За Света Троица. За Божественоста на Христа – Спор со „Јеховини сведоци“  (V)

За Света Троица. За Божественоста на Христа – Спор со „Јеховини сведоци“ (V)

За Света Троица. За Божественоста на Христа – Спор со „Јеховини сведоци“  (V)

За Света Троица

Јеховин сведок: – Јас предлагам денес да го разгледаме прашањето за „Троица“.

Православен: – Го очекував ова прашање.

Јеховин сведок: – Добро. Јас мислам, дека ова прашање ви е најслабата точка. Ќе започнеме со тоа, дека во „Еврејските“ и „Грчките“ Писма никаде не се спомнува за „Троица“. Бог – е една личност, величествена во целата вселена.  Бог – не е три личности: Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ (5. Мој. 6, 4). Он е имено еден, ќе прочитаме два стиха: Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нè создаде? (Малах. 2, 10); бидејќи еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера (Рим. 3, 30).

Синот е создаден, а до тогаш Бог бил еден. Ќе прочитам: И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок, Почетокот на Божјото создание (Откр. 3, 14). Тука е потребно да се обрати внимание на зборот „Почетокот на Божјото создание“. Понатаму: „Он е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар“ (ПНС Кол. 1, 15).

Очигледно е, дека Бог треба да биде возвишен над сè, „за во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно, и секој јазик јавно да го признае Исуса Христа за Господ, за слава на Бога Отецот“ (ПНС Филип. 2, 10-11). Како што гледате, Синот прави сè и се поклонува пред славата на својот Отец. И при тоа е очигледно, дека синот[1] е помалку од Отецот: Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жената глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог (1. Кор. 11, 3.) Синот, е пред сè гласник на својот Отец, тоа треба да го помните: „Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Отец, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас од Бога излегов и еве сум тука. Оти не сум дошол Сам од Себе, а Он Ме прати (ПНС Јован 8, 42). Оттука и светиот дух[2] –  е активна сила на Бога. Сила, – а не личност: Штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата; и ете, се отворија небесата, и он го виде духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над него (ПНС Мат. 3, 16). Духот – е имено „дух на Бога“, и не е повеќе од тоа. Бог го испраќа духот свет за исполнување на своите намери: …Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата (Псал. 103, 30).

Што вие можете да кажете на ова?

Православен: – Во Библијата за Света Троица се говори доволно многу.

Пред сè, ќе го обратам нашето внимание на текстови од Првата книга Мојсеева, каде е речено: Потоа рече Бог: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние (1. Мој. 1, 26); И рече Господ Бог: „Ете, Адам стана како еден од Нас (1. Мој. 3, 22). Тука за творецот се говори во множина. Во исто време, Светото Писмо категорично тврди, дека Бог го создаде човекот, го создаде според образот Божји (1. Мој. 5, 1). Возникнува некој звук на единство во мноштво. Во самата полнота на човечката природа, ова единство се открива во троичното мноштво со почетокот на единиот човечки живот: и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! (1. Сол. 5, 23).

Истото можеме да го видиме и во следниов текст: … Ајде да слеземе и да им го збркаме јазикот нивни за да не се разбираат еден со друг што зборуваат!  И така Господ ги растури (1. Мој. 11, 7-8).  Тука глаголот „да слеземе“ е во множина, а зборот „Господ“ (Јахве) – во еднина. Повторно ние слушаме за некое единство во мноштво.

Освен тоа, првиот стих од Библијата, исто така укажува на единство во мноштво: Берешит бара елохим ет хашамајим вет хаарец[3], буквалниот превод на овој стих е следен: „Во почетокот  ТИЕ (Богови) ги создаде небото и земјата“ или „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1. 1). Како што гледаме, еврејскиот глагол бара (וְאֵת) „ги создаде“ е во еднина, а првото Име на Бога во Библијата – Елохим (אֱלֹקִים) е во множина.

Всушност решението може да биде и во глаголот „бара“ (וְאֵת) – (создаде).

Арамејскиот збор бар означува „син“, односно Бог Отецот го создаде светот со Својот Син. Тоа не му противречи на новозаветното учење за Господ Исус Христос. Речено е: и на сите да им откријам во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исуса Христа (Ефес. 3, 9). Во исто време и за Светиот Дух е речено: Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата (1. Мој. 1, 2).

И така, при создавањето на светот присувствуваат и Отецот и Синот и Светиот Дух – Тие се Еден Творец. За слично единство во мноштво, за мноштвото на Лицата на Света Троица говори и следниов стих: Пристапете кон Мене, слушајте го ова: Јас и во почетокот говорев не тајно; од она време, откако се извршува тоа, Јас бев таму; и сега Ме испрати Господ Бог и Неговиот Дух (Иса. 48, 16).

