Веќе навлеговме во периодот кога се менува времето, кога дрвјата се оголуваат а ние се наоблекуваме, почнува периодот на домашни слави и имендени. Како по обичај, на оние кои слават некој празник им велиме: Вечна слава или вечно името! А што значи тоа? Да трае софрата со векови? Како може името да биде вечно? Во Црквата сето тоа е можно. Најпрво, славата не се состои во софра, туку пред сѐ, славата е повик за учество во литургиското празнување на светителот/празникот. На домашната слава треба да бидеме присутни на вечерната богослужба и следниот ден на утрената и Литургијата, целото семејство да се причести, се разбира, со претходна подготовка од пост, молитви и исповед. Токму затоа е и останато да се носи во црква леб и вино – литургиски дарови – за благословување. Во некои места сѐ уште постои обичај, оние кои имаат слава, да носат две просфори во црква: една за благословување, а другата за служење Литургија. Ако во нашиот живот научиме да Го славиме Бога секојдневно, тогаш има смисла да кажеме „вечна слава“ – т.е. вечно да го славиме Бог.

На славата треба да покажеме великодушност, која ќе ни стане секојдневие. Имено, треба да се научиме да бидеме дарежливи, да повикаме гости за славата, своите роднини, пријатели, соседи, ако имаме можност да одвоиме нешто и за најсиромашните, да не ја заборавиме ни Црквата. Бог нема потреба од нашите софри, па дури ни од нашите панагии, туку ние имаме потреба да бидеме великодушни, ние треба да станеме милосрдни и милостиви, ние треба да си спомнуваме на нашиот Бог и на ближните. Во секој наш ближен да Го гледаме Христос, и преку односот кон ближниот да се проверуваме себеси до каде сме.

Истото се однесува и на прославата на именденот. Црквата со векови ги слави имињата на старозаветните и новозаветните светители, и секоја година си спомнува за нивните животи и дела, па така, кога ќе му речеме на човек, да ти е вечно името, тоа е исто како да му велиме – да бидеш светител! Само така може името да ни се овековечи. А тоа е можно само во Светата Православна Црква, во Литургијата, со помош на Божјата благодат, која ја примаме преку Светите Таинства (Светата Причест и Исповед).

Огромен јаз постои помеѓу она што треба да биде и она што на дело го правиме. Сетете се само како ние ги прославуваме нашите домашни слави и имендени. Тешко ни е да замесиме едно лепче за во црква, тешко ни е да донесеме вино и пченица, тешко ни е да ги викнеме роднините и соседите, затоа што со сите сме скарани. За великодушност не можеме ни збор да кажеме. Палиме свеќи и во меѓувреме се караме со луѓето околу нас. Креваме панагија и веруваме дека тоа ќе ни донесе благослов, а во меѓувреме лажеме, манипулираме со свештениците, остануваме себични, не сакаме да чуеме ни за дарежливост, ни за милосрдност, небаре исполнувањето на ритуалот ќе ни донесе благослов. Да не заборавиме дека Јуда на Тајната вечера дури и се причести од рацете на Самиот Господ и пак ја изгуби душата, а ние мислиме дека со една свеќа или со една панагија ќе си ги решиме сите проблеми, па дури и рајските врати ќе си ги отвориме.

Искривената вера раѓа искривен живот. Ако сакаме да се поправиме, најпрво да расчистиме со нашата вера: во Кој Бог веруваме? Како и колку веруваме? Колку ја познаваме верата и колку живееме според неа? Денес имаме безброј достапни начини и средства за да ја научиме верата и да живееме според неа. Изборот е наш, дали сме за вечност или за земни работи. Човекот, на црковнословенски се нарекува Человјек – односно, оној кој со челото (умот и очите) е насочен кон вечноста, додека животните се со погледот кон земјата и земните нешта.

Да внимаваме како ги прославуваме домашните празници. Задолжително да се подготвуваме за причест на домашната слава, се разбира, како што рековме, со исповед и благослов од нашиот духовник/свештеник, кому му веруваме и пред кого ја отвораме душата. Да се причестуваме сите членови од семејството, доколку е можно секоја година на празникот кој го празнуваме како домашна слава, и особено внимание да посветиме на нашата внатрешна промена, на стекнувањето великодушност и милосрдно срце. Амин!

Свештеник Јани Мулев