Таа, Пресветата Богомајка – Таа прва се исполни Себеси со Бога! (Ава Јустин Поповиќ)

Pokajanie

Pokajanie / Pokajanie 12 Views

Во Неа Бог стана Човек

Бог стана Човек за човекот, човечката душа, која е бескрајна, зашто е Божја, зашто е боголика, да ја исполни со Божествени сили.

Во Светото Евангелие пишува дека во Господ Христос живее сета полнота на Божеството телесно.

Сета полнота на Божеството живее во телото човечко, за таа полнота, се вели понатаму во Светото Евангелие, да стане моја и твоја, и за со таа полнота на Божеството да се исполниме и ти и јас.

Ете, тоа е целта заради која Господ дојде во овој свет и стана Човек, тоа е целта Божја: да го исполни човекот со Божествени сили, да го исполни со Бога, и со тоа да го истисне од човекот и да истера сè што е ѓавол, сè што е грев, сè што е смрт. Затоа Господ, браќа, се роди на овој свет како Човек.

Затоа ние толку необично весело го прославуваме Божик, особено Онаа Која ни Го роди, Пресветата Богомајка, Сечистата и Пречиста, единствено Неа Која во овој страшен пекол на гревот, смртта и ѓаволот остана без грев.

Со Својот свет живот, со Своите подвизи и можеби никогаш не направила грев. А истапи како претставничка на грешниот род човечки, како Онаа Која е, исто, потомок на Адам и Ева, грешните прародители наши, со сето гревовно наследство, а како Богородица се освети и раѓајќи Го Господ Христос нè спаси.

Таа, Пресветата Богомајка!

Затоа е повозвишена од сите Херувими и Серафими, затоа е пославна од секое битие, Таа Која ја славиме како „почесна од Херувимите и пославна од Серафимите“.

Денес, втор ден Божик е Нејзиниот ден.

Таа, особено преку чудесниот Господ, и не знаејќи всушност до крај Кого ќе Го роди, ете, Таа прва се исполни Себеси со Бога.

Прва ја почувствува таа вистина: што значи Господ Христос, што значи тоа кога Бог станува Човек. Во Неа Бог стана Човек.

Таа Го роди како Богочовек, и прва ја доживеа сета полнота на Божеството, прва го доживеа сиот Рај, сите блаженства, сите богатства кои Бог му ги донесува на светот, го доживеа сето Евангелие на Господ Христос, го доживеа сиот Вечен Живот, сета Вечна Вистина, сета Вечна Правда.

Таа после Господ Христос е олицетворение на Вечната Правда, олицетворение на Вечната Љубов, олицетворение на Вечниот Живот.

Затоа, затоа Таа е секогаш посредничка меѓу нас и Господ Чудесниот Син Нејзин, а Бог наш. Посредничка Која ни испросува од Него сè што Тој како Бог му дава на човекот, ни испросува Живот Вечен, Вистина Вечна, Правда Вечна, Љубов Вечна, Радост Вечна, сè што Нејзиниот Чудесен Син, Господ наш, раѓајќи се на овој свет како Богочовек, му го принесува на светот.

Затоа ние православните така необично воодушевено Ја славиме, и според црковните песни и химни изгледа како повеќе Неа да Ја славиме отколку Самиот Господ. Зашто ни е поблиска, зашто Таа ги знае нашите неволји и маки.

Таа знае што значи да се биде подвластен на гревовите, на смртта и ѓаволите, на страстите на овој свет. Затоа ние православните секогаш со вера Ѝ пристапуваме.

Затоа денес Ја славиме Првата после Господ Христос Богочовекот, Неа Која ни Го роди Него, Вистинскиот Бог, Господ Христос, како Богородица. Го роди Него, Го роди по тело, и Тој станувајќи Човек, станувајќи тело, ја основа Црквата Своја, која е Неговото тело.

Така, Пресветата Богомајка, всушност, раѓајќи Го Него, ни ја даде Црквата Христова, таа најголема чудотворка во сите светови, што ни го дава сето она што Господ Христос ни го донесе: ни дава Вечен Живот, Вечна Правда, Вечна Љубов, Вечна Вистина, Вечен Човек.

Не лажен човек, не лажни богови, туку вечниот човек и бесмртен, и така на секого од нас ни осигурува бесмртност и Живот Вечен.

Нејзе, на Нејзиниот Чудесен Син, слава и пофалба за сите дарови, вечните дарови кои ни ги дарува нам, бедните луѓе, ни ги дарува заради нашата вера, ни ги дарува заради нашата желба, ни ги дарува заради нашата молитва, ни ги дарува заради нашето смирување пред Неа и Нејзиниот Чудесен Син.

Нека Таа секогаш нè води и раководи по сите патишта на нашиот живот, и нека нè воведе во Царството Небесно, каде што Таа на престолот на славата заедно со Синот Свој царува и владее.

Христос се роди! Навистина се роди!

Ава Јустин Поповиќ