Денес го славиме споменот на светиот Јаков, син на Јосиф обручникот, од неговиот претходен брак со Соломонија. Јаков го гледаме на иконите, каде што е опишано бегството на Јосиф и Пресвета Богородица со малиот Исус кон Египет. Кога Јосиф требало да го дели имотот на своите деца, сите со побуниле и не сакале да има дел за Исус, само Јаков му понудил место на Исус на својот дел. Оттогаш бил наречен брат Господов, и тој бил вброен во седумдесетте учиници Христови, и бил поставен за прв епископ на првоформираната Црква во Ерусалим. Таму епископувал 30 години. Еден ден од страна на еврејските старешини бил натеран да се качи на покривот од храмот и од таа висина да зборува против Христос. Светиот Јаков се искачил и од покривот го повикувал народот да верува во Христос Спасителот на светот. Поради ова гневните еврејски старешини се искачиле и го турнале од покривот и тој паднал, но сѐ уште бил жив. Тогаш еден разулавен од гнев Евреин отишол и со камен му ја столчил главата, така што мозокот му истекол. Така маченички го завршил животот овој свет апостол во својата 63 година.

Како прв епископ и сведок на сите настани опишани во Светото Писмо и Светото Предание, тој ја напишал првата Литургија, која ја извршувале христијаните во Мајката на сите Цркви – Ерусалимската црква. Во постапостолскиот период се појавиле и други литургиски чинови, бидејќи литургиската пракса долги години, па и векови, не била еднообразна, туку постоела голема слобода при служењето на Литургијата. Па така, како најпрва и основна Литургија на истокот се смета Литургијата на свети Јаков, потоа од свети Марко, од книгата Дидахи, од Апостолските установи, од светите Кирил и Атанасиј, од свети Серапион Тмуитски, а во IV век светите Василиј и Јован Златоуст ја скратиле Јакововата, и направиле поскратени Литургии кои ги служиме до ден денес. На запад се развил Римски обред, римска литургија, келтска, галска, амвросиева (миланска) и мозарабска. Во XX век воведена е византиска литургија за унијатите, за полесно придобивање на Православните кон унија со Рим. Исто така православните богослови направија римска литургија наменета за православните кои доаѓаат од Римокатолицизам. (Таква Литургија служел и свети Јован Шангајски, па неуките го обвинуваат дека бил еретик.)

Ниту една Литургија не е падната од небо како готов производ, туку секоја од постоечките Литургии претрпела измени и дополнувања. Јакововата Литургија која денес ја служиме е реконструирана Литургија составена од старите молитви, кои биле пронајдени и кои се спомнуваат како делови од првата Литургија. Секоја Литургија содржи ист концепт. Па така, имаме вход со Евангелие, вход за пренесување на чесните дарови од жртвеникот до престолот, молитви за принесување, осветување на даровите, причестување на клирот и верниот народ, благодарење и отпуштање на народот во мир. Оваа Литургија е специфична по тоа што има читање на делови од Стариот Завет, како и многубројни молитви со длабока богословска содржина. Во оваа Литургија го нема византиското велелепие, својствено за Златоустовата и Василиевата Литургија.

Римска литургија адаптирана за православни

Јакововата Литургија е основна Литургија за сите други постоечки, и денес е пракса да се служи два пати во годината. Денес имавме прилика и голем благослов за нашиот град, за нашата епархија, за првпат да ја отслужиме оваа древна Литургија. Ако даде Бог ќе ја збогатиме нашата Литургиска пракса со превод, објавување и служење и на другите древни Литургии.

За крај, би сакал да нагласам, дека ова не значи промена на Литургијата, ниту воведување новотарии, како што мислат неписмените, туку возобновување на древните Литургии, за поука на сите нас, да видиме во живо, како отприлика изгледале Литургиите во првите векови од раното христијанство.

Нека ни е за многу години празникот на свети Јаков, и уште многу години да ги служиме овие древни литургиски чинови. Амин.

Свештеник Јани Мулев