За Светото писмо (Библијата)

За Светото писмо (Библијата)

За Светото писмо (Библијата)

rsz_biblija

Во текот на целата историја, од создавањето на светот па сè до денес, Бог е во постојано општење со човекот. Според Неговата Промисла, Он на најразлични начини им се откривал на луѓето и ги соопштувал основните вистини за Себе, за светот и за човекот. Тоа се нарекува Божествено Откровение. Обично тоа Откровение го делат на природно и натприродно. Има вистини до кои човекот може да дојде со својот разум (преку философијата, науката: на пример, дека овој свет има почеток и свој Творец). Природата, созданието, како што вели св. Атанасиј Александриски, е книга што ја напишал Бог со Својата рака (сп. Пс 18,1: Небесата ја објавуваат славата Божја и за делата на Неговите раце известува сводот небески). Но, тоа знаење е ограничено, бидејќи човекот отпаднал од првичната благодатна состојба на Богоопштење. Затоа Бог на еден поинаков начин се откривал на светот преку особени луѓе, пророци, а на крајот и совршено се објавил преку Воплотувањето на Синот Божји, Господ Исус Христос. За разлика од првото, ова би го нарекле натприродно Откровение.

Првично, вистините на Откровението се пренесувале усно од поколение на поколение меѓу оние луѓе што биле носители на вистината за Едниот и Вистински Бог. Подоцна, од страна на боговдахновени луѓе еден дел од Откровението било запишано и така се појавува Светото писмо. Незапишаното Откровение се нарекува Свето предание, а запишаното Свето писмо. Значи, Светото писмо е само еден дел, еден аспект, од Откровението: И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание (1Сол 2,15).

Свето писмо на Стариот и Новиот завет – вака поопширно се именува Библијата во Православната црква. Библијата денес ние ја доживуваме како една книга, но всушност станува збор за многу книги, за една цела библиотека собрана на едно место. Зборот Библија од грчки се преведува како книги. Стариот завет се светите книги на еврејскиот народ, особено избран од Бога да биде восприемач на Откровението и носител на верата во ветениот Спасител. Новиот завет се запишаните сведоштва за веќе дојдениот Спасител во Личноста на Исус Христос. Стариот и Новиот завет претставуваат една целина, бидејќи централна Личност во нив е Едниот и Ист Господ Исус Христос, Кој е Алфа и Омега на Откровението. Како што вели блажени Августин: „Новиот завет се крие во Стариот, а Стариот завет се открива во Новиот“.

Од првите денови на постоењето на христијанската Црква, кога сè уште немало апостолски книги, Стариот завет навлегол во нејзиниот живот и таа природно го прифатила како свое наследство. Кога во Новиот завет првите христијани говорат за Писмата, тие мислат на Стариот завет (истото се мисли и во Символот на верата). Старозаветните псалми биле првите молитви на христијаните, а во пророштвата за нив се разоткривала искупителната тајна на Месијата. Подоцна, откако настанала новозаветната писменост, истата била придодадена кон Стариот завет и така се формирала едната христијанска Библија.

Како настанала Библијата?

Треба да разликуваме неколку фази: првата е времето на настаните што се опишуваат (Авраам – 1800, Мојсеј – 1250/1450 пр. Хр., Христос – 1 век) првобитно меморирани во усното предание, втора фаза е запишувањето на настаните, трета – нивното препознавање како свештени текстови.

Во Стариот завет, Мојсеј по Божјо вдахновение почнал да запишува дел од Откровението: Му рече Господ на Мојсеја: „запиши го тоа за помен во книгата и објасни му на Исуса да помни…“ (2Мојс 17,14). Земете ја оваа книга на Законот и ставете ја покрај ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и таа ќе биде таму како сведоштво (5Мојс 31,26). Во Мојсеевите книги, освен Законот даден од Бога кај планината Синај, запишани се и усните преданија за патријарсите Авраам, Исак и Јаков, кои со векови биле чувани во еврејското предание. Самата збирка на книги, наречена Библија, започнува со описот на Создавањето на светот и човекот, гревопадот на првите луѓе, па продолжува со историјата на старозаветните патријарси и подоцнежната историја на еврејскиот народ, сè до периодот на доаѓањето на Месијата.

Во Личноста на Господ Исус Христос се исполнува сето она за што говорел Стариот завет. Првите христијани го наследиле старозаветното Писмо, но веќе тие го разбирале во неговата вистинска смисла. По Воскресението, Христос им рекол на апостолите: Ете, ова се зборовите што ги говорев уште додека бев со вас, зашто требаше да се исполни сè што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите“. Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата (Лк 24,44-45). И веќе со овој просветен ум, апостолите почнале да ги препознаваат пророштвата, укажувањата, праобразите од Стариот завет што претскажувале за Христос. И во прво време, апостолите својата проповед за Христа ја основале на Светото писмо: Истражете ги  Писмата… тие сведочат за Мене (Јн 5,39). Христос за време на Својот земен живот ништо не напишал, а апостолите немале намера да пишуваат Евангелија, зашто првите христијани очекувале дека Христос многу бргу ќе се врати. Евангелијата се појавуваат малку подоцна, кога се јавила вистинска потреба за тоа. Така настанува Новиот завет, во кој е опишан животот, учењето, смртта, Воскресението, Вознесението на Месијата, како и првите денови од историјата на Црквата.

Г.Г.