За исповедта и духовното раководење

За исповедта и духовното раководење

За исповедта и духовното раководење

Свети Симеон Нов Богослов

Духовниот отец – вистински лекар

За исповед побарајте некој којшто е застапник, лекар и добар советник. Добар советник – за да ви ги покаже патиштата на покајанието, да ве поткрепи со добар совет. Лекар – да препише лекарство што е соодветно за секоја ваша рана и на крај застапник, да биде ваш посредник, да се сврти кон Бог, лице со лице и да вознесе молитви. Немојте да барате некој додворувач или роб на сопствениот стомак и не го претворајте во советник и сојузник бидејќи кога се наклонува на вашата волја, а не на Божјата, тој ќе ви го каже само тоа што сакате да го слушнете и ќе ве остави во непријателство со Бог.

Исто така не треба да изберете неопитен лекар, бидејќи со својата грубост и ненавремена операција и метод ќе ве фрли во длабоко очајание или во најлоша ситуација – ќе ви дозволи, преку несоодветно за случајот сочувство, да си мислите дека се подобрувате, кога всушност вие уште сте болен и на крај ќе ве предаде на она од кое сте се надевале дека бегате, односно вечното страдање. Така таквите дела не прават ништо друго, освен што нѐ враќаат повторно на болестта, која и без тоа ја убива душата.

Што се однесува до застапник и пријател на Бог, мислам дека е многу тешко да се најде. „Понекогаш не сите кои се од Израилот се Израилци“ (Рим. 9,6) Такви се само оние кои го имаат името и во исто време јасно ја разбрале силата на името, односно со разумот гледа кон Бог (види Бит. 32). Не сите кои го повикуваат името Христово се вистински христијани: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Небесен“ (Мат. 7,21). Христос го вели истото: „Мнозина ќе Ми речат во оној ден: Господи, Господи! Не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: Никогаш не сум ве познавал бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!“ (Мат. 7,22-23).

Нема претпоставка дали си достоен за должноста исповедник. Пример со императорскиот двор

Така, браќа мои, треба да внимаваме на тие работи, како оние што извршуваат таинства, така и оние кои грешат и сакаат да се подобрат, така ниту оние кои се молат и извршуваат таинства не си навлекуваат гнев наместо награда, ниту оние кои грешат и усрдно се обидуваат да се подобрат да не паднат кај непријателски погубен и зол советник, наместо кај застапник. Лошите советници ќе слушнат ужасно предупредување: „Кој ве постави за управници и судии на Мојот народ?“, и уште: „Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш, како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Мат. 7,5). Гревот ги означува страстите или похотите кои го поматуваат окото на душата. И пак во истиот дух: „Лекаре, излекувај се сам“ (Лука 4,23), и повторно:

А на грешникот Бог му зборува: „Зошто ги кажуваш Моите наредби и со устата го примаш Мојот завет, а самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои? (Пс. 49,16-17)“.

Свети апостол Павле исто така вели:

Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот Господар тој стои или паѓа. Но ќе биде исправен, зашто Бог е моќен да го исправи (Рим. 14,4).

Браќа и отци! Сето тоа што го кажав до тука, воздивнувам и треперам. Ве молам сите, кога се поткрепуваме со тие молитви, да не се однесуваме со омаловажување кон тие тајни. Тие се свети и страшни за сите кои влегуваат во нив. Не си играјте со работи кои не се играчки, ниту, пак, дозволувајте да стасате до таму, да одговарате со душите заради суета, егоизам или бесчуствителност, или, пак, алчност, бидејќи често се случува необични и примамливи мисли да им доаѓаат на луѓето кога ги нарекуваме „Учителу“или „отче“. Повторувам, да не се протегаме по славата на апостолите без никаков срам, а подобро да се поучуваме од примерот на животот.

Ако некој се претставува за претставник на земниот император, а подоцна е обвинет за незаконско и тајно извршување на некои дела, кои му се поверени или ако јавно ги практикувал, и тој и неговите соучесници ќе бидат казнети со најголема суровост и со уназадување во однос на останатите. Што тогаш ќе се случи со оние кои недостојно посегнуваат кон апостолската должност?

