Задамвоните молитви

Example User · 3 years ago

    7 minutes, 30 seconds


ЗАДАМВОНИТЕ МОЛИТВИ

Во древната Црква чинот на отпустот на Литургијата бил премногу едноставен и се состоел од благословување и отпуштање на народот.

Ѓаконот ги повикувал верниците да ги наведнат своите глави, заради полагање на рацете од епископот, кој од зад амвонот, сместен во централниот дел од храмот, ја читал „молитвата за полагање на рацете“.[1] По оваа молитва народот бил отпуштан од богослужбата со мир. Во Антиохија, Сирија и Египет формулата за отпуст била: „Одете во мир“, а во Литургијата од свети апостол Јаков: „Да одиме со Христовиот мир“. Исто значење имаат и зборовите во византиската Литургија: „Во мир да излеземе“, што се заклучува и од одговорот на верните: „Во името на Господа“. Ист отпуст сретнуваме и во Миланскиот ритуал: „Procedamus in pace“.

Во византиската Литургија, молитвата за полагање на рацете го добила името „задамвона молитва“, зашто се читала зад амвонот од епископите или свештениците, каде што се чита и денес, но без наведнување на главите и делење на благослов. Заради спомен на овој древен обичај, ѓаконот пред сите верни ја наведнува својата глава пред престолната Христова икона, исто како тој да се моли и прима благослов од Самиот Бог.

Во првите години на Црквата, сите литургиски молитви се изговарале гласно, зашто тие биле молитви на целата христијанска заедница, која во молитвата била предводена  од епископот или свештеникот.  Богослужењето за сите претставувало сладост и за многумина од нив богослужбениот живот бил единствен живот. Со текот на времето, ревноста на христијаните ослабела, па тие постанале рамнодушни кон литургискиот живот. Како резултат на тоа, на Исток литургиските молитви добиле карактер на „тајни“ молитви, а Западот добил „тивка миса“. Сето ова било премногу туѓо за соборната страна на природата на Црквата, која дотогаш со целосно право можела да се обрати кон Бога со зборовите: „Твојот народ и Твојата Црква Те молат“.[2] Христијаните повеќе не учествувале во таквите содржајни молитви, зашто молитвите од светата Литургија, освен задамвоните, за нив постанале „тајни“. Од тоа време достапни им се само ектениите и

возгласите. Ако Литургијата се богослужи на разбирлив јазик, тогаш некои возгласи и ги збунуваат, зашто претставуваат завршеток на молитвата, која тие не ја слушнале, па се добива впечаток дека тука нешто недостасува, а недостасува она, кое е токму најсодржајно. Најверојатно, тоа било двигател и за царот Јустинијан, со својата 137 новела да им нареди на епископите и свештениците божествениот принос да не го извршуваат тајно (non in secreto).

Првото христијанско сознание, ни сведочи архимандритот Кипријан Керн, гледало на народот како на активен учесник во Тајните, како на соучесник, па дури и како сослужител, а не пасивен посетител на храмот, гледач и слушател. Слично размислување искажал и прочуениот француски теолог Louis Bouyer: „Во христијанската старина, дури ако и епископот или свештеникот сам ги изговара литургиските молитви, сите христијани – клирот и мирјаните, кои се молеле со него, во иста положба, во иста насока, одговарајќи му во почетокот и на крајот, биле перфектно свесни за фактот дека, сето она што тој го говорел, било кажано во името на сите“.

Соединувањето на паствата и свештенството за време на Литургијата, го има во предвид и една друга молитва за верните во Златоустовата Литургија, во која, меѓу другото, се говори: „Подари им, Боже, и на оние, кои се молат со нас… та постојано со страв и љубов да Ти служат…“

Литургијата е толку многу „свештена и божествена служба, забележал професорот Скабаланович, така што Православната Црква не се одлучува да ја менува ниту за такви големи празници, како што е Пасха“. Затоа литургиската пракса на Исток, спротивно на праксата од Запад, не дозволувала никакви измени во литургиските молитви (измени во Литургијата се дозволени само во поглед на читањето на апостолските и Евангелските зачала, на антифоните, входните стихови, тропарите, кондаците, песните кои се пејат наместо трисветата песна, прокимените, ирмосите и причасните стихови), со исклучок на задамвоната молитва. Задамвоната молитва е единствена од целата низа на литургиски молитви, која била променлива и зависела од споменот, кој се славел во одредениот ден од литургиската година.

