Која е Велика Седмица?

Великата Седмица е неделата пред Пасха (од неделата на Цветници па до Велика Сабота) и се нарекува „Велика“, не затоа што има повеќе денови или часови од другите седмици, туку затоа што настаните кои се празнуваат и доживуваат во светите храмови се спасителни за човекот.

Како се живее литургиското време на Великата Седмица?

Црквата од големо човекољубие, за да можат што е можно повеќе верници да учествуваат во богослуженијата, дозволува од почетокот на Великата Седмица, да се пее Утрената од наредниот ден (На пр. на Цветници вечерта се пее Утрената од Велики Вторник – таква пракса има во Грчката Црква).

Што се празнува во деновите на Великата Седмица?

Првите четири денови нѐ подготвуваат духовно за божествената драма и службите се нарекуваат „Последованија на Женихот (т.е. Младоженецот – Христос)“.

Велики Понеделник

На Велики Понеделник доминираат два настана:

  1. Животот на Јосиф, единаесеттиот син на патријархот Јаков, наречен Пангалос (предобар, преубав), т.е. убав и по тело и по душа. Јосиф го предизобразува со неговите перипетии (кој беше продаден како роб во Египет) Самиот Христос и Неговото страдање.
  2. Настанот со бесплодната смоква која ја проколна Христос (Мат. 21, 18-22): Ја симболизира еврејската синагога, а главно животот на израилскиот народ кој беше бесплоден од добри дела.

Велики вторник

На Велики Вторник си спомнуваме и живееме две параболи:

  1. На десетте девојки (Мат. 25,1-13) која нѐ поучува да бидеме подготвени и полни со вера и човекољубие.
  2. За десетте таланти (Мат. 25, 14-30), која нѐ поучува на бидеме работливи и дека треба да ги обработуваме и умножуваме духовните дарови.

Велика Среда

Великата Среда е посветена на грешната жена (Лука 7,47), која покајнички ги обли нозете на Господ со миро и ѝ беа простени нејзините гревови, бидејќи покажа голема љубов и вера кон Господ. Се пее преславниот тропар на Химнографката монахиња Касијана.

Велики Четврток

  1. Свештеното миење на нозе на учениците од страна на Господ, покажувајќи им какво треба да им е служењето кон верните во Црквата.
  2. Тајната Вечера, т.е. предавањето на Тајната на Божествената Литургија.
  3. Молитвата на Господ во Елеонската гора.
  4. Предавството на Јуда, т.е. почетокот на страдањата на Господ.

Велики Петок

На Велики Петок имаме кулминација на божествената драма, се извршува „Службата на страдањата“ (на црковнословенски „страсти“ = страдања) и си спомнуваме и ги живееме спасителните и страшни Страдања на Господ и Бог наш:

  1. Плукање.
  2. Камшикување.
  3. Исмевање.
  4. Понижувања.
  5. Удари.
  6. Трнов венец.
  7. Распнување.
  8. Смртта на нашиот Христос.

Велика Сабота

На Велика Сабота наутро празнуваме:

  1. Погребението на нашиот Господ;
  2. Слегувањето во Адот, каде што им проповедаше на сите починати. Така на Велики Петок наутро (календарски), се извршуваат следниве служби: Царските часови, Симнувањето од Крстот, Погребението на нашиот Господ од Јосиф Ариматејски и од Никодим Фарисејот, член на Великиот Совет и таен ученик Христов.

На Велики Петок навечер се пее оплакувањето Христово и полагањето во гробот.

Неделата на Пасха

На Велика Сабота наутро, имаме таканаречено „Прво Воскресение“, т.е. предобјавување на Воскресението кое го објавуваат химните, и предобјавување на очекувањето на избавувањето на сето создание од распадливост и смрт.

На Велика Сабота на полноќ (т.е. сабота спроти недела), го славиме животворното Воскресение на нашиот Господ, победата над смртта и распадливост и испраќањето на Светиот Оган во светот од Пресветиот Гроб Христов.

Неделата на Пасха (обично во 9.00 наутро), се извршува „Вечерната на љубовта“ (или Второ Воскресение), кога се чита Светото Евангелие на повеќе јазици и низ цел свет се објавува победата над смртта и времето на Новиот Завет, на радост на Воскресенската радост.

Кое е најдлабокото значење на Страдањата и на Воскресението за сите нас верните?

Ние верниците ги живееме страдањата и воскресението на Христос соучествувајќи активно во нив со „соучество“, „сораспнување“ и „совоскресение“! Христос со Својата волја пострада и воскресна за да бидеме спасени сите ние! Тоа значи дека не жалиме „фатално“ за Неговото страдање, туку за нашите лични гревови и откако ќе се покаеме искрено можеме објективното спасение кое го изврши Христос да го направиме и субјективно – лично спасение!

Свештеник Јани Мулев