Не може да бидете застапници на другите, пред самите да сте исполнети со Дух Свети или пак сте дознале длабоко во душата дека сте станале омилени на Царот и на сѐ постоечко. Не секој кој го познава земниот император може да се застапува пред него за другите. Многу малку се тие кои можат да го прават тоа. Од позиција на сопственото благочестие, пот и труд тие можат смело да зборуваат пред него. Тие со императорот зборуваат лично. Отци и браќа не треба ли многу да внимаваме со таа должност пред Бог? Го почитуваме ли небесниот Цар барем колку земниот император? Или наместо тоа ќе посегнеме и ќе си ја подариме титулата на престолите од десната и од левата Негова страна, пред да се помолиме за тоа, и пред да сме ги заслужиле? О, таа наша бесрамност! Колку е голем срамот што следи од неа?! Зошто да бидеме осудени за нешто друго, само поради оваа причина ќе бидеме посрамени, лишени од престолот како осудени за нечесност и ќе бидеме фрлени во вечниот оган.

Но ова нека биде само предупредување. Секој внимателно нека се набљудува. Навистина, само заради предупредувањето зборував толку долго. И така, дете мое, да се вратиме на прашањето, кое ми го постави на почетокот.

Монасите можат да нѐ исповедаат. Падот на епископите и свештениците.

Дозволено е да нѐ исповеда неракоположен монах. Ќе видиш, дека тоа се практикува насекаде. Тоа е поради признавањето и подобието (proschema), дадено од Бог како наследство на монахот и според кое монасите се нарекуваат така. Така е напишано во боговдахновените книги на отците и ако имаш можност да го проучиш тоа прашање, ќе видиш дека тие биле во право. Со сигурност знаеме дека пред монасите само епископите имале власт да врзуваат и разрешуваат – власт која ја добиле во наследство од апостолите. Но со текот на времето епископите станале острастени и таа страшна власт преминала кон оние свештеници кои имале безгрешен живот и биле достојни за божествена благодат. Кога и тие се огревовиле и свештениците и епископите станале како и сите други луѓе и мнозина од нив – исто како и во денешно време – биле покорени од духот на лагата, од празни и суетни титули и сите паднале, благодатта се пренела, како што кажавме погоре, на избраните Божји луѓе, односно – монасите. Не дека благодатта била оттргната од свештениците и епископите, туку тие самите се оттргнале од неа. „Зашто секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја“, – вели свети апостол Павле, – „и затоа е должен како за народот, исто така и за своите гревови да принесува жртва“ (Евр. 5,1-3).

Христос е источникот на власта да ги врзуваме и разврзуваме гревоите

Но нашиот разговор да го започнеме од едно поранешно време и да видиме од кога, како и кому му била дадена власта во почетокот за да извршува таинства (хиерургин) да врзуваат и разврзуваат гревови, а после да продолжиме со твоето прашање, за да ти биде појасно не само тебе, но и на сите останати. Кога нашиот Господ Бог и Спасител му рекол на раслабениот: „Ти се проштеваат сите гревови“, присутните Евреи рекле: „Тој богохули, Кој може да проштева гревови освен Самиот Господ?“ (Мат. 9,3, Марко 2,7, Лука 5,21). До тогаш простување на гревовите уште не беше дадено – ниту на пророците, ниту на свештениците, ниту на патријарсите. Затоа книжниците роптале, бидејќи навистина – се прогласило ново чудно учење и нова реалност. Поради таа новост и чудност Господ не нашол вина во неа. Напротив, Тој им кажал работи за кои тие не знаеле, покажувајќи се како Бог, а не како човек и дава власт за проштевање на гревови. Тој им вели: „Но да знаете дека Синот човечки има власт на земјата да проштева гревови“ (Мат. 9,6), Тој му вели на човекот со фатената рака: „Протегни ја раката“, и човекот ја протегнал и таа била исцелена и станала „здрава како другата“ (Мат. 12,13). Исполнувајќи го тоа чудо, Тој сведочи за друго, невидливо и поголемо. Истото се однесува на Закхеј (Лука 19), за блудницата (Лука 1,36) за Матеј додека беше митар (Мат. 9,9), за Петар откако три пати се одрече од Господ (Јован 18,17), за парализираниот (Јован 5,5), кому, откако го исцелил, Бог му вели: „Ете ти оздраве, немој да грешиш повеќе, за да не те снајде полошо“ (Јован 5,14). Со тие зборови Тој покажува дека човекот боледува поради гревовите и откако бил избавен од гревовите, добил избавување од болеста – и не затоа што се молел долго време, не заради постење, ниту поради метании, туку само заради обраќањето и непоколебливата вера, вистинското покајание и многуте солзи, исто како и блудницата (Лука 7,38,44) и Петар (Мат. 26,75), кои горко плачеле.

