За љубовта

За љубовта

Беседа на Евангелието во 19. Недела по Педесетница
Архиепископ Антинојски Пантелејмон

Човекот по природа е општествено битие. Тој живее, се движи, делува и се развива во една заедница сочинета од луѓе. Уште од самиот почеток на создавањето, самиот Бог забележал дека „не е добро за човекот да биде сам“ (1Мој 2,18), и затоа ја создал жената. Откако претходно од Адама извадил едно ребро, Тој го пополнил телото што недостасувало, и му ја покажал Ева на Адама, поставувајќи ја за негов помошник. Со други зборови, самиот Бог го создал, а потоа и го благословил човечкото општество. Грчките филозофи велеле: „Човек што не живее со луѓе е или бог, или луд“.

Троединиот Бог е заедница, зашто е Троица: Отец, Син и Свет Дух. Бог е Еден по суштина, но Троица по ипостас, односно личност (ипостас значи начин на постоење). Меѓу Трите Ипостаси владее потполен и совршен љубовен однос. Ниту едно создание во сета вселена, видливо и невидливо, не Го познава Отецот, освен преку Синот; и никој не може да Го познае Синот, ако Отецот не му Го објави. Светиот Дух ги испитува длабочините на суштината на Отецот.

Љубовта на Трите Личности е взаемна и е изразена кон светот, особено кон човекот. Љубовта е од Бога, и секој којшто го љуби својот ближен е од Бога и Бога Го знае. Оној што нема љубов, не Го познал Бога, зашто Бог е љубов (1Јн 4,7-8). Оној што ревнува да пребива во љубовта кон своите ближни, у чествува во Божјата љубов и Бог пребива во срцето на човекот што има љубов. Поради ова, ако Бог нѐ има толку возљубено, и ние мора да се љубиме еден со друг на сличен начин (1Јн 4,11).

Љубовта е врзивно ткиво во нашите односи со ближните. Прашањето на денешното евангелско четиво е: Дали правилно љубиме? Дали нашата љубов е љубовта што Бог ја бара од нас, чиста и безусловна? Дали нашата љубов е различна од световната?

Христијанска љубов

Ако на пример, ние не ги надминеме границите на секојдневнието, ако не ги надминеме своите слабости, тогаш на кој начин нашата христијанска љубов се разликува од другите? Ако ги љубиме само оние што нас нѐ љубат, тогаш каква благодат сме примиле од Бога? Како би го познале Божјото дело и силата на Светиот Дух во внатрешната промена на нашиот карактер? Кога човек во Христа се крштева, тој станува ново создание, одново се раѓа. Но, иако човекот го прима овој Божји дар во моментот на крштението, сепак, доколку не ја активира благодатта Божја во својот живот, тогаш дарот останува неактивен и не му користи.

Човек што не го љуби својот ближен безусловно докажува само едно нешто – дека не Го познал Бога. Грешниците ги љубат грешниците, зашто се надеваат на некаква корист од нив.

На сличен начин, кога на нашите ближни им правиме добри дела, никогаш не смее да мислиме за возврат да добиеме нешто од нив. Не смее да дадеме некаков подарок, планирајќи да побараме противуслуга во блиска иднина. Не смее да дадеме некаков подарок на човек кој е на висока позиција, за подоцна да постигнеме некаков напредок во кариерата. Ваквите дела не се во склад со Бога.

Православниот христијанин не прави добри дела за да добие световна сатисфакција туку, напротив, тој прави добри дела поради љубовта што ја чувствува кон својот ближен и кон Бога. Тој им помага на оние што не се во можност да му возвратат на неговата добродетел. Ако имаш храна во изобилство, нахрани ги сиромашните и луѓето што гладуваат. Ако имаш облека повеќе одошто ти е потребно, облечи ги оние што не можат да си приуштат да купат нова облека. Отвори го твојот плакар и ќе видиш колку непотребни работи чуваш таму, а преку ближниот можеш да Го облечеш и нахраниш самиот Христос.

Зошто ги полниме плакарите со толку алишта кои, на крајот, ќе ги јадат молци? Зошто се бориме да имаме дебели сметки во банките, а ни е тешко да им помогнеме на семејствата што навистина имаат потреба од наша помош? Некој троши милиони во казино, играјќи карти, фрлајќи коцки, трошејќи го времето на коцка, надевајќи се дека ќе стане уште побогат, а кога ќе го замолиш да им помогне на луѓе што имаат вистинска мака, одеднаш ти вели дека не може да оддели ни денар, неговото лице се помрачува и само наоѓа изговори со цел да не помогне.

Но, возљубени мои пријатели, вие мора да знаете дека човекот што му помага на сиромашниот, на Бога Му позајмува. Неговите добри дела ќе го следат и по смртта, и на Судниот ден ќе се заложат за него пред Праведниот Судија Кој ќе им суди на живите и на мртвите.

Нашата христијанска љубов мора да биде како сонцето и дождот. Оти, Бог го дава сонцето и го испраќа дождот не само на праведните, туку на сите луѓе на земјатa, дури и на оние што се противат на Неговата волја. На сличен начин, православниот христијанин ги љуби не само оние што го љубат него, туку и оние што го мразат. Православниот христијанин ги љуби и оние што му наштетиле, што му завидуваат, што го гонат и оние што секојдневно му прават лоши работи. Како што нашиот Господ и Спасител Исус Христос им простил на оние што Го распнале, и тоа додека бил на Крстот, во моменти на најголема болка, така и ние мора да им простиме на сите што мислиме дека ни згрешиле.

Преку денешното свето Евангелие, нашиот Господ и Спасител Исус Христос ни го објави учењето и ни го покажа Патот на животот што треба да го следиме. Онака како што сакаме другите нам да ни прават добро, така и ние мора ним да им правиме добро. Како Христови у ченици, мора да Го подражаваме Бога во Неговата љубов. Само тогаш, кога нашата љубов ќе ги надмине границите на нашата природна човечка љубов, ќе можеме да станеме учесници во Божјата љубов што не познава граници, предуслови и интереси. И тогаш, само тогаш, ќе бидеме деца на Бога, Чија благодат се молам обилно да се излее врз сите вас. Амин.

Извор: „Тавор“ бр. 13