…Исто така ние знаеме дека, првиот свет паднал (се мисли од создавањето на Адама). Во почетокот на востановувањето на Царството Божјо како на небото, така и на земјата (Мат. 6, 10) од страна на Исуса Христа, ние го гледаме како и во почетокот на првиот свет, Духот Божји над водите (Третото Лице на Света Троица), го слушаме гласот на Творецот (Првото Лице на Света Троица) и го гледаме Синот (Второто Лице на Света Троица): И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! (Мат. 3, 16-17). Учителот на Црквата Тертулијан во своето слово „За крштевањето“ обрнува внимание на овие стихови.

…На создавањето на човекот му претходи Собор на сите Лица на Света Троица: Потоа рече Бог: Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние (1. Мој. 1, 26). Блажени Августин во својата книга „Беседи на Првата книга Мојсеева“ нагласува, дека зборот „образ“ (во еднина) покажува, дека постои една Сушност (природа) Божја, а кога Бог говори „според Нашиот“, Он покажува, дека Едниот и исти Бог не е просто еден, туку дека постои повеќе од Една (Негова) Ипостас (Личност).

Јавувајќи му се на Мојсеј, Бог таинствено му укажал на Својата Троичност со зборовите: Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.” А Мојсеј го сврти лицето свое, зашто се плашеше да погледа во Бога (2. Moj. 3, 6). За славењето на Бога од страна на Серафимите е речено: Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе. И викаа еден кон друг и велеа: „Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава! (Иса. 6, 2-3). Трикратното прославување на Единиот Бог симболизира нешто.

Граматичката конструкција на следнава реченица е исто така интересна во поглед на прашањето кое го разгледуваме: од Него, преку Него и во Него. Нему слава во веки. Амин! (Рим. 11, 36). Слична конструкција има и во следниов стих: сè е преку Него и за Него создадено (1. Кол. 1, 16). Директен цитат во однос на ова прашање: Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух (Мат. 28, 19).

Дури и главната заповед за единството на Создателот: Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ (5. Мој. 6, 4), – завршува со зборовите не „еден Господ“, а „единствен Господ“ – „Адонај ехад“ אֶחָד (Ехад) – означува единствен. Иако овој збор понекогаш се разбира како „еден“, односно „еден“ („прв“) како почеток на некои мноштва (Битие прва глава). Множества – поврзани едни со други или во име на нешто.

Ако за вас кажат, дека вие сте еденствен, мислам дека вие ќе прашате: „Со кого сум јас единствен?“ Единството всушност вклучува единство помеѓу некој и некој или нешто и нешто.

Самата Божествена Љубов, за Која е речено: Бог е љубов (1. Јов. 4, 8), не е себељубие… Напротив, Бог е Љубов, – Бог Отецот го љуби Бог Синот, Бог Синот го љуби Бог Отецот, и Отецот и Синот пребиваат во Љубовта на Светиот Дух. Сите Три Лица на Света Троица – пребиваат во Љубов. Зарем кон оваа љубов ние не се повикуваме со зборовите: да бидат едно, како што сме Ние (Јован 17, 22). Блажени Августин пишувал: „Ако љубовта, со која Отецот го љуби Синот, а Синот го љуби Отецот, неискажливо ја открива заедницата помеѓу Нив, тогаш зарем не е најсоодветно да го нарекуваме Светиот Дух, заедница на Отецот и Синот, односно на самата Љубов“. Преку личноста на Светиот Дух и ние стануваме причасници на сета Божествена Љубов, според зборовите на апостол Павле: зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден (Рим. 5, 5).

Јеховин сведок: – Како вие тоа си замислувате: еден Бог и неколку негови личности?

Православен: – Сушноста (Природата) на Бога е една, а Лица се неколку… Обратете внимание на следниов библиски стих: … за да се утешат срцата нивни, та, соединети со љубов за секое збогатување со совршено разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христа (Кол. 2, 2).

Јеховин сведок: – Тогаш како вие го објаснувате тоа, дека синот е помалку од Отецот?

Он сам говори за себе: одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене (Јован 14, 28).

1398003840_voskresenie-hristovo1-2

За Божественоста на Христа

Православен: – Слични вакви текстови треба да се споредуваат со други, и со помош на смислови усогласувања да се најде златна средина. Ајде да направиме слична споредба: Мојот Отец е поголем од Мене (Јован 14, 28), и друг текст: Јас и Отецот едно сме (Јован 10, 30) и сладниов стих: зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот (Јован 8, 16). Тука јавно се говори за двете природи во Христа – Божествена и Човечка.  Тоа, дека Божествената и Човечката природа во Христа (неслиено) реално постојат, потврдуваат и покажуваат следниве два текста: Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот (Јован 14, 9); и текстот оти во Него телесно живее сета полнота на Божеството (Кол. 2, 9).

