Немој да се чудиш, чедо мое, зашто тоа се случува со монасите. Монашкиот живот е непрестајно мачеништво. Најслаткиот Исус го спознаваш во тешкотиите. Штом го побараш, Тој ќе ти испрати тешкотија, а Неговата љубов се наоѓа на средината од страдањата. Тој ти покажува малку мед, а под него се крие цел склад, исполнет со горчина.

Кога сака да ти испрати страдање, Тој те известува и како гласноговорник, ти ја испраќа благодатта. Како да сака да ти каже:

„Биди подготвен!

Гледај од каде ќе те нападне и удри на твојот непријател“.

Така започнува твојата битка и борбата.

Внимавај да не се исплашиш! Не се чуди кога „топовите“ ќе загрмат и смело застани како Христов војник, како прекален борец, како храбар војсководец. Овој живот е воен фронт.

Одморот ќе го пронајдеме „таму“. Овде сме во прогонство, а „таму“ е нашата вистинска Татковина.Зарем, порано, не ти зборував дека на почетокот, цели осум години, јас војував со демоните? Секоја ноќ, лута битка, а преку ден, само страсти и грешни помисли. Доаѓаа со мечеви, вили, секири и со лопати.

“Сите на него”, извикаа. Беше тоа навистина големо мачеништво.

“Побрзај, Пресвета Богородице”, извикав јас, па фатив еден од нив и со него ги удирав другите, но, ги искршив моите раце од ѕидовите.

Во посета, случајно ми дојде еден познаник од светот и таа вечер го оставив да спие во мојата ќелија. Демоните според својот обичај, дојдоа кај мене и почнаа него да го удираат. Човекот почна да вреска, го обзеде ужас и за малку што не полуде. Веднаш дотрчав.

“Што се случи”, го запрашав.

“Демоните за малку што не ме удавија”, ми одговори тој. “Ме удираа со стапови!”

“Не плаши се”, му реков јас, “тие беа наменети за мене, но, вечерва, по грешка те повредија тебе, не плаши се!” Му проповедав најразлични интересни работи, за да може да се смири, но, беше невозможно. Не беше во состојба повеќе да остане на тоа место на мачеништвото. Онака преплашен, постојано гледаше лево-десно и на крајот ме замоли да му дозволам да си оди. Некаде околу полноќ, го одведов во скитот Света Ана и пак се вратив. Тогаш живеевме во скитот на светиот Василиј.

И така, после полни осум години секојдневно удирање со стапот, за да ја уништам телесната битка, од постот што го држев, бдеењето и другите подвизи, јас се претворив во мртовец. Се разболев и очајував, мислејќи дека веќе не постои надеж за да им побегнам на демоните и страстите.

Една ноќ, додека седев, се отвори вратата. Не го подигнав својот поглед и со наведнат врат ја кажував својата умна молитва. Мислев дека влегол отец Арсениј.

Потоа, долу почувствував некоја рака, која ме поттикнуваше на наслада. Ги отворив очите и го здогледав демонот на блудот, оној шугавиот. Бев толку бесен, што како куче се фрлив на него и го зграпчив. Неговите влакна ги почувствував исто како допир на свиња. Веднаш исчезна. Смрдеата се ширеше насекаде. Од тој момент, заедно со него исчезнами таа моја телесна битка. И станав како бебе во голема бестрасност.

Таа вечер, Бог ми ја покажа злобата на сатаната.

Се наоѓав многу високо, на едно прекрасно место. Долу се наоѓаше една голема рамница, а не многу далеку од неа беше и морето.

Демоните поставиле илјада замки, а оттаму поминуваа монасите. Кога ќе паднеа во замката, тогаш еден го фаќаа за главата, друг за нозете, трет за рацете, некој за облеката, за што ќе стигнат. А змејот од бездната ја држеше својата глава над морската вода и испушташе пламен од устата, од очите, од носот, радувајќи се и веселејќи се на падот на монасите. Кога го видов сето ова, јас го проколнав:

“Еј, ти, змеју од бездната! Зошто ни поставуваш замки и не’ замајуваш?!”

Доаѓајќи си на себе, почувствував и радост и тага. Радост, затоа што ги видов ѓаволските замки, а тага, поради нашиот пад и опасноста која нам ни се заканува до крајот на животот.

Од тој момент, се здобив со голем мир и молитва, а оној лукавиот никогаш нема да се смири. Ги подбуцнуваше луѓето против мене, поради тоа и пишувам, за да можете ти и твоите браќа да останете во трпение.

Ако сакаш да победиш во овој живот, треба да се бориш и тоа не е никаква шега! Ти војуваш против нечистите духови, а тие на нас не фрлаат бонбони и слатки, туку остар нож, кој ја уснртува и душата, а не само телото.

Но, немој да се разжалостуваш, немој да тагуваш. Ти имаш помош. Јас те придржувам. Навистина, синоќа те видов во сонот, заедно се вознесувавме кон Христос; затоа, стани и потрчај по мене.

Само биди внимателен, зашто ги виде ѓаволските замки. Тешко на оној, кој во нив ќе се зафати! Нема да му биде лесно да се искраде од тие канџи!

Најпосле, колку и да се труди, ѓаволот не може самиот да не’ погуби, доколку ние самите не содејствуваме со него во злото. Исто така, ниту Бог не може Самиот да не’ спаси, доколку ние не станеме сотрудници на Неговата благодат, заради нашето спасение. Бог секогаш помага и секогаш стасува на време, но, сака и ние да се потрудиме и да направиме онолку колку што можеме.

Затоа, не вели дека не си напреднал. Напредокот не зависи само од човекот, дури и ако тоа тој го посакува, дури и ако срдечно се труди. Божјата сила, Неговата благословена благодат, се’ прави токму во оној момент кога ќе прими дел од нашето. Таа го подигна паднатиот и го исправува фатениот.

Од сето срце, го преколнувам нашиот Бог и Спасител да дојде, да го поткрепи фатениот, да го воскресне четвородневниот Лазар, да му подари очи на слепиот и да го нахрани оној што е преглднет.

„Дваесет и четврто писмо“ од книгата „Старец Јосиф Исихаст“