, што ги знае само Бог и јас“.

Друг пат однесов кај него еден мој внук, студент по право. Тоа беше едно бунтовно дете, многу бунтовно. Штом го виде, старецот – со очите на душаат го виде, зашто тогаш веќе го имаше изгубено телесниот вид – му рече: „Ти си Коста бунтовникот?“ и му направи полна психолошка анализа.

Но тоа што му остави најголем впечаток беше кога го праша дали го фаќа меланхолија. „Да, отец“, одговори Коста.

Му вели тогаш старецот Порфириј: „Меланхолија те фаќа зашто си збркан во душата, бидејќи не си го решил проблемот на верата. А кога си меланхоличен, велиш:

„`Да се живее или да не се живее!?“ И навистина детето ја кажуваше оваа реченица. Често воздивнуваше и велеше: „Да се живее или да не се живее!“

Еднаш го придружував кај старецот директорот на една банка. А тој му зборуваше за него, за неговото семејство, па кога овој излезе надвор, ми рече;

„Отецот ме анализираше, ме расшрафи, ништо не остана скриено од неговите духовни очи“.

Китос Ј. : Тоа покажува што значи да ја има човек полната благодат на Светиот Дух.

Никола С. : Преку полната благодат на Светиот Дух човек гледа надалеку, додека ние гледаме само блиску.

Стариот Завет ги нарекува пророците `зеркатели“. Сите што го имаат овој дар, имаат `духовен телевизор` и ги гледаат рабпотите што ние другите неможеме да ги видиме со техничкиот телевизор.

Старец Порфириј го имаше дарот на натприродно познание за неверојатни нешта. На пример еднаш, додека патуваше со кола, и поминуваше низ разни предели, рече:

„ Овде, каде што сега поминуваме е закопан еден светител.“

Иако имаше одено само во првите одделенија на основното учичлиште, им зборуваше на учените – многумина учени го посетуваа – со конкретната терминологија, на биолозите со терминологијата на биологијата, на астрономите со јазикот на астрономијата, на хемичарите им зборуваше за хемиските соединенија итн. Неверојатни работи. Ви велам, неверојатни…

Клитос Ј. : Имаше мудрост што слегува одозгора.

Никола С.: Еден од научниците, чија што специјалност беше нуклеарна физика, кога за прв пат разговараше со него не можеше да поверува дека старецот нема завршено ниту основно школо. Како што самиот старец Порфириј еднаш ми објасни, сите овие работи ги знаеше преку просветлувањето од Светиот Дух.

Клитос Ј. : Беше обожен.

Никола С. : Да, обожен.

Една Гркиња, верна девојка, еден ден однесе кај старецот Порфириј една Французинка, нејзина пријателка, која не веруваше во Бога, беше атеист. И иако ниту старецот Порфириј знаеше француски ниту Французинката грчки, одлично се разбраа.

А кога Французинката излезе од келијата на старецот, возбудена и потресена, извикуваше: „Постои Бог, постои Бог!“. Влезе неверна, а излезе верна.

Клитос Ј.: Човек може само да се восхитува, г-дине Сотиропулос.

Никола С.: Да Ви кажам сега и неколку случки што се однесуваа на дарот на предвидување на старецот Порфириј, со којшто ја гледаше иднината.

Еден ден еден пријател и јас зборувавме за една студентка по теологија на којашто и` се восхитувавме заради нејзиниот духовен напредок, за нејзината ревност, за нејзиниот ентузијазам, за нејзината трудољубивост. И си велевме дека ќе се развие во една вистинска светоотечка личност.

Старецот Порфириј ја мрдна главата, воздивна и рече: „Тоа го велите вие, но јас не го делам вашето мислење. Јас, длабоко, гледам други работи. Се случуваат страшни превирања во нејзината душа и за кратко време ќе отфрли сè, и богословијата, и религијата, и ќе стане посветска од светските.“

Нам, вистина е, ни беше тешко да поверуваме во такво нешто. Но, за жал, за кратко време таа девојка толку многу се измени, што навистина стана непрепознатлива и во ништо не личеше на старата.

Другпат, пак, двајца млади родители отидоа со нивното дете да го видат старецот Порфириј, кој со дарот на предвидување виде дека детенцето набрзо ќе умре. Без да им го каже тоа на родителите, ги праша дали е крстено.

А кога му одговорија дека е сè уште некрстено, ги праша кое име одлучиле да му го дадат. Му го кажаа името и старецот го зеде детето во раце и го крена трипати во воздух; му направи крштевање во воздух.

