Велигден продолжува!

Велигден продолжува!

Велигден продолжува!

"Велигден продолжува!"

Оддание на Велигден

Велигден продолжува! Ова се покажува на празникот на Оддание на Пасха, што го празнуваме еден ден пред Вознесение (Спасовден), кога ги слушаме истите пораки од пасхалната ноќ.

Секој голем празник во Црквата има негово оддание. Секој празник е жив настан што се повторува во животот на Црквата и животот на верните. Но, повторното (двојно) празнување на празникот, односно неговото оддание, се случува и поради друга причина: за повторно да можеме да се насладуваме од неговата убавина.

Кога во некаков призор уживаме, сакаме повторно да го видиме. Кога некое јадење е вкусно, сакаме повторно да го пробаме. Празнувањето на настани од животот на Христа или Богородица ни ја ублажува душата, која сака да го повтори ваквото искуство.

Секако, настанот што најмногу нѐ ублажува е празнувањето на Велигден. Тоа е празник на радоста, празник на празниците. Душата никогаш не затреперува од радост повеќе отколку во пасхалната вечер, кога се радуваме на победата на Господовото Воскресение.

Тоа е победа на животот над смртта, на Христа над пеколот, на радоста над тагата, на вистината над лагата. Празнувањето на Христовото Воскресение е универзално и вечнo. Небесата танцуваат со земјата. Не еднаш, ами вечно. „Небесата достојно нека се возвеселат, и земјата нека се зарадува, нека празнува сиот свет, и видливиот, и невидливиот, зашто воскресна Христос, вечното веселие“ (од Пасхалниот канон).

Воскресението не престанува. Секогаш кога служиме Божествена Литургија, пред очи ни излегуваат сите настани од Христовиот живот. „Се движиме низ сите времиња Христови“, како што вели св. Григориј Богослов. Христос се раѓа на жртвеникот (протезисот), во левиот олтарски дел, кој личи на јасли. Христос излегува да му го проповеда Своето Евангелие на светот при Малиот вход, кога свештеникот се појавува држејќи го Евангелието високо. Христос оди во Ерусалим за да се жртвува при Големиот вход. Христос се распнува на Крстот и се жртвува при приносот и при осветувањето на Чесните дарови, што почнува со зборовите „Твои од Твоите“. Христос воскреснува при причестувањето со пречистите Дарови, што срцето го преплавуваат со радоста на Воскресението. Токму затоа по причестувањето, свештеникот ги кажува зборовите: „Откако го видовме Христовото Воскресение“.

Секоја Божествена Литургија е потсетник на Крстот и Воскресението. Таа е премин од Крстот кон Воскресение. Особено неделните литургии ја имаат оваа празнична природа на литургија во „првиот ден од неделата“. Во неделите сѐ се однесува на Воскресението. Тропарите на сите осум гласа пеат за Воскресението, како и целата утрена неделна богослужба. Целиот период меѓу Велигден и Духовден, кој почнува на пасхалната ноќ и завршува во Неделата на сите светии, е особено исполнет со Воскресението.

Воскресението продолжува. Се повторува секогаш кога верните го празнуваат Велигден. Секуларните луѓе Велигден го празнуваат еднаш годишно, па дури и тогаш не го сфаќаат, не му се насладуваат. За нив, Велигден е јагнешко на скара, црвени јајца, забава и опивање. Верните го празнуваат вистинскиот Велигден, навистина, и тоа повеќепати. Кога учествуваат во Христовите Таинства, во Таинството на Крстот и Воскресението, тие ја живеат новата Пасха, и тогаш кога прават голем напредок. Велигден е Пасха, Премин. Христос се распна и воскресна за да нѐ извлече од гревот и да нѐ ослободи. Да нѐ извлече од делата на темнината и да нѐ освети. Да нѐ преведе од смртност кон бесмртност.

Секогаш кога ги надминуваме земните грижи, кога ги совладуваме пречките, кога ги победуваме тагите, кога ја прескокнуваме бурната животна река или го преживуваме морето на искушенија, ние чудесно преминуваме, и ја славиме Пасхата, Преминот. Кога у чествуваме во Телото и Крвта на Исуса Христа, на Божествената Литургија, ние не само што преминуваме отаде нашето постоење, туку и го пречекоруваме, ги надминуваме неговите граници, се надминуваме себеси, и во себе добиваме божествени димензии. Се одделуваме од земјата, се одлепуваме од калта, се вознесуваме на небесата. Стануваме у чесници во Христа, у чесници во Негоите Страдања и Неговото Воскресение. Стануваме учесници во божествената природа (2Птр 1,4), стануваме Богоносци, Христоносци.

Пасхата продолжува. Пасхата се повторува во животите на светителите. Светителите се воскреснати грешници. Во еден тропар слушаме: „Стани ти, што во грев падна“. Гревот е смрт, а покајанието – воскресение. Гревот е темна ноќ, а животот во покајание е светол ден. Секој христијанин што се кае, воскреснал. Секој светител е жив доказ на силата на Воскресението. Нивните светли животи се снопови воскресенски зраци.

Во пасхалната беседа упатена до новокрстените христијани кои заеднички се покрстиле вечерта на Велика сабота, св. Јован Златоуст вели: „Ви се обраќам вам кои во овој светлозарен ден примивте свето Крштение. Вие, новопокрстени, сте добри изданоци на Црквата, духовни цветови, Христови нови воини. Вчера, нашиот Господ беше на Крстот. И вие, исто така, до вчера бевте под власта на гревот. Но, сега вие совоскреснавте со Христа Кој воскресна. Христос умре по тело и потоа воскресна. И вие бевте како трупови во бездната на гревот, а сега воскреснаа од гревот. Земјата се отвори и ни подари рози, јасмини и секакви цветови. Потопувањето во благословените води денес ни ја подари најубавата цветна градина на целиот свет.“

Промената на луѓето е најубедливиот доказ за Воскресението. Со силата на покајанието, луѓето воскреснуваат од смртта на гревот. Што е потешко? Еден грешник да воскресне од гробот на расипаноста, или нечие тело да воскресне од гробот на смртноста? Ни се чини дека второто е потешко, а сепак – потешко е првото. При воскресението на телото, нема отпор. Промената на душата, пак, се наидува на голем отпор на волјата на стариот човек.

Духовното воскресение е претешко. Раздразливиот да стане благ, алчните коцкари да станат дарежливи, а пијаниците – трезвеноумни; блудниците да се воздржат, разбојниците да се смират, а насилниците – да станат светители. И сето ова го гледаме во благодатниот живот на Црквата.

Црквата има сила да ги преобрази, да ги промени луѓето. Затоа што таа е Црква на Воскресението. Христос, главата на Црквата, не е единствениот што воскреснал од мртвите, туку Тој ги воскреснува и другите мртовци. И така, штом тешкото е постигнато – воскресението на мноштвото грешници – тогаш, не би требало ли и полесното, а тоа е сеопштото воскресение по тело, да е вистинито?

Архимандрит Даниил Аеракис

Извор: „Тавор“ бр. 15