Светите отци за страстите

Светите отци за страстите

ЗА СТРАСТИТЕ (и што тој термин означува)

„Зашто, кога живеевме во телото, тогаш страстите гревовни, преку Законот, дејствуваа во органите, за да и` принесеме плод на смртта“ (Рим. 7:5)

Што се страсти? Повеќето почетници во верата кога ќе го слушнат овој збор најчесто помислуваат на блудната страст, т.е. сексуалниот нагон.

Оние кои воопшто не живеат во верата ги доживуваат страстите како нешто позитивно, како движечка сила кон остварување на одредени цели, па дури и како своевидно „облагородување“ на работата која се извршува (на пример, за некого ќе речат дека е „страствен (пасиониран) поборник за некоја цел“, сакајќи да ја истакнат неговата посветеност на таа цел).

Дали е така?

Да видиме што вели световната (секуларната) наука, конкретно психологијата:

„Страст (грч. παθος, лат. passio, – страст, страдање, трпење) е многу силно чувство кон некого или нешто. Страста се разликува од афектот по тоа што таа не настапува како моментална состојба, туку претставува трајно усмерување на целата човечка душа“.

Во Христовата наука зборот „страст“ се употребува во повеќе контексти. Во најдирекното значење (страдање) овој збор се употребува за секое страдање, вклучително и за страдањата на нашиот Спасител кои ги претрпе како Богочовек, а заради нашето спасение.

Затоа и последната седмица од Неговиот живот во човечко тело (која ја одбележуваме во последната седмица од Великиот Пост, непосредно пред Воскресението) се нарекува Страсна (Страдална) Седмица.

Слично обаснување дава и дефиницијата според која страстите се страдања поради некои незадоволени лични потреби и аспирации.

За нас е најважно да обратиме внимание на страстите во оној контекст кој е непосредно значаен за нашето духовно растење, а со тоа и нашето спасение: сваќањето на страстите како пороци, како склоност кон гревот, како патолошки појави кои нашата душа ја држат во ропството на гревот, а со тоа и на смртта.

Св. Јован Касијан наведува осум главни страсти: стомакоугодување, блуд, среброљубие, гнев, тага, униние, суета и гордост, кои ги дели на два вида, кои пак доаѓаат до израз на четири различни начини:

„…природни, што се раѓаат од природните потреби, како на пример стомакоугодувањето и блудот, и неприродни, што немаат корен во природата, како на пример среброљубието.

Нивните дејствија се манифестираат, изразуваат на четири начини:

некои дејствуваат само во телото и преку телото, како стомакоугодието и блудот, а некои се манифестираат и без содејство на телото, како суетата и гордоста;

потоа, некои се поттикнуваат однадвор, како среброљубието и гневот, а некои произлегуваат од внатрешни причини, како унинието и тагата.

Ваквата пројава на дејствијата на страстите ни дава повод да ги поделиме нив уште на два вида, плотски и душевни:

плотските се раѓаат во телото и го хранат и насладуваат телото, а душевните произлегуваат од душевни склоности и ја хранат душата, додека честопати делуваат разорно за телото.

Последните се лечат со просто внатрешно лечење на срцето, а плотските се лечат со двократни лекови – и надворешни и внатрешни“.

Од каде доаѓаат страстите?

Најкраток и наједнставен одговор би бил:
од нашата падната природа, од нашата склоност да ја злоупотребуваме од Бога дадената слобода.

Св. Исак Сирин вели: „…душата по природа е бестрасна“, а Преподобниот Макариј Египетски запишал: „Затоа што постои некаква скриена скверна – нечистотија и некаква одвишна темнина на страстите која преку Адамовиот престап се рашири и преовлада по целото човештво наспроти чистата природа на човекот и тоа нешто, воедно ги помрачува и сквернави и телото и душата“.

А сите Свети Отци потврдуваат:
Страсноста во човекот потекнува од првородениот грев и од личните гревови на секој човек, и се пренесува низ поколенијата“.

За страстите има да се говори многу, но целта на овој краток текст е само начелно да ги информира нашите браќа и сестри кои се решени да заживеат во верата и духовноста, како и оние кои во оваа хаотично-социјална мрежа (мислам пред се` на FaceBook) наишле на овој поим во многу поучни текстови, а сепак не дознале што тој точно означува.

Од преданието на Светите отци