Исто така, кога Синот Божји страдал, растел, бил гладен и жеден, тогаш тука се пројавувала Неговата Вистинска Човечка природа.

А кога ние читаме: Затоа ви реков, дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не поверувате дека сум Јас, ќе умрете во гревовите свои (Јован 8, 24)- спореди со 5. Мој. 32, 39; Иса. 43, 10), – на грчки „Сум Јас“ звучи како „Јас сум“ (црковнословенски СЫЙ).) Тука станува збор за Оној, во чии раце се и животот и смртта. Он Сам говори за Себе: Јас сум Првиот и Последниот… и ги имам клучевите од адот и смртта (Oткр.1, 17-18).

Постои и слично сведоштво за Христа и во Стариот Завет. Еве, настапуваат дни, вели Господ, и ќе му издигнам на Давида фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата. Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израилот ќе живее безопасно; и еве, – Неговото име со кое ќе го именуваат е „Господ (יְדֹוָד) – наше оправдание!” (Јерем. 23, 5-6). Тука името на Христа се предлага (е напишано) со пет букви Јахве.

И уште[4]: Ако Христос не е Бог (како што вие погрешно учите), тогаш

  1. Библијата не е вистинско Слово Божјо;
  2. а светот не е Создаден од Бога!
  3. И Христос не можел да ги земе врз себе гревовите на целиот свет! – Вие едвај се согласувате со ова.
  4. Но! Всушност за Христа се говори како за Творец на овој свет (и вистинска причина за неговата појава): Кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар; бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено; Он е пред сè, и сè преку Него се држи (Кол. 1. 15-17). Зборовите: првороден пред секоја твар укажуваат на безпочетното и предвечно Раѓање на Синот од Отецот. А следниве зборови: и сè е преку Него, директно укажуваат на Него како на Седржител (греч. παντοκράτωρ), за Кој е речено: оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме (Дела: 17, 28);
  5. Самото Свето Писмо (Библијата), напишана од светите пророци и апостоли, е вдахновено од Христа, Словото Божјо. Читаме: Кое го бараа и испитуваа пророците, што прорекоа за вашата благодат. Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив (1. Петр. 1, 10-11); и уште: А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал (Јован 14, 26). Така, отфрлувајќи ја Божествената Природа на Христа Синот Божји, вие индиректно го претставувате Бога како да не е создател на овој свет и како да не е автор на Словото Божјо (Светото Писмо). Но имено за Синот Божји, како за Божествен Логос (Слово), е речено: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото (Јован 1, 1). – Јас знам, дека вие на свој начин го преведувате овој текст…
  6. И воопшто не е јасно: ако Христос не е Бог (како што вие лажно учите), – тогаш како Он може да ги земе на Себе гревовите на целиот свет (1. Јов. 2, 2). И како во таков случај Он можел да умре за гревовите на оние, кои живееле до пред Неговиот земен живот (започнувајќи од првиот човек) и после Неговото Вознесение? Според вашата логика, Он можел да умтре само за своите современици… Но бидејќи Он е Бог кој не е ограничен со времето и просторот, Он можел да ги земе на Себе сите престапи и гревови на родот човечки и да го изврши домостројот на нашето спасение; да ги искупи со Своите страдања дури и тие луѓе, кои сеуште не се родиле во овој свет, кои кога ќе се родат ќе грешат и ќе го бараат патот за помирување во Бога и со Бога (во Христа и со Христа). И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат; но, секој по својот ред… (1. Кор. 15, 22-23).

Јеховин сведок: – Сакам да ја смениме темата.

Православен: – Добро.

Протоереј Олег Стенјаев

Превод: м-р Игор Ризановски

Извор: http://pravoslavie.ru/106551.html#_edn2

[1] „Јеховините сведоци“ не употребуваат при пишување на зборот „син“ во однос на Христа голема почетна буква („Син“).

[2] Светиот Дух, кај „Јеховините сведоци“нема традиционално пишување на Неговото Име со големи букви како кај христијаните („Светиот Дух“).

[3] בְּרֵאשִׁית בָּרָא אֱלֹקִים אֵת הַשָּׁמַיִם וְאֵת הָאָרֶץ

[4] Следниов пасус е земен од друга средба со „Јеховините сведоци“ во (2008 год.).