Title : Свети Сергиј Радоњешки (25 септември/8 октомври)

Свети Сергиј Радоњешки (25 септември/8 октомври)

Example User · 4 months ago

    7 minutes, 8 seconds Read time


rsz_mikhail_nesterov_001Во првата половина на 14 век изникнала знаменитата Троице-Сергиева Лавра. Нејзиниот основач Сергиј (во светот, Вартоломеј) бил син на ростовски болјари Кирил и Марија, коишто се преселиле близу Москва во населбата Радоњеж. На седумгодишна возраст, Вартоломеј тргнал на училиште. Тој со сета душа жеднеел за учење, но читањето не му одело. Жалејќи за тоа, тој дење и ноќе Му се молел на Господа да му ја отвори вратата на книжевното разбирање. Еднаш, барајќи ги по полето изгубените коњи, под еден даб видел некој непознат старец – црноризец. Монахот се молел. Момчето се приближило и му ја раскажало својата мака. Откако сочувствително го ислушал момчето, старецот почнал да се моли за негово просветување. Потоа, од ковчеже извадил мало парченце просфора и, благословувајќи го со неа Вартоломеј, рекол: „Земи, чедо, и јади: ова ти се дава заради пројавување на Божјата благодат и за разбирање на Светото писмо“. Таа благодат навистина слегнала врз момчето: Господ му дал памет и разум, и момчето почнало лесно да ја усвојува книжевната мудрост.

По ова чудо, кај младиот Вартоломеј уште повеќе се засилила желбата да Му служи само на Бога. Тој сакал да живее осамено, по примерот на древните подвижници, но љубовта кон родителите го задржала во семејството. Вартоломеј бил скромен, тивок и молчалив, со сите бил кроток и љубезен, никогаш не се разгневувал и покажувал совршена послушност кон родителите. Обично јадел само леб и вода, а во посните денови се воздржувал од храна. По смртта на родителите, Вартоломеј го оставил наследството на својот помлад брат Петар и заедно со постариот брат Стефан се преселил десетина врсти од Радоњеж, во длабоката шума околу реката Кончјура. Браќата ја сечеле шумата со своите раце и изградиле ќелија и мала црква. Еден свештеник, испратен од митрополитот Теогност, ја осветил таа црквичка во чест на Света Троица. Така возникнала знаменитата обител на преподобниот Сергиј.

sergiev_posad_618x216_a

Наскоро Стефан го оставил својот брат и станал настојател на Богојавленскиот манастир во Москва и духовник на великиот кнез. Вартоломеј, пак, бил пострижен во монаштво со името Сергиј и околу две години се подвизувал сам во шумата. Не може ни да се претстави колку искушенија претрпел во тоа време младиот монах, но трпението и молитвата ги победиле сите тешкотии и ѓаволски напасти. Околу ќелијата на преподобниот Сергиј поминувале глутници волци, како и мечки, но ништо од нив не му наштетило. Еднаш светиот пустиник ѝ дал леб на една мечка што дошла кај неговата ќелија и оттогаш животното почнало постојано да наидува при преподобниот, кој со неа го делел своето последно парче леб.

sergiy_radonezhskiy-04Колку и да се трудел Сергиј да ги сокрива своите подвизи, славата за нив се распространила и кон него привлекла други монаси, коишто сакале да се спасуваат под негово раководство. Тие почнале да го молат Сергиј да прими свештенички чин и игуменство. Тој долго време не се согласувал, но гледајќи во упорната прозба повик одозгора, рекол: „Повеќе би сакал да се покорувам, отколку да раководам, но се плашам од судот Божји и се предавам себеси на волјата Господова“. Тоа било во 1354 година, кога светителот Алексеј стапил на катедрата на московскиот митрополит.

Животот и трудовите на преподобниот Сергиј имаат големо значење во историјата на руското монаштво, затоа што тој го поставил почетокот на пустинскиот живот, градејќи општожитие надвор од градот. Изградена на нови начела, обителта на Света Троица на почетокот трпела крајна оскудност: облеките биле едноставни, светите садови биле дрвени, во храмот наместо свеќи гореле дрвца, но подвижниците гореле од ревност. Свети Сергиј на браќата им давал пример на најстрого воздржание, најдлабоко смирение и непоколеблива надеж на Божјата помош. Во трудовите и подвизите тој одел прв, а браќата го следеле.

Еднаш во обителта сосема се потрошила залихата на леб. Самиот игумен, за да заработи неколку парчиња леб, своерачно изградил настрешница во ќелијата на еден брат. Но, во часот на крајната нужда, по молитвите на браќата манастирот неочекувано добивал штедра помош. По неколку години од основањето на манастирот, околу него почнале да се населуваат селани. Недалеку од него поминувал голем пат кон Москва и кон север, и благодарение на тоа почнале да се зголемуваат манастирските средства, така што и таа по примерот на Киево-Печерската Лавра почнала штедро да раздава милостина и да згрижува болни и патници.

