ТИ, ПРЕПОДОБНА МАРИЕ ПОМАГАЈ! Канон кон Преподобната Марија Египјанка (недела на св. Марија Египетска)

Свети Андреј Критски

КАНОНИ на  Великиот Велигденски Пост

Канон кон Преподобната Марија Египјанка, глас 6.

Неговото краестрочие, го сочинува стихотː Ти, Преподобна Марие помагај!

Песна 1ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Светлозарна благодат од вишната Божествена промисла дај ми, помрачението од страсти да го избегнам, и усрдно да ги воспевам, Марие, прекрасните подвизи на животот твој.

Приклонувајќи се кон Христовите Божествени повеленија, кон Него си пристапила; и оставајќи ги желбите на невождржаноста страсна, секоја доблест благоговејно, како една си ја извршила.

Песна 2ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Ги подаде рацете свои кон милосрдниот Бог, во понорот на злото пропаѓајќи, Марие, а Он и тебе, како некогаш на Петра човекољубиво, раката Божествена ти ја подаде, благоволејќи го секако обраќањето твое.

Со сета усрдност и љубов, кон Христа притекна, отфрлајќи го стариот пат гревовен, во пустини непреодни хранејќи се, и Неговите Божествени заповеди во чистота извршувајќи ги.

Песна 3ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Обземен сум од бура и олуја гревовна, но самата ти, мајко, спаси ме сега, и во пристаништето на божественото покајание воведи ме.

Принесувајќи сега, Преподобна, понизна молитва кон милосрдната Богородица, со застапништвото твое отвори ги за мене божествените порти.

Песна 4ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Животот на бесплотните во плотта го надмина, и ваистина од Бога голема благодат прими, затоа те молимеː предстателка биди им на оние што верно те почитуваат, и избави нѐ од секоја напаст со молитвите свои.

Пропаѓајќи во понорот на големите беззаконија, не се задржа за долго тамуː туку со помисла беспрекорна кон крајната доблест поита, и со подвиг преславен, Марие, го воодушеви естеството ангелско.

Песна 5ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Со желба неспоредлива, Себлажена, на Живототворното Дрво пожела да му се поклониш, и удостоена беше со исполнување на желбатаː затоа удостој ме и мене, вишната слава да ја добијам.

Минувајќи ги водите Јордански, безболен одмор за телото најде, од насладата бегајќи, од која и нас избави нѐ, Преподобна, со молитвите твои.

Песна 6ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

За да го изгаснеш пламенот на страстите, секогаш солзи лееше, Марие, со душа распламтена ː благодатта нивна дај ми ја мене, – слугата твој.

Небесна бестрасност стекна, мајко, со живот возвишен на земјатаː затоа моли се, за оние кои те слават, избавени да бидат од секоја страст по молитвите твои.

Песна 7ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Повикувајќи кон Пречистата Богомајка, го отфрли минатото беснило на страсти, кое жестоко те мачеше, и лукавиот ненавидник го посрамиː затоа дај ми сега и мене, слугата твој, спасение од секоја беда.

Оној Кого си Го засакала, Кого си Го пожелала, зарад Кого телото свое силно си го измачила, Преподобна, моли Го сега Христа за слугите твоиː милостив кон нас да биде, и мир да ни подари нам кои Го почитуваме.

Песна 8ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Просветувајќи те, Мајката на Светлоста Незалезна, од помраченоста страсна те разрешиː затоа, влегувајќи во благодатта на Духот, просвети ги, Марие, оние кои верно те величаат.

Познавајќи во тебе ново чудо, ваистина се ужасна мајко, божествениот Зосимаː зашто ангел во тело гледаше и со страв се исполнуваше, славејќи Го Христа вавек.

Песна 9ː

Кон преподобнатаː Преподобна мајко Марие, моли Го Бога за нас!

Сите ги восхити со твојот чудесен живот, ангелските чинови и сите луѓе, живеејќи како бесплотно и натприродно битиеː така одејќи, Марие, со нозе невештествени, Јордан го мина.

Смилостиви Го, Преподобна мајко, Создателот, за да сите кои те славиме, избавени бидеме од маките и неволјите кои нѐ напаѓаат од сите страниː и избавувајќи се од искушенијата, непрестано да Го величаме Господа, Кој те прослави.

Изворː Библиотека – ДОМОСТРОЈ, Скопје 1996.

Подготви: Светланка Трајчева