Во Црквата сите сме едно, а Христос е глава

Глава на Црквата е Христос, а тело сме ние луѓето, христијаните. Апостолот Павле вели: „Он е глава на телото, на Црквата”. Црквата и Христос се едно. Телото не може да постои без својата глава. Телото на Црквата се храни, се осветува, живее со Христос. Он е Господ, сесилниот, сезнајниот, Кој e насекаде присутен и се’ исполнува.

Он е наша потпора, наш пријател и брат.

Он е столб и тврдина на Црквата. Он е алфа и омега, почетокот и крајот, основата, се’. Без Христос нема Црква. Христос е Младоженецот, а невеста е секоја душа поодделно.

Христос го соедини телото на Црквата со небото и земјата, со ангелите, со луѓето и со сите созданија, со сето Божјо создание, со животните и птиците, со секое малечко диво цвеќе, секој малечок инсект.

Така Црквата стана „полнота на Оној кој исполнува се’ во се’ “ (Ефес. 1, 23), односно на Христос. Се’ во Христос и со Христос, внатре и заедно со Христос. Тоа е тајната на Црквата.

Христос се пројавува во нашето меѓусебно единство и во Својата љубов, односно во Црквата. Црква не сум јас самиот, туку и вие заедно. Црква сме сите.

Во Црквата сите се вотеловуваат. Сите сме едно, а Христос е глава. Едно тело, тело Христово:

„Вие сте тело Христово, а поодделно членови”.

Сите сме едно, затоа шт Бог е нашиот Отец и Он е насекаде. Кога го живееме ова, тогаш ние сме внатре во Црквата. Во тоа се состои молитвата на нашиот Господ во Неговата првосвештеничка молитва, „сите едно да бидат” (Јн. 17, 11; 22), за сите членови на Црквата.

Ова може да го разбереме само преку благодатта. Ја живееме радоста на единството, на љубовта. И така стануваме едно со сите. Не постои поубаво нешто!

Важно е да влеземе во Црквата, да се соединиме со нашите ближни, со радостите и тагите на сите. Да ги чувствуваме како свои, да се молиме за сите, до болка да го посакуваме нивното спасение, да се забораваме себеси.

Да правиме се’ за нив, како што и Христос прави се’ за нас. Во Црквата стануваме едно со секој несреќен, напатен и грешен човек.

Никој не треба да сака да се спаси самиот, без да се спасат и другите. Грешка е човек да се моли за себеси, за да се спаси самиот тој.

Треба другите да ги љубиме и да се молиме никој да не се загуби; да влезат сите во Црквата. Тоа има вредност. Со оваа желба треба човекот да заминува од светот, кога би одел во манастир или пустина.

Кога се одделуваме себеси, тогаш не сме христијани. Вистински христијани сме кога длабоко чувствуваме дека сме членови на мистичното тело Христово, односно на Црквата, со континуиран љубовен однос.

Вистински христијани сме кога живееме соединети во Христа, односно кога живееме соединети во Неговата Црква со чувство дека сме едно. Затоа Христос се моли на Неговиот Отец, велејќи:

„сите едно да бидат”. Он тоа го кажува пак и пак, а апостолите го потенцираат тоа.

Тоа е најголемата длабочина, најголемата смисла што ја има Црквата. Во ова се состои тајната: сите луѓе да се соединат како еден човек во Бога. Друга таква религија не постои.

Ниту една религија не го кажува ова. Нешто кажуваат, но не ја кажуваат оваа тајна, оваа деликатност на тајната што ја бара Христос и ни кажува дека такви треба да бидеме, односно дека сака да бидеме Негови.

Едно сме дури и со луѓето коишто не се во Црквата. Тие од незнаење се далеку од Црквата. Треба да се молиме Бог да ги просветли и да ги промени, да дојдат и тие при Христа. Ние работите ги гледаме човечки, се движиме на друг начин и мислиме дека Го љубиме Христос.

Меѓутоа, Христос Кој „испраќа дожд и на праведните и на неправедните” (Мт. 5, 45) ни вели: „Љубете ги вашите непријатели” (Мт. 5, 44).

Да се молиме да бидеме сите заедно, сите заедно во Бога. Тогаш, ако го бараме тоа, ќе имаме соодветни резултати, ќе бидеме сите возљубени и соединети.

За Божјите луѓе нема растојанија, иако се илјадници километри оддалечени. Каде и да се наоѓаме, ние сме сите заедно. Колку далеку и да се наоѓаат нашите ближни, ние треба да им даваме поддршка.

Мене ми се јавуваат на телефон некои наши ближни од некоја држава, којашто се наоѓа на брегот на Индискиот Океан. Таа држава се вика Дербан (ако го изговарам добро), и се наоѓа во Јужна Африка, два часа од Јоханесбург. Овие денови тие се дојдени тука за да придружуваат некој болен човек до Англија, па поминаа да им прочитам молитва. Јас бев многу трогнат.

Кога Христос не’ поврзува, тогаш не постојат растојанија. Кога ќе си заминам од овој живот, ќе биде подобро. Тогаш ќе бидам поблиску до вас.

Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит” (За Црквата)

Подготви Мина Даниловска

Повеќе ...