Владика Методиј: Духовниот меч на свети Климент

Владика Методиј: Духовниот меч на свети Климент

Владика Методиј: Духовниот меч на свети Климент

(Символиката и онтологијата на свештените одежди)

rsz_1adam-and-eve-lamenting

Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, Ти си се возвеличил; во слава и велелепие си се облекол; Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор; со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш – ветрот Ти служи како крилја. Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен. Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш. Си ја покрил бездната како со облака, води ќе стојат на горите…“ (Псалм 103,1-6)

Првиот украс во кој Бог го облече човекот беше неговата духовна чистота, неговата девственост. Како и секое создание, и човекот беше создаден совршен во својата природа. Неговата совршеност извираше од благодатна заедница со вечносовршениот Создател. Убавината на човекот Адам и човечицата Ева блескаше со беспрекорност: „И беа обајцата голи, Адам и жена му, и не им беше срам“ (1Мој. 2,25.). Отсуството на срам, пак, не ни ја оддава психолошката состојба во која живееја првите луѓе, нивната неосетливост или слаба перцептивност, туку имено обратно, ни укажува на луцидниот духовен поглед со кој беа обдарени нашите прародители во Едемската градина, поглед кој не се задржуваше на телесното, и беше моќен да пробива низ „седумте носорошки кожи“ на неговата психосоматска конституција. Овој богоизворен дар му овозможуваше на човекот да проѕира зад символите и несличните подобија. Неговата појава и неговата облека имаа суштествен карактер. Токму затоа и губитокот на оваа спознајна моќ предизвика коренити промени во начинот на кој човекот започна да се мисли себеси и да го мисли светот околу себе. За да проникне во тајната на невидливото, на духовното, на човекот започна да му недостасуваат видливи образи, знаци и патокази. Прелестени од змијата, Адам и Ева го вкусија горчливото познание на духовното слепило со стравот и срамот заради сопствената голотија: „И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јаде, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и увидоа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала. И го чуја гласот на Господа Бога, кога Он одеше низ рајот во приквечерината; и се сокрија Адам и жена му. Но Господ Бог го повика Адама и му реча: „Адаме, каде си? А тој одговори: „Го чув гласот Твој во рајот кога врвеше, па се уплашив, оти сум гол, и се сокрив.“ И Господ рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?“ Адам, пак, рече: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев.“ Тогаш Господ Бог ѝ рече на жената: „Зошто го направи тоа?“ Жената одговори: „Змијата ме измами, и јас јадев“ (1 Мој. 3,6-13.).

Гревовната состојба во која се најдоа нашите прародители ги натера, свештените одежди на првоначалната девственост да ги заменат со опашала од смоквини лисја, да ја заменат неа со облеката која змијата им ја приготви. Свети Андреј Критски во своето монументално дело, Великиот Канон на светата Четириесетница, на длабок лирски и философски начин го опишува ова праисториско собитие:

Гревот, кој најнапред од боготкаената риза ме лиши, кожени алишта ми шие. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Покриен сум со риза на срам како со лисја смоквини, на осуда заради моите доброволни страсти. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Се облеков во срамна риза, срамно осквернета од живот страстен и сластољубив. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Ја осквернив ризата на плотта моја, и го извалкав, Спасе, она што е по образ и по подобие. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Убоста душевна со сладострасност ја помрачив и сиот ум во прав потполно го претворив. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Ја искинав првородната риза моја, која на почетокот од Создателот соткаена ми беше, и затоа гол лежам. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Се облеков во риза парталава, која злонамерно змијата ми ја истка, и се срамам. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Погледнав на красотата светска, и со умот се прелестив: затоа сега лежам гол и посрамен. Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Живеејќи со ова сознание, дури и во некој скриен агол на својата потсвест, човекот во текот на целата своја историја, помалку или повеќе успешно, постојано се бори со плодовите на својот пад. Осетот за убавината, осетот за символичките значења и вештината на нивното одгатнување; виртуозноста на сокривањето и покривањето, виртуозноста на маскирањето и украсувањето, сето тоа се јавува како резултат на исконската борба на бојното поле на човековата душа; борба меѓу човековата жед за совршенство и неговата онтолошка голотија.

(продолжува)

отец Методиј Златанов