Во лаврата на светиот отец наш Сава Освештени го посетивме старецот Атанасиј и тој ни го раскажа следново:

Во времето додека престојував во општежитието Пентукла[1] живееше таму некој презвитер Конон, родум од Киликија. Бидејќи беше добродетелен монах и имаше возвишен духовен раст, стана свештеник и му беше одредено послушание да крштева.

Тој ги крштеваше сите кои доаѓаа заради тоа во манастирот, но секогаш кога требаше да миропомаза некоја жена делуваше многу возбудено[2], така што планирал да го напушти манастирот. И секогаш кога го вознемируваше помислата за заминување, му се појавувал свети Јован Крстител и му велел: „Имај трпение и јас ќе те ослободам од твојата телесна борба“.

Преподобен презвитер Конон Крштелник
Преподобен презвитер Конон Крштелник

Еден ден заради крштевање во манастирот дошла некоја млада Персијка. Била убаво градена и многу убава, така што презвитерот Конон не се осмелил да ја миропомаза. Поради тоа Персијката морала да остане некрстена два дена во манастирот.

За овој случај чул и архиепископот Петар (524-552), многу се изненадил и помислил дека би било добро да се постави некоја ѓакониса за да ги миропомазува жените. Но, ова манастирот не го прифатил, па архиепископот се откажал од својата намера. Тогаш презвитерот Конон го зел својот плашт и го напуштил манастирот велејќи: „Не останувам повеќе на ова место“. Штом се искачил на ридовите, го пресретнал свети Јован Крстител и кратко му рекол: „Врати се во манастирот и јас ќе ти ја ослеснам твојата мака“.

На ова авва Конон му одговорил луто:

„Те уверувам дека нема дека се вратам, оти ти многу пати ми ветуваше дека ќе ми помогнеш, а ништо не стори“.

Тогаш свети Јован го седна на едно мало ритче, испитувачки ја погледна неговата мантија, три пати го осени со знакот на крстот во пределот под папукот и му рече:

„Биди сигурен, презвитеру Кононе, дека сакав да заработиш награда за твојата телесна борба, но бидејќи ти не ја сакаш, еве, те ослободувам од оваа телесна борба, но ти ја изгуби и наградата“.

Така презвитерот Конон се врати во манастирот каде што ја крсти и миропомаза онаа Персијка и не забележувајќи дека таа има женско тело. И уште дваесет години крштеваше и миропомазуваше, без да чувствува било какво движење во своето тело кога пред себе имал жена. И така било сè до неговото упокојување. Неговиот свет спомен се слави на 19 февруари.

Превод: Свештеник Јани Мулев


[1] Манастирот Пентукла, или манастир на плачот, се наоѓал на самиот брег на Јордан, на местото каде што синовите на Јаков, пренесувајќи ги коските на својот татко, го преминале Јордан и тука многу плачеле.

[2] Во тоа време сите се крштевале голи.