Гласот за свети Сергиј стигнал до Константинопол, и патријархот Филотеј му пратил свој благослов и грамота, со која се потврдувале новите поредоци на пустинското општожитие, воведени од основачот на Свето-Троицката обител. Митрополитот Алексеј го сакал преподобниот Сергиј, му порачувал да ги помирува раскараните кнезови, му давал различни полномоштва и го подготвувал за свој преемник. Но Сергиј се откажал од ова избраништво.

Еднаш митрополитот Алексеј сака да му даде златен крст како награда за трудовите, но Сергиј рекол: „Од својата младост не сум носел на себе злато, а во староста би сакал повеќе да поживеам во немаштија“ – и решително ги отфрлил почестите.

Великиот кнез Димитриј Иванович, наречен Донски, го почитувал преподобниот Сергиј како татко и од него барал благослов за борба против татарскиот хан Мамај. „Оди, оди храбро, кнезу, и надевај се на помошта Божја“ – му рекол светиот старец и му испратил двајца соподвижници, Александар Пересвет и Андреј Осљабља, кои паднале како херои во Куликовската битка.

Уште за време на животот, преподобниот Сергиј творел чудеса и се удостојувал со големи виденија.

Еднаш, во време на Литургија,sergij liturgija2 неговиот ученик Симон видел како над светиот престол се движи оган, озарувајќи го олтарот и окружувајќи го служаштиот Сергиј, така што светиот бил обземен од пламен од глава до нозе. А кога преподобниот пристапил да ги прими Христовите Тајни, огнот се кренал и, свиткувајќи се како во некоја прекрасна обвивка, се нурнал во светата чаша. Мноштво чудеса се извршувале по неговите молитви: тој ги поучувал заблудените, воскреснувал мртви и сите што со вера приоѓале кон него, од какви и да било болести да страдале, добивале здравје. Еднаш ноќе блажениот Сергиј стоел пред иконата на Пречистата Богородица и, гледајќи го Нејзиниот свет лик, се молел: „Пречиста Мајко на нашиот Господ Исус Христос, застапнице и силна помошнице на човечкиот род, биди застапничка за нас недостојните, моли се постојано на Твојот Син и наш Бог да погледне на ова свето место. Тебе, Мајко на преслаткиот Христос, Те повикуваме на помош ние Твоите слуги, зашто Ти за сите си пристаниште и надеж“. Одеднаш се слушнал глас: „Еве, доаѓа Пречистата“. Светиот излегол од ќелијата и тука го озарила голема светлина посилна од сончевата, и тој се удостоил да ја види Пречистата, придружувана од апостолите Петар и Јован. Необична светлина ја окружувала Богомајката. Неподнесувајќи ја неземската светлина, светиот паднал наземи. Пречистата се докоснала до него и му рекла: „Не плажи се, избранику Мој! Дојдов да те посетам, бидејќи се услишани твоите молитви за учениците. Не жалости се повеќе за својата обител: отсега таа ќе има изобилие во сè, не само за време на твојот живот, но и по твоето заминување при Бога. Јас никогаш нема да го оставам ова место“.

Освен Троице-Сергиевиот манастир, преподобниот основал уште неколку обители. Многу благочестиви мажи засветлиле со слава во неговата обител, многу од нив биле поставени за игумени во други манастири, а некои станале архиереи: неговите ученици востановиле до 40 манастири во Северна Русија. Негови ученици биле преподобните Андреј Рубљов и Никон Радоњешки.

sergij mosti

Преподобниот Сергиј се упокоил на 25 септември 1392 година. По 30 години биле откриени неговите нетлени мошти и облека, а во 1452 година тој бил прибројан кон соборот на светиите. И до ден денес тој дава помош на оние што приоѓаат со молитва при неговите мошти, што почиваат во Троице-Сергиевата Лавра.

Source: http://mistagogia.mk/sveti-sergij-radoneski-25-08-oktomvri/

Related Posts

Image Description
4 days ago

Светите четиринаест илјади младенци маченици во Витлеем

Светите четиринаест илјади младенци маченици во Витлеем Бидејќи мудреците од Исток не се вратија од Витлеем во Ерусалим за да му јават на Ирод за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминаа за својата татковина, царот Ирод се разјари како лута ѕверка и нареди да се убијат сите дец...

Image Description
4 months ago

Подготвителни седмици и недели пред Великиот пост

Пред почетокот на Великиот пост, Црквата одредила постепено воведување во постот преку трите подготвителни седмици, во кои си спомнуваме на карактеристични настани од Евангелието, кои, пак, се поврзани со постот и покајанието, и во кои веќе Црквата етапно нѐ воведува во по...

Image Description
1 month ago

Свети славен победоносец и чудотворец Георгиј моли го Бог за нас!

Светиот славен великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј Утрена Тропар, глас 4. Како ослободител на заробените и заштитник на бедните, лекар на болните, заштитник на царевите, победоносецу, великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши. Кондак, глас 4. Обработен од Бога,...