Тука е источникот на големиот дар кој му припаѓа единствено на Бог. Пред да се вознесе на небото, Тој го предава тој голем дар на учениците. Како им доверил толку големо достоинство и толку голема власт? Сами да разбереме колку и како. Избраните единаесет апостоли се собрани при затворени врати. Тој влегува и застанува помеѓу нив и им дувнува дух и вели: „Примете Дух Свети. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите – ќе им се задржат“ (Јован 20,22-23). По тоа, Тој не им зборува ништо за покајание, бидејќи тие требало подоцна да бидат научени од Светиот Дух.

Ерархијата е изгубена; останата е само власта да се извршува Таинството

Како што веќе рековме, светите апостоли власта ја предале на оние кои ги наследиле нивните престоли. Никој од останатите верници не ни помислувал да претендира за неа. Божјите ученици власта на полнотата ја зачувале неизвалкана. Но, како што минувало времето и достојните се смениле со недостојни, секој се натпреварувал да биде пред другите, имитирајќи добродетели, за да биде почитуван. Оние кои ги наследиле апостолските престоли, се покажале со острастени умови, сакале земни задоволства и барале слава, биле склони кон ереси, божествената благодат ги напуштила и таа власт им била одземена. И така, тие кои ги извршувале Таинствата оставиле сѐ што се барало од нив, останала само таа потреба: да бидат прославени. Но јас лично не мислам дека дури и тоа го запазиле. Човекот е прославен не затоа што воведува нов догмат во Црквата Божја, туку затоа што животот го прилагодува во согласност со вистинското учење. Таков живот и таков човек денешните патријарси и митрополити од време на време бараат и не можат да најдат, или ако најдат, претпочитаат да ракоположат наместо него недостоен кандидат. Од тие кои се ракополагаат се бара само тоа – да го напишат Символот на Верата. Тоа го сметаат за доволно и допуштаат – човекот да не биде доволно ревносен, ниту да биде воинствен кон злото. На тој начин тие се преправаат дека внимаваат на мирот во Црквата. А тоа е полошо од искрено непријателство кон Бог и предизвикува големи пречки.

Поради таа причина и свештениците станале недостојни, бесполезни и не подобри од останатите луѓе. Никој од нив не е таа сол за која зборува Господ (Мат. 5,13) способен да задржи и спаси од погибел некој друг. Наместо тоа, тие добро знаат и ги кријат слабостите еден на друг, и паднале пониско од сопствените духовни чеда, а духовните чеда паѓаат уште пониско. Некои од мирјаните се покажале подостојни од свештениците. По мракот на свештениците тие луѓе блескаат како жар. Ако свештениците можат, според Божјото слово (Мат. 5,16), да светат како сонце, таа жар би била светлина, но би била темна во споредба со посилната светлина. Но, бидејќи меѓу луѓето остана само подобието и облекувањето на свештеникот, дарот на Духот премина врз монасите. Преку знаци ни е откриено дека тие со животот навлегуваат во животот на апостолите. Но ни тука ѓаволот не го запрел своето дело. Тој кога видел дека тие ни се откриваат како новите ученици Христови во светот и дека тоа е многу јасно во нивниот живот преку чудеса, тој нашол лоши браќа, негови ученици и кога тие се умножиле (како што самите гледате!) и монасите во својот ред станале бесполезни и така заживеаја, што воопшто не беа монаси.

И така, ниту на оние кои се под монашко расо, ниту на оние ракоположените и запишани во должноста на свештенството, ниту, пак, оние кои се удостоени за епископско достоинство – мислам на патријарсите, митрополитите и епископите – Бог им дал благодат да простуваат гревови, единствено поради тоа што се ракоположени. Да не се случи! Бидејќи на последните им е разрешено само да извршуваат таинства (јас мислам дека ни тоа не се однесува на мнозина од нив, бидејќи би изгореле во она Таинство, пред кое тие самите се како сува слама). Таа благодат повеќе им е дадена на оние свештеници, епископи и монаси кои се придржуваат кон Христовите учења, според силата на праведниот живот.

Превод: Свештеник Игор Пармачки