За значењето на молитвата: „За соединувањето на црквите“

За значењето на молитвата: „За соединувањето на црквите“

За значењето на молитвата: „За соединувањето на црквите“

77597.bЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ЦРКОВНАТА МОЛИТВА: „ЗА СОЕДИНУВАЊЕТО НА ЦРКВИТЕ“

Во почетокот на божествената Литургија, меѓу првите молитвени прозби кон Господа Бога, Православната Црква го произнесува следниов возглас: „За мир во целиот свет, благосостојба на светите Божји цркви и за соединување на сите, да се помолиме на Господа“.

Слушајќи го ова, некои верни, ширејќи го своето срце од љубов, верољубие и верска толеранција, се молат не само за „благосостојба и соединување“, односно,  за зачувување во единство на „светите Божји цркви“, православните, односно деловите, кои ја сочинуваат Вселенската Црква, на пример, Цариградската, Александриската, Антиохиската, Ерусалимската, Руската, туку и за соединување на црквите, кои се оддалечиле од Православието, како на пример, Римската, Ерменската…

Некои, пак, заградувајќи се со строга ревност за Православието, со истите зборови се молат само за „соединување на светите Божји цркви“ православни.

Кој е тој, што не ја почитува ревноста за Православието? Кој е тој, што не го признава достоинството на сеопфатната и широкограда љубов? Кој став е поисправен, во однос на правилното сфаќање на молитвените зборови од оваа прозба? Или, подобро кажано, кое од двете значења има предност за вистинско сфаќање?

Точно ли е тоа дека, Православната Црква се моли само за православните цркви? Учејќи нè нас во самата молитва да ја простираме нашата љубов до крајните граници на „овој свет“, зарем на овој начин не ги стеснува пределите на својата љубов кон црквите? Зарем Црквата не им го посакува спасението на инославните, преку нивно враќање и соединување со Православната Црква?

Како Православната Црква ја искажува својата молитва за соединување на црквите? „За мир во целиот свет, благосостојба на светите Божји цркви и за соединување на сите, да се помолиме на Господа“. Доколку оваа прозба би била должна да има ограничено значење само за православните цркви, тогаш би требало зборовите да бидат поставени вака: „За благосостојба и соединување на сите свети Божји цркви, да се помолиме на Господа“. Но, така не е постапено, туку молитвата е поделена на два дела: 1) „За благосостојба на светите Божји цркви“; 2) „и за соединување на сите“. Оваа молитвена прозба се произнесувала секогаш: и во мирните, и во немирните времиња за Црквата. Според тоа, првиот дел од молитвата го има следново значење: „За благосостојба“, односно, за состојбата во светот и единството на „светите Божји цркви“ православни, та „благосостојбата“, која веќе била дарувана, да биде и сочувана, а онаму, каде што била нарушена, повторно да биде воспоставена со помош на Божјата благодат. Согласно тоа, и вториот дел од молитвената прозба треба да се разбере како „за соединување на црквите“, та и тоа да биде сочувано, доколку така постои, и да биде востановено, каде што било нарушено. Во овој, втор дел од молитвата, зборот „сите“, кој не постои во првиот дел, ни дава можност да подразбереме дека значењето на вториот дел е поширок и посеопфатен, отколку првиот. Имајќи го предвид фактот што, вториот дел не е соединет со првиот, а разделен, треба да заклучиме дека не сè, што се содржи во првиот дел, потребно е да биде пренесено во вториот, па според тоа, нема потреба да се дополнува вториот дел вака: „За соединување на сите Божји цркви“, туку треба да биде дополнет вака: „За соединување на сите цркви“. Според тоа, Православната Црква се моли за соединување на црквите на таков начин, така што соединувањето на православните цркви, кое веќе фактички постои, да биде и понатака сочувано преку Божјата благодат, но и преку Божјата благодат да биде востановено соединувањето со Православната Црква и на оние цркви, кои се одделиле од неа со било кое неправилно учење, преку поправање.

Против ваквото толкување на молитвената прозба, зарем не вреди приговорот дека во диптисите и на проскомидиите, неправославните не се спомнуваат? Ќе одговориме дека тоа е сосема друга тема.

Една работа е да се молиме за соединување со Православната Црква на неправославните цркви во широко сфаќање на молитвата, а друга работа е да се спомнуваат неправославните во диптисите, за време на Тајната Евхаристија. Неправославните, преку самото неправославие, се одделиле самите од општењето со Тајните на Православната Црква, па заради тоа произлегува и неспомнувањето при Тајната Евхаристија и исклучувањето од диптисите.

А дека за време на Литургијата на верните можеме да се молиме за соединување на црквите, кои се одделиле од Православната Црква, за тоа погледни во Литургијата на свети Василиј Велики, каде што се молиме: „Згасни ги раздорите меѓу црквите“. Раздорите на црквите се случуваат од тоа што, некоја црква не се покорува во некои ставови на православното учење, па според тоа, паѓа во состојба на раскол. Свети Василиј ни таквата црква не ја исклучува од својата молитва: „Згасни ги раздорите меѓу црквите“.

Кога Антиохискиот патријарх Јован, заедно со своите епископи, не се покорил на православните ставови од Ефескиот собор, како и на неговиот претседател, свети Кирил Александриски, па уште принесол и осуда, влегол со својата црква во состојба на раскол, тогаш, зарем можеме да помислиме дека свети Прокл и Цариградската Црква, молејќи се за соединување на сите цркви, со оваа молитва не се молеле за повторно соединување на Антиохиската Црква со Православието?

И така, благочестива ревност е да се молиме најпрво за „благосостојба на светите Божји цркви“ православни и за зачувување во нив на Божјата благодат „на единство во духот во врските со светот“. Но, и сеопфатната и нелицемерна христијанска љубов, да се молиме и „за соединување на сите“ цркви, како и за повторно соединување со Православната Црква на сите оние, кои отстапиле од неа со неправилни учења, па да бидат, според ветувањето на нашиот Господ Исус Христос „едно стадо“, како што Он е „Еден Пастир“ и Владика на Својата Црква на земјата и на небото, во времето и вечноста, исто така претставува благочестива ревност.

 Свети Филарет, митрополит Московски

Извор: Семинарский Листок, № 5, 1997.

Advertisements