ТОА, ШТО ЛУЃЕТО ГО САКААТ

Example User · 3 years ago

    7 minutes, 21 seconds


 3.angeli.so.truba

 Нам, христијаните, Спасителот ни ги отвори духовните очи и ни го остави Својот свет пример, велејќи:” Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!“(  Мат. 5: 14-16). Спасителот нè повика во света служба на Бога и на луѓето и ни ја даде највисоката привилегија - да бидеме Негови. Не само со вера, туку и со нашите дела, да станеме Негови раце и нозе, како и Негови пријатели. И со ова Тој ни ја даде светата должност да бидеме светлина во темнината, радост во тагата, утеха во овој неутешен и свет исполнет со страдање.

Ова  особено се однесува на нас, православните христијани, кои сме привилегирани со знаењето за најчистото богооткриено учење, и сме  носители на полнотата на Божјата благодат.Светото православие не е систем на норми, збир на правила, апстрактна методологија или повисок алгоритам за водење духовен живот, туку длабоко сокриено и исповедничко учење, „светија на светињите“ на мајката Црква. Православниот човек е Божјо дете и е должен не само да ја прифати, туку и да им ја пренесе на другите оваа посебна топлина и срдечност што не може да се преведе на нивниот јазик. Тоа треба да го стори  не од висината на повикот на кој е призван, исполнет со чувство на духовна супериорност и занесен од соблазната на својата привилегираност, туку со тоа што ќе посегне по нив и ќе го стори тоа на пристапен и искрен начин. Не само да го проповеда Евангелието, запознавајќи ги луѓето со Христа и Неговото учење за љубовта и смирението и опсипувајќи ги со цитати од Светото Писмо, туку да ги допре нивните срца со неговиот пример.

Една од забележителните подвижнички на светото православие на 20 век, монахињата Гавриила (1897-1992) во една од своите проповеди ќе рече: „Она што луѓето најмногу го сакаат е насмевка, допир, солза. Ништо друго. Кога другиот ќе го видите како човечко суштество и ќе го почувствувате како брат, тогаш што и да направите за него ќе биде природно. Можеби сака готвен оброк или чиста кошула… Во една населба со заболени од лепра каде што работев, секое утро миев десетици илјади кошули затоа што неинфицирана личност мораше да пере за оние што се здрави “(Аскетизам на љубовта, стр. 390).
Ова искуство од “првата борбена линија” е живо сведоштво на оваа монахиња која ја сфатила суштината на христијанството како учење пренесено во сурова практика, имено, секојдневната практика на верата што ги надминува изучените фрази и надворешни декларации. Луѓето се различни и секој претставува мал, неразбирлив универзум за другиот, но сите имаме една заедничка мисла - сакаме да нè сакаат. Вистинската и активна љубов, ја топи студената рамка на денот и ги загрева душата и срцето со својот оган. Колку и да е грешен и мизерен секој од нас, тој копнее да ја почувствува посебната топлина на човечката грижа што доаѓа однадвор во овој суров и непријателски свет.
Животот на оваа жена инспирирана од Бог е жива потврда за тоа. Откако поверува во Христа, заразена од тивкото лудило на верата, таа доброволно го напушти аристократското опкружување во кое порасна и се посвети на својата лична мисија меѓу болните и лепрозните. Ги посети нивните села и живееше во сиромаштија и мизерија. За разлика од другите христијански мисионери, таа не ја поминуваше ноќта во посебна, почиста соба или во хотел со префинети или „нормални“ услови, но целосно го споделуваше нивниот мизерен начин на живот. Облечена скромно, облечена во сандали и неразделна од своето мало евангелие, таа го споделуваше животот со болните - спиеше на душек или на голиот под, а преку ден се грижеше целосно за нивното здравје и заздравување. Преврзуваше гнојни рани, чистеше, служеше неуморно и на границата на своите скромни сили, но беше заштитена од светите ангели. Во моќта и длабочината на нејзиниот личен подвиг, се случи погрешно да ја разберат некои од пациентите, кои, според нејзините зборови, се свртеа кон неа со збунетост, па дури и со прекор: „Вие сте образована личност, не е карактеристично за вас да ја работите оваа работа!“ (П. 390).
Каков неверојатен пример за смирение - лична кеноза пред Бога и луѓето! Ова е објаснувањето за успехот на нејзината мисија, каде и да била, дури и во средина каде што не чуле за доктрината на светото православие. Таа не била само апостол по дух, туку и симбол на ова учење, не толку со нејзините зборови и упатства, туку со својот жив пример, претворен во работа и молитва, молитва и работа. Таа стана не само светлина во темнината, туку и светилка што го осветлуваше секого и  сè.
Слично сведоштво има и во животот на еден од светиите на современото православие  - Свети Паисиј Светогорец (1924-1994). На почетокот на својата монашка служба, тој добил послушание да замине во Коница (континентална Грција) и да се грижи за локалното население. Коница всушност била протестантска населба. Во тешки услови на активна протестантска заедница, иако млад и неискусен, тој за кратко време постигнал извонредни резултати во својата православна мисија. Тој не стигматизирал и не ги разоткривал луѓето во нивните еретички заблуди, ниту  се впуштал во догматски расправи со нивните пастири но само се смирувал. Ниту на кој било начин не ја потенцирал супериорноста на својата религија но го споделил секој дел од својот живот со протестантските семејства. Тој бил постијано близу до нив и нивната болка ја претворил во своја. Со постојана работа и личен подвиг на молитва, тој го понел својот и нивниот крст. Тој стана вистински пример за собрат - христијанин, човек кој, и покрај разликите, е подготвен да им помогне во борбата против неволјите на овој свет. Со својата несебичност и посветеност, тој стана светилник на патот на светото православие и мост кон неговата спасителна доктрина. И се случи чудо – не за долго време инспирираните протестанти, без никаков надворешен притисок, повторно го открија православното учење и решија самите да го прифатат. Св. Паисиј се однесувал кротко, љубезно, со воздржано достоинство, не постапувајќи од позицијата на  учител, туку од позицијата на пријател, не од позиција на изобличител, туку од позиција на брат по вера.