Опишувајќи ги 162-те литургиски ракописи во своето капитално дело „Описание литургических рукописей“, професорот Алексеј Дмитријевски ги објавил и осумте задамвони молитви. Осум години подоцна, професорот Орлов ги објавил текстовите од задамвоните молитви од Евхологионот на епископот Порфириј Успенски. Овој скапоцен Евхологион, кој потекнува од IХ или Х век, има 27 задамвони молитви, од кои 13 се изложени на крајот од Литургијата на свети Василиј Велики, 11 по Литургијата на свети Јован Златоуст, а 3 на крајот од Требникот, на крајот од ракописот. Сите овие молитви ги наброил, но погрешно, архимандритот Кипријан Керн во своето дело „Евхаристија“. Имено, има 27 молитви, а не 28, како што забележал Керн. Ниту имињата на молитвите не се сложуваат со оригиналот.

Во 1972 година, во САД се појави збирка од 38 задамвони молитви, во издание на Дејвид Петрас.[3] Најстарата молитва потекнува од IХ-Х век, а најновата од ХVI век. Додека ја составувал оваа збирка, Петрас ги користел ракописите, кои се чуваат во разни библиотеки, од кои некои се публикувани. Од Порфириевиот Евхологион зел само 17 молитви. Ги изоставил оние молитви, кои се повторуваат, како и молитвите кои немаат натпис, така што неговата збирка ги содржи молитвите за следниве празнични и неделни денови: Крстовден, Собор на свети Архангел Михаил, Пречиста, Недела на светите отци, Божик, Свети архиѓакон Стефан, Обрезание Господово, спроти Богојавление, Богојавление, Сретение, Благовештение, Раѓање на свети Јован Крстител, Петровден, Преображение, Успение на Богородица, Отсекување на главата на свети Јован Крстител, Месопусна сабота, Месопусна недела, Сиропусна недела, Од Прва до Петта недела од Великиот пост, Лазарица, Цветници, Велики Четврток, Велика Сабота, Светол Понеделник, Светол Вторник, Томина Недела, Преполовение, Вознесение Господово, Педесетница и Недела на сите светии.

Од Порфириевиот Евхологион Петрас не обработил десет задамвони молитви. Кога на овие молитви ќе им ги додадеме уште двете задамвони молитви за Велики Четврток и Велика Сабота, кои се употребувале во Ерусалим во IХ и Х век, а кои ги објавил уште професорот Дмитриевски уште во 1894 година, тогаш денес ни се познати текстовите од вкупно 50 задамвони молитви.

Сите горенаведени молитви биле употребувани на Литургиите од свети апостол Јаков, свети Василиј Велики и свети Јован Златоуст. Значи, на целосните Литургии. Од задамвоната молитва, која денес се употребува на Литургијата со претходно осветени дарови, можеме да заклучима дека во старина таа се употребувала само за време на светата Четириесетница, зашто првите три дена од Страсната седмица имале свои посебни задамвони молитви, во кои се говорело за настанот, кој се славел во тој ден.

Многу места во овие молитви се земени од Светото Писмо, зашто Православната Црква е „Црква на Библијата par excellence“. Целокупното богослужение на Православната Црква (Литургиите, светите Тајни, молитвословијата, октоихот, триодот, пентикостарот, минеите, часословот и евхологионот) се под силно влијание на Светото Писмо.

Во сите овие задамвони молитви, кои повеќе не се слушаат во нашите храмови, ни се открива еден извонредно убав начин за смислата на празниците и ни се објаснува нивното значење во икономијата на нашето спасение. Само за пример, ќе ја цитираме во целост задамвоната молитва, која се чита на Антипасха (Томина недела):

„Свети, Ти си нè поставил во Твојот храм и си ни го открил Твоето живеалиште, ставајќи ја во нашите усти победната песна.

Ти нè зарадува со пречистото и сесвето Тело, нè напои од Твојот извор, кој вечно истекува од Твоето пречисто и животворно ребро, кое апостол Тома, откако го виде, го допре и се поклони, со силен глас извика: Господ мој и Бог мој!

