Свети Климент Охридски

Свети Климент Охридски

Свети Климент Охридски

Свети Климент архиепископот Охридски, е ученик на светите Методиј и Кирил. По смртта на свети Методиј, Климент, под притисок на Германите, тргнал од Моравија на југ. Со Горазда, Наума, Сава и Ангеларија – сите заедно наречени „Петточисленици“ го поминал Дунав, како гостин останал кај царот Борис Михаил и потоа дошол во охридскиот крај. Првин основал манастир во Белица, каде што му било и неговото прво епископско седиште. Подоцна се преселил во Охрид, од каде што развил голема архипастирска и просветителска дејност за сета блиска и далечна околија. Во Охрид свети Климент изградил црква посветена на свети Пантелејмон. Имал многу ученици, кои препишувале книги со словенско писмо за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагал свети Наум. Правел чуда и за време на животот, како што неговите мошти пројавуваат исцелителна моќ до ден денес. По големиот труд и вечерната служба на Бога, се упокоил мирно во Охрид во 916 година. Неговите чудотворни мошти се наоѓаа долги години во црквата света Богородица Перивлепта од каде што свечено беа пренесени во новоизградениот храм на свети Пантелејмон и свети Климент на Плаошник, којшто е подигнат врз старите темели на од него изградената црква. По неговите свети молитви Господ да нè помилува и спаси. Амин!

Чуда по молитвите на свети Климент Охридски

Старицата Л. Ш. која живее како вдовица во Охрид со својот посинок, го раскажува следниуов случај: Нејзиниот посинок сосема се одвоил од нив. Со години не сакал ни со писмо да им се јави. Живеел во Париз како писател и новинар. Имал добра плата од Југославија, но ним сиротите не сакал ништо да им испраќа. Л. секојдневно одела во црквата на Свети Климент и се молела на Бога за него, за да се промени неговото срце, и да не биде така сурово и безбожно. Во неделите давала просфори и вино за служење на Литургија, наменето за посинокот. И одеднаш посинокот дошол во Охрид, ја посетил својата куќа и им ветил дека редовно ќе им помага. И сега им испраќа помош и им пишува писма, и што е најважно, се моли на Бога, пости и се причестува. Некој негов другар ѝ раскажувал на Л., дека посинокот од пред некое време почнал да пости во секоја среда и петок. Па бидејќи не можел да најде посна храна во Париз, тогаш во среда и петок си подготвувал некои салати и со тоа се хранел во посните денови. Еве пример, каква е силата на молитвата, и како молитвата може да влијае на срцето на човекот од Охрид во Париз!

(Објавено на профилот на отец Гаврило Лепавински)

*

Во 1943 година дедо Филарет, кој тогаш привремено раководи и со Охридската епархија, ги кани сестрите да се поклонат на моштите на свети Климент Охридски. И покрај немирното време во текот на февруари – Неделата на митарот и фарисејот – тие тргнуваат на пат, заедно со нивната духовна старица, схимонахиња Евпраксија. Монахињите извршувале бдение и од побожност спиеле на подот во црквата на Свети Климент. Во една од ноќите додека се молела, мајка Касијана била озарена од силна светлина во храмот. Погледнала кон Царските двери и го видела самиот свети Климент, облечен во архиерејски одежди, кој ги благословувал! Оттогаш во срцата негувале посебна љубов кон светителот, когошто го имале за свој духовен покровител, и пред чијашто икона ги оплакувале своите душевни болки во тешките моменти.

Извадок од: http://pravoslaven-sviat.org/2013/12/10/zhizneopisanie/

Подготвил: Свештеник Јани Мулев