Им го даде детето назад на родителите и им рече:

„Не грижете се, млади сте, ќе имате и други деца“. Луѓево тогаш не го сфатија значењето на овие зборови на старецот. По неколку дена детенцето умре. И тогаш го сфатија и крштевањето во воздух и зборовите на отец Порфириј.

Клитос Ј.: Навистина е неверојатно колку работи гледаше старецот со своите духовни очи.

Никола С.: Господине Јоанидис, ја виде и војната во Персискиот Залив. Ми кажа и мене: „Дете, неизбежна е војната, го гледам тоа. Гледам големо крвопролевање, плачам и ридам“. И му течеа солзи од очите.

А кога војната кулминираше, рече: „Сега се подготвуваат да склучат мир“. Кога следниот ден започнаа операциите на копнените сили, еден од нас, кој имаше чуено дека старецот има зборувано за мир, рече дека овојпат „утнал“.

И му одговори еден друг: „Старецот Порфириј не греши. Тоа што го рече, ќе се случи“. И за кратко време навистина склопија мир.

Клитос Ј.: Тоа е големата лекција што треба да ја научиме од старецот Порфириј: колку повеќе Го љубиме Бога, толку повеќе Му веруваме, толку повеќе ни ја дава Својата благодат и се исцелуваме од нашите беззаконија и гревови.

Господине Сотиропулос, на почетокот од нашиот разговор го споменавте и дарот на исцелување на старецот Порфириј. Можете ли да ни кажете некои конкретни случки?

Нинкола С.: Да ви кажам прво за еден мој соработник. Заедно отидовме кај старецот.

„Гледам нешто овде, на ова место на главата“, му рече. „Не чувствувам апсолутно ништо, старче“, му одговори. „Добро, добро. Но јас нешто гледам“, настојуваше старецот.

По четири години, на ова место се појави малигнен тумор. И повторно отидовме кај старецот за да го посоветува дали треба да прави операција во Грција или во странство. Го прекрсти и му рече:

„Ако сакаш, и во Грција можеш да ја направиш операцијата и ќе бидеш добро.“

Се изврши операцијата, а човекот падна во кома цели четиринаесет дена. Децата негови, можете да замислите, неможеа веќе да одат да го гледаат.

„Не можеме да го гледаме татко ни мртов“, велеа. Зашто, навистина, не се разликуваше од мртовец. Ние бевме потресени после ова, зашто и лекарите ни рекоа дека не можат повеќе ништо да сторат за него и дека, всушност, умира.

И му кажавме на старецот Порфириј: „Вие велите дека ќе биде добро, а тој е еден незакопан мртовец“.

Старецот се насмевна и ни рече на оној негов карактеристичен начин: „Добро, добро. Молете се и вие, молете се“. И навистина, човекот оздраве и сега е супер.

Клитос Ј.: Уште едно воскресение од мртвите во слава на Бога.

Никола С.: Една наша соработничка имаше рак во многу напреднат стадиум. Ја однесовме кај старецот Порфириј, ја прекрсти, се помолија малку заедно и и` рече дека ќе биде добро.

По неколку дена направи нови испитувања во болницата и лекарите беа зачудени: „Што се случува со Вас?“, ја прашуваа и ја препрашуваа.

„Зарем нашите апарати правеа грешка толку време? Или ние грешевме во дијагнозата?

Каде отиде ракот што го имавте? Сега немате ништо. Вие сте потполно здрава.“

Таа тогаш им објасни дека не се случила никаква грешка, туку дека отишла кај старецот Порфириј и се случило чудо. Лекарите во болницата беа растреперени и се восхитуваа.

Клитос Ј.: „Господи, Господи, колку е чудесно името Твое по целата земја!“

Никола С.: Ми телефонира една моја познаничка од Канада. На детето нејзино му се појавил рак на главата. „Ти“, ми вика, „знаеш еден свет подвижник.

Те молам, оди да го најдеш и да го замолиш да се помоли, за да оздрави моето детенце“.

Отидов кај старецот Порфириј, му кажав за детето и тој го прекрсти од ова растојание; тој во Грција, а детето во Канада. И детенцето оздраве. Што да кажеме, а што да изоставиме, господине Јоанидис!

(продолжува)

(Пренесено од СТАРЕЦ ПОРФИРИЈ, Книга 1, од Клитос Јоанидис)

Повеќе ...