Еднаш на вратата од домот на свети Спиридон затропал еден изморен патник, кој доаѓал од Киринеа. Надвор времето било ужасно, дождови, ветар, а патникот кој 3 дена одел гладен, едвај дошол до неговата куќа. Светиот владика Спиридон (270-348), кој бил вдовец и живеел со неговата ќерка, света Ирина, веднаш го примил странецот, со сите обичаи кога доаѓа гостин во нечиј дом. Бидејќи било пост, немале зготвено ништо, па светителот ѝ рекол на својата ќерка, да извади малку сушено месо, и да го зготви за гостинот. Света Ирина го послушала, зготвила месо, и поставила на масата за да вечераат. Патникот се изненадил кога видел зготвено месо во владичка куќа за време на Велигденски пост, и си рекол: Владиката сигурно мисли дека јас не сум христијанин, па му рекол: „Владико свет, јас сум христијанин и постам“. Но светителот му рекол: „Знам дека си христијанин, но преморен си од патувањето, па затоа ти зготвивме месо, а љубовта кон ближниот е поголема од постот. Затоа, за да не ти биде непријатно, ете јас прв ќе јадам, јади и ти“. Вечерале обајцата и си легнале.

Светителот имал расудување и затоа така проценил.

Во житието на свети Спиридон се спомнува и неговата ќерка Ирина, која исто така е светителка. Во старите цркви има фреска од неа, која има натпис: Света Ирина, ќерка на свети Спиридон. Но, поради многу околности, времето, податоците за нејзиниот живот се изгубени. Се спомнува во неговото житие во моментот со патникот, и кога светителот ја воскреснува за да каже каде се парите на соседката. Се смета дека се упокоила на 35-годишна возраст.

По нивните свети молитви, Господ да нѐ помилува и спаси. Амин.

Свештеник Јани Мулев