И со што, Господару, да Ти возвратиме, за сè што ни даде? Но Ти, семожен Цару на сè, нашите свештеници, кои живеат во православната вера, облечи ги во правда. На нашите православни цареви дај им сила против непријателите; народот, кој овде стои, сочувај го во мир; незнабошците скроти ги; заробените христијани, нашите браќа, врати ги и смири го Својот свет, Боже, Спасителу наш.

Возглас: Зашто Тебе Ти прилега секоја слава, чест, благодарност и поклонение, заедно со Твојот пречист Отец и сесветиот и животворен Твој Дух, , сега и во векови“.

Познато е дека во сите Литургии, со исклучок на коптската Литургија од свети Григориј Богослов и „Testamentum Domini nostri Iesu Christi“, литургиските молитви се упатени кон Бог Отец. Меѓутоа, 28-те задамвони молитви се упатени кон Бог Син, една кон Бог Отец и Бог Син, една кон Пресвета Богородица, а една кон свети Јован Крстител, со што се создала дисхармонија во литургискиот канон.

Денес двете византиски Литургии, од свети Василиј Велики и од свети Јован Златоуст, имаат една заедничка задамвона молитва за целата литургиска година: „Господи, Ти ги благословувашп оние, кои Те благословуваат…“. Постои мислење дека оваа молитва се употребувала само во обичните денови. Оваа молитва за првпат ја сретнуваме во почетокот на VIII век во ерменската верзија на Златоустовата Литургија. Барбериниевиот кодекс од наредниот век ја има оваа молитва, но само во Литургијата на свети Василиј Велики.

Голема штета е што толку голем број на содржајните задамвони молитви повеќе не се употребуваат на богослужбите, зашто овие молитви и денес „според длабочината на мислите многу би послужиле во надградувањето и просветувањето на оние, кои се молат во духот на православната побожност“ (архимандрит Кипријан Керн).

Да завршиме со зборовите на епископот Порфириј Успенски: „Значи, задамвоните молитви се многу стари? Да! Затоа што и мојот Евхологион е многу стар. Дали е можно да се обнови читањето на овие молитви во наши дни? Не само што е можно, туку и би требало, зашто во нив се објаснува и надополнува суштината на сите празници“.


[1] Оваа пракса постоела во Источната Сириска црква уште во 708 година. Види: Casimir Kucharek, „The Byzantine-Slav Liturgy of St. John Chrysostom“, N. Y., 1971, p. 67.

[2] Louis Bouyer, „The Final Synthesis of the Eucharist of St. James“, Eucharist, Notre Dame, Ind., 1968, p. 273.

[3] „Ambon Prayers of the Byzantine Church. For various  feasts.“, Parma, Ohio, 1972.

Source: https://blagovesti.wordpress.com/2021/02/09/%d0%b7%d0%b0%d0%b4%d0%b0%d0%bc%d0%b2%d0%be%d0%bd%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%bc%d0%be%d0%bb%d0%b8%d1%82%d0%b2%d0%b8/

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

За значењето на молитвата: „За соединувањето на црквите“

ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ЦРКОВНАТА МОЛИТВА: „ЗА СОЕДИНУВАЊЕТО НА ЦРКВИТЕ“ Во почетокот на божествената Литургија, меѓу првите молитвени прозби кон Господа Бога, Православната Црква го произнесува следниов возглас: „За мир во целиот свет, благосостојба на светите Божји цркви и за соединување на сите, да се по...

Image Description
3 years ago

Осветување на нови антиминси во нашата епархија

ОСВЕТУВАЊЕ НОВИ АНТИМИНСИ ВО НАШАТА ЕПАРХИЈА Што е тоа антиминс? (Значење, историја и примена) Во црковната терминологија антиминс се нарекува едно четириаголно платно, од свила или лен, кое секогаш стои на светиот Престол во Олтарот, а кое е завиткано во илитонот, а се чува под Светото Евангелие. Н...

Image Description
3 years ago

Видението на свети Нифонт на Светата Литургија

ВИДЕНИЕТО НА СВЕТИ НИФОНТ НА СВЕТАТА ЛИТУРГИЈА Пријател на ангелите Едно утро отидовме да отслужиме Литургија во храмот на Св. Никола, кој се наоѓа покрај Палатата на изобилието, како што ја нарекуваа. Стигнавме пред да почне службата. Но праведникот почна да се моли на Господа, завлекувајќи се во е...