Светилник

Светилник

Постоеше секогаш

како сенка која се појавува,

блед одраз гледав некогаш,

присутност која се одјавува.

Дење ли, ноќе ли,

патеки осветлуваше,

за сите нас долови

зрак кој опоменуваше.

Опоменуваше, осветлуваше

Надеж будеше,

Време одлагаше,

Од карпите не’ оддалечуваше.

Ноќва застанав

Од лаѓата се оддалечив

На брегот пристигнав

Во вештествен погледнав.

Се зачудив на имитација

Нешто кое на Тебе потсетува

Каде и како да се поместев

Зракот негов светол –

Од него да можев ќе побегнев,

Но радост будеше – би рекол.

Игра започнав во ноќта

Се поместував по карпи, пристаништа,

Сè додека не ја почувствував моќта

На еден зрак кој ме следеше во далечина.

А по морската шир

Каде бродовите пловат во немир,

Опасности демнат морничаво –

А он зракот – ги држи подалеку,

Наговестува опасност студено

Кажува – место имаме уште малку.

Утрото осамна

Светло се изгасна

Сознание остана

Доловена вистина не исчезна.

Размислува Твојот патник –

На Светилник ли си Ти налик

Многузрачно ли е Твоето светло

Зависно од пригоди на моето врело.

Овде планини ова не пробива

а Твојот поглед во срце навлегува,

магла го заматува овој зрак

а Твојот допир низ вселена продира.

Ах, воздишка поразна

мислев – ме напушти неодамна,

самиот не видов –

кога си го ставив превезов.

На анама заличив

Со сè и сешто се покрив,

Само очи оставив

Небаре кон никој не се отворив.

Тоа беше измама

На оној што не гледа

Друга постои вистина

Која душава не ја прелага.

Се преправаме, пресоблекуваме,

Во лаги се удомуваме,

Превези поставуваме

Себе се извиличуваме.

Не, не – не сме тоа ние,

Не сме криви, не знаевме,

Ништо не видовме

А камоли слушнавме.

Присутност наша немаше

Учество во подмолност – смешно,

И така редум пелтечеше

Човекот –  кој незнае ништо.

Ех, коски, коски,

Кога ќе се соблечат парталите

Човек се покаже својски,

Гол застане пред Ангелите,

Светилникот во сонце ќе се претвори

Него ќе го осветли,

Самољубие наше ќе испари

Очи совесни ќе отвори.

Тогаш ќе ја видиме нашата нечистотија

Не ќе можеме да ја покриемe таа голотија

Уши нема да затвораме

Пред устата на совеста.

Затоа Светилнику

Не свети само надалеку

Туку осветли ме подлабоко

Да видам што направив со срцето.

Внатре да го сместам Небото

Облеки лажни да исфрлам –

Предмети непотребни од дувлото,

Љубовта да ја намамам.

Во себе засекогаш да ја заробам,

за себе да ја сочувам,

последна страст да искоренам,

да изгорам, во факел да се претворам.

Така да Ти послужам

помошен светилник да бидам

па макар и во пусти места да престојувам

подобро жив, отколку мртов да се видам.

Се раздена ноќта од уморот

нов ден тргна по своја патека

Светилникот не згасна

Он да спасува –

тоа му е навика.

svetilnik

(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството

при Слепченскиот Претеченски манастир)