rsz_liturgija_vhod

Уште од самите почетоци, во ранохристијанската богослужба, биле употребувани особени одежди. Најпрвин тие биле едноставни бели облеки изработени од ленено платно и богато украсени со скапоцени материјали. Некои делови од свештените ризи биле изработени според образот на старозаветните одежди, а некои делови биле направени како израз на новозаветната, христијанска теологија и естетика. Во текот на христијанската историја тие претрпеле некои минимални формални измени, но духот и суштината на христијанските богослужбени одежди и односот кон нив останале исти. На тој начин естетизмот и символизмот на литургиските одежди видливо и надворешно сведочат за верноста и утврденоста во светото Предание на Црквата.

Освен символиката на материјалите, особена важност за свештената облека имаат и боите кои се употребуваат за нејзините поединечни делови. Основна и најважна боја на црковните одежди била и сè уште е белата. Таа ја символизира духовната чистота, девственоста како срж и суштина на литургискиот украс и символ. Белината, беспрекорноста и совршенството, изразени на облеката, дополнително се потенцирани со присуството на сребрени, златни и свилени украси и везови кои го изобразуваат блесокот, светлината и нематеријалноста на чистотата со која е удобрен свештенослужителот. Оваа белина упатува на таворската светлина со која нашиот Спасител, Господ Исус Христос ги озари апостолите и целиот свет:

„А по шест дни ги зеде ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами; и се пребрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“ (Мат. 17,1-2).

Од деветтиот век наваму, под влијание на развојот на литургискиот символизам и оприсутнетата церемонијалност во богослужбите, започнуваат да се употребуваат и други бои со кои се украсуваат свештените одежди. Во деновите на споменот на светите апостоли и маченици, како и во деновите на радосната тага во споменот на страдањата на нашиот Спасител, се употребувале одежди со пурпурна или темно црвена боја, која ја символизирала крвта на Спасителот или светиот маченик, но таа била и символ на животот, со кој светите мартири сведочеле за Царството Небесно, символ на вечниот живот со кој се исполнуваат оние кои се причестуваат со евхаристиската жртва Господова. Зборувајќи за бојата на свештените облеки свети Симеон Солунски вели: „Тие се бели, заради чистотата и светлоста на благодатта. А можат да бидат и пурпурни во времето на постот, за да плачеме ние кои згрешивме и да Го оплакуваме Оној, Кој заради нас се принесе на жртва. Та сеќавајќи се на Неговите страданија да тргнеме по Него…“ Во дванаесеттиот век, охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан во своите списи ја потврдува оваа пракса укажувајќи на тоа дека бели одежди се употребувале на богослуженијата во текот на целата година, со исклучок на деновите на Великиот Пост и во деновите на помен на упокоени, кога се употребувале црвени одежди во знак на жалост. Освен нив, започнала да се употребува зелената боја како символ на нашата надеж кон вечно блажениот и незалезен живот во Царството на нашиот небесен Родител, што го стекнавме со спасителната мисија на Синот Божји преку благодатните дарови на Светиот Дух; потоа, сината како символ на небесната чистота, непричастна на ништо земно и страсно, и така натаму.

Освен духовниот авторитет и чистота за кого превасходно сведочат свештените одежди, тие, со својата разнообразност, нè упатуваат и на поединечните чинови на свештената ерархија. Бидејќи секој ерархиски степен има поинаква свештена облека. Ѓаконски одежди се: стихарот, нараквиците и орарот. Презвитерски, т.е. свештенички одежди се: стихарот, епитрахилот, појасот, нараквиците и фелонот. Архиерејски, т.е. епископски одежди се: стихарот, епитрахилот, појасот, нараквиците, надбедреникот, сакосот и омофорот. Секој од овие елементи на богослужбената риза претставува неслично подобие на невидливото значење кое извира како од формата и структурата на секој елемент, така и од содржината на молитвата која свештенослужителот ја кажува при облекување на секој поединечен елемент. Трите ерархиски степени, ѓаконскиот, презвитерскиот и архиерејскиот, содржат длабока символичка содржина која го дефинира и самиот ерархиски степен и неговото достоинство во црковната ерархија. Затоа е важно сега да се задржиме на секој елемент од црковните богослужбени одежди поединечно, та преку возвишените зборови на литургиската поезија содржана во молитвите со кои свештенослужителот невидливо се облекува, облекувајќи ги одеждите и преку знаците и подобијата на боите, орнаментите и кројот на елементите, односно чинителите на литургиската риза, да проникнеме во убавината која нè приопштува кон личното единство со Бога, во Небесниот Ерусалим.

(продолжува)

Прв дел    Втор дел

отец Методиј Златанов