6a00d834515f8469e200e5500977008834-800wi

Неодамна, во Љубљана, во ателјето на еден од членовите на словенечката сликарска група ИРВИН, видов две нивни најнови слики што го третираат симболот на крстот. Тоа не е нешто невообичаено за нив, иако крстот како супстанца и како содржина во двете ликовни дела не се јавува како надоврзување на долгата традиција на ставрографски артикулации, туку го третира самиот проблем на „надоврзување“. Тоа беше и повеќе од доволна провокација за еден мошне инспиративен разговор кој започна со заедничката теза дека нашата, европската култура е првенствено крстопоклона култура, во сите семантички варијации, а продолжи токму во правецот кој го трасираа двете слики: проблемот на идентификација со симболот на крстот. Како го разбираме крстот? Како го носиме овој базичен христијански знак во нашата свест? Дали црвената нишка што ги сврзува полиставрионите на архиерејските одежди од охридските фрески и супрематистичките пан-ставриони на Маљевич се протега и до нашиве денешни крстови? Дали денес тој можеби за нас има и некое друго, поуниверзално (вонхристијанско) значење, сообразно со владеачкиот синкретизам? Разговорот подоцна продолжи и со размена на неколку кратки пораки преку интернет. Всушност, тој сè уште трае.

Што е крстот? Навидум премногу философско прашање. Прашање кое е далечно на суровото секојдневие и борбата за опстанок на секој план. Ќе повторам: навидум. Причината за тоа не лежи само во фактот дека текстов не е инспириран од некојси јубилеј од градењето или осветувањето на крстот на Водно или на некој од стотиците негови репликанти ширум нашата мила и многустрадална татковина. Празникот Крстовден календарски е далеку. Тој исто така нема за цел да ја оправда или осуди симптоматичната тенденција заради која на секоја лединка и ридче никнуваат крстови, а литургиската култура ни е во ембрионална фаза. Причината не е ни во обидот да се опонира на денес често употребуваната синтагма: постхристијански период, – не толку кај нас, тоа не одговара на нашата мултикултурност (заради која не смееме да признаеме ни дека некогаш сме биле христијанска култура), туку на Запад. Во поширок контекст. За да размислуваме и зборуваме за крстот причина има секогаш. Со други зборови, не постои поактуелна тема од смислата на нашето страдање. Дури и тогаш кога страдаме од незнаење.

Крстови можеме да забележиме секаде околу нас. И тие зборуваат многу различни нешта. Симболите, се согласуваме, зборуваат. Што разбираме ние од тие кажувања? Крстови кои се обидуваат да повампират некои анахрони фашистички култови. Гламурозни крстови со кои се накитени програмски разголените и програмски популизираните ѕвезди од музичките спотови. Неонски осветлени крстови на квази-капелите за брза венчавка во стилот на Елвис Присли во Лас Вегас. Трагикомични стилизации на т.н. сатанистички крстови што ги носат фановите на ??????-метал бендовите. Индустриската бижутерија од распетија и розенкројцери што се продаваат и во самите храмови на сите христијански деноминации. Крстовите на знамињата на оние држави кои со тоа го овековечиле своето учество во пљачкашките „крсташки“ походи. Црвен Крст, Црвена Полумесечина, Црвена Давидова Ѕвезда, Црвен Јин-Јанг… Бетонски крстови, челични крстови, дрвени крстови, мермерни крстови, и на гробишта и недвор од нив, и на врвовите од храмовните куполи и без храмови, на камбанариите и без камбанарии. Крстови без критериум. За ваквата декаденција нема невини. Најмалку меѓу оние кои мислат дека го имаат критериумот по традиција.

Во времето на Диоклецијан и Нерон, кога христијанството било во прогон, верниците употребувале симболички алузии на крсниот знак за да се идентификуваат себеси како верници. Крстот јавно никаде не бил изобразуван. Но христијаните живееле со исклучително длабока култура на почитување на чесниот крст. Таа древна ставрологија е темелот и за христијанската семиологија, и за христијанската естетика, но и за целата црковна есхатологија. Денес таа како да е правлив музејски експонат што не е ни во конкуренција со спектакуларната популарност на апокрифните квази-евангелија, езотеричките измислици и бесмислици, панаѓурските џинџуварници и суеверните симпатизерства.

Изворната суштина, пак, е во смислата на едно страдање. Затоа велиме крстот ни ја открива смислата на страдањето. Но не обично страдање. Не ни анонимно страдање. Започнува на крстот, а се осмислува во воскресението Христово. Синхронизирано со овој евангелски настан, документирана е и една паралелна традиција, од самиот почеток: „Ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало. И тие, кога се собраа со старешините и направија совет, им дадоа многу пари на војниците, велејќи: ’Кажете, дека учениците Негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме; и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи.‘ А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени…“ (Јн 28,11-15). Пилатовите војници тоа го направија за многу пари. Денешните војници, за своите приказни за Светиот Грал, Светиот Крст, Светата Крв, Светиот Криптекс, Светиот Трилер,  тоа го прават исто така за многу, многу пари. И слава, се разбира. Сè во полнота: чудо, тајна и авторитет.

Значи, трагедијата не е во тоа што една толку благородна наука, како науката за крстот, во нашиот ум дееволуирала до актуелното понижување на значењето, односно разбирањето на крстот, или, едноставно кажано, што не ја сфаќаме или сме ја заборавиле смислата на нашето страдање. И тоа го правиме толку очигледно. Трагедијата е во тоа што во некоја историска точка, можеби и (во однос) на самиот почеток, губејќи го осетот за селективност, престанавме да реагираме природно на знакот на крстот. Првата буква во нашата азбука на човечноста. Буква која треба повторно за добро да ја усвоиме, инаку ќе ја ставаме каде што не треба.

Ако теологијата сосема се удави во традиционализам и митологизирање, можеби на тоа ќе нè научи сликарството. Бог знае.

епископ Велички Методиј Златанов