Биографите на српскиот патријарх Павле внимателно го опишуваат неговиот посебен духовен профил и како епископ и како христијанин. Со сите се однесувал природно и со љубов. Тој шетал по белградските улици, јадел во јавните мензи и барови и сакал да разговара со обичните луѓе. Така тој станал вистински татко и пријател на својот народ. Во текот на целата своја служба и до последниот здив, тој ги одбивал сите привилегии на епископската служба и барал само едноставност и радост. Со ова тој ја освоил љубовта на сите свои сонародници, па дури и на  странските дипломати.

Со својата достапност и природност, Свети Порфириј (1920-1990) го доби прекарот “Радоста на народот”, бидејќи се однесуваше внимателно и снисходливо кон луѓето, барајќи заеднички јазик со секој верник и неверник. Тој зборуваше на јавни теми, па дури и избегнуваше непотребно да ги поучува и да им го проповеда Евангелието, оставајќи им впечаток на неверните дека не им зборува само за да ги преобрати во православната вера.

Слично однесување имал и митрополитот на  Варна и Преслав, Симеон, кој дури до својата длабока старост бил близу до болките и потребите  на луѓето од неговата епархија. Често посетувал училишта и болници и им ја нудел својата помош носејќи подароци и слатки на оние кои престојувале таму.

Сите овие посветени души се модел за нас. Нивната љубов кон другите не слегла од Крстот но нивната служба се претворила во самораспнување. Затоа што вистинскиот христијанин е жртва пред олтарот на Бога и неговите ближни. И затоа нивниот пример е огнен и фасцинантен, особено во денешниот глобализиран свет, каде сме преплавени со големо количество на  информации и нашите умови се бомбардирани со секакви предлози од сите страни. Повеќе од кога било, ние сме нурнати во динамична реалност во која постојано се појавуваат горливите прашања за нашето постоење. Никогаш порано немало толку голем хаос во човечкиот ум и таква сеприсутна несигурност во сè што се случило или што треба да се случи.

Современите луѓе имаат изградено заштитен механизам за одржување на нивниот кревок душевен мир и внатрешното спокојство. Веднаш штом почувствуваат каква било информативна интервенција однадвор, тие го свртуваат своето внимание или едноставно покажуваат отворена незаинтересираност, преминувајќи во апатија. Тие не само што не сакаат, туку и не можат да слушаат. Тие немаат ниту внимание, ниту сила да прифатат агресивни и активно инвазивни информации, колку и да се корисни понекогаш за нивните души и тела. Преоптеретени се, измачени и исцрпени.Со  внатрешно изострено чувство нивните сетила во целост  ги прифаќаат предизвиците на денешнината, проникнати од елементите на конзумеризам и материјализам.

Во оваа состојба на современиот свет, тие можат да бидат освоени за каква и да било кауза само ако бидат ислушани, охрабрени па дури и поттикнати со наједноставните зборови и изрази на топлина и љубов. Но, најмногу со ‘живите’ примери од оние кои можат да им донесат топлина и светлина, давајќи им ja ‘небесната атмосфера’ со својот внатрешен мир.

Затоа, сите ние кои сме повикани да бидеме Христови пријатели и следбеници , да не останеме во таа особена привилегија да бидеме Божји избраници, туку да се обидеме да станеме достапни и природни, свртени со лицето кон луѓето, да проповедаме не толку со зборови. колку со личен пример.Toa e  oгнот кој што може да ги запали исушените човечки души и да ги натера да треперат од пламенот на лицата откупени со Христовата искупителна крв. Само личниот пример може да одвои некого од болната состојба на полу-егзистенција во која се наоѓа како резултат на сопствените страсти и апатијата на секојдневниот живот. Само личниот пример  е најдоброто сведоштво и најсилниот доказ за исправноста на нашиот пат кон неуништливото Божјо царство.


3.angeli.so.truba

Автор: отец Јасен Шинев
парохиски свештеник во  црквата „Успение на Пресвета Богородица“и црквата „Св. Атанасиј “- гр. Варна

Извор: Bogonosci.bg


За Преминпортал -  Симеон Стефковски

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/23613-toa-shto-lugjeto-go-sakaat

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

За значењето на празникот „Успение на Пресвета Богородица“ (28.08.2016)

Историјат на празникот Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сос...

Image Description
3 years ago

ДИЈАЛОГ!

ДИЈАЛОГ …Како член и свештеник на православната Црква верувам оти Црквата, внатре во која сум крстен и пораснат е Црква, вистинска Црква, единствена вистинска Црква. А верувам во тоа од многу причини: од мое лично убедување и заради највнатрешната потврда на Духот кој дише во Тајните на Црквата и за...

Image Description
3 years ago

Митрополит Атанасиј Лимасолски:Љубовта значи жртва – (V дел)

  За никого никогаш не е доцна. За секоја возраст има начин. Со денешното мислење, еден младич на 20 години сигурно не прима многу лесно совети. Би било грешка да се обидуваме да го убедиме. Што правиме? Прво, се трудиме ние самите да бидеме вистинити и свесни Христијани, чеда на Црквата. Ако...