Во Црквата сите големи настани си имаат своја подготовка. На пример, пред доаѓањето на Господ најпрво дојде свети Јован Крстител и Претеча, кој дојде за да го подготви народот за доаѓањето на Спасителот. Мојсеј пред да ги добие заповедите се подготвувал со пост. Пред Крштевање, пред Венчавање, пред Причест, секогаш имаме некаква подготовка. Пред секој празник имаме повторно подготовка. Пред најголемиот христијански празник – Воскресението Христово,  Црквата нѐ подготвува со пост, а пред постот пак има неколку подготвителни седмици.

Овие седмици пред постот започнуваат со читање на Евангелието за Закхеј, во кое се поучуваме да се одвоиме од земските нешта, да се одвоиме од луѓето и да го побараме Господ, со цврста волја за покајание и промена на нашиот живот.

Во неделата на Митникот и Фарисејот се поучуваме да не бидеме лицемерни, да не ги покажуваме нашите добри дела, туку како митникот, смирено да стоиме пред Бог, да се каеме за гревовите и да му благодариме на Бога.

Во неделата на Блудниот син слушаме за грешниот син, кој извршил многу страшни гревови, поради кои и страдал во животот, но сепак се покајал, и милостивиот родител, односно Бог, го примил назад во својот дом, во своите прегратки. Од ова се поучуваме дека колку и да згрешиме во животот, секогаш можеме да се вратиме назад со покајание, и Бог ќе нѐ прими и ќе ни го даде Неговиот благослов. Нема таков грев кој Бог не го простува, освен непокајанието.

Во месопусната недела последен пат јадеме месо и се потсетуваме дека нѐ очекува Страшен суд, ни и дека треба да покажеме милосрдие и љубов кон ближните. Нашата вера и љубов кон Бог се мери според нашиот однос кон ближните.

Во сирната недела, за последен пат јадеме бели мрсни производи, млеко, јајца и сирење, и истовремено го слушаме евангелието за простувањето. Без да си простиме едни на други, без да се помириме помеѓу себе, не можеме да имаме мир ни со себе, ни со Бога. Откако ќе се помириме со блиските, откако ќе се исповедаме и ќе се помириме со себе и со Бог, дури тогаш можеме правилно да постиме.

Во денешното Евангелие слушнавме за настанот, кога Христос поминувал низ Ерихон, и еден низок човек Закхеј, кој бил началник на митниците, многу богат, и кој со несправедливост приграбил многу имот, ете сега чул дека поминува Христос и тој се искачил на смоквата за да Го види Исуса. Овде има интересни моменти. Закхеј иако бил грешен човек, роб на среброљубието, сепак имал добро расположение на срцето, и длабоко во себе копнеел по Спасителот. Со искачувањето на дрвото ни покажува дека, сѐ додека сме робови на земните работи, сѐ додека сме угушени со земните проблеми и грижи, не можеме да дојдеме до Господ, постојано некој или нешто ќе ни пречи во видикот. Закхеј собрал сила и храброст и се издигнал од земните нешта и Самиот Господ го забележал, и му рекол дека денес ќе оди во неговиот дом. И тогаш, куќата која живеела во мракот на среброљубието, сега била осветлена од светлината Христова, и таа светлина му ги отворила очите на Закхеј и тој си ги видел своите гревови и ги исповедал пред Господ. Признал дека несправедливо стекнал многу имот, но и ветил дека ќе го врати она што не му припаѓа. Ете каква сила има покајанието: Од јаглен прави дијамант. Од волк – јагне. Од дивјак – светител. Од крвник-разбојник – прв жител на Рајот. Покајанието има огромна сила и значење во животот на Црквата и затоа толку често се нагласува потребата од покајание, потребата од личносна промена. Бог знае дека имаме расиплива природа и затоа ни дал можност духовно да се обновуваме, да се преродуваме, да се враќаме на почеток, да вртиме нова страна во животот преку покајанието и исповедта. А покајанието е почеток на исцелението.

Да го имаме ова предвид и секогаш да прибегнуваме кон личносно преиспитување, кон исповед. Ако сме болни, ако сме постојано вознемирени, ако не ни оди во бракот, ако не ни оди воспитувањето на децата, ако постојано влегуваме во конфликти, секогаш да ја бараме вината во себе и да одиме во црква, да се исповедаме кај свештеникот. Преку исповедта Бог ќе нѐ ослободи и ќе ни даде благодатна сила, за да продолжиме понатаму, но не сами, туку со Божја помош.

Да ја испитуваме својата совест, и да Му покажеме на Господ дека имаме желба за покајание, желба за промена, и Бог ќе ни помогне. Со такви мисли да се подготвуваме за претстојниот Велигденски пост. Амин.

Свештеник Јани Мулев