Жарко Ѓоргиевски - Беседа за милосрдието (15.10.2017)

Жарко Ѓоргиевски - Беседа за милосрдието (15.10.2017)

Жарко Ѓоргиевски - Беседа за милосрдието (15.10.2017)

 

Скопје, 14-ти октомври 2017 г.- храм на св. Димитриј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Благочестиви христијани,

Денешниов евангелски текст говори за само едно нешто, нешто што многу едноставно го прифаќаме, но од друга страна, многу тешко го спроведуваме во секојдневното живеење. Се работи за милосрдието Божјо покажано кон нас, и Божјото барање од нас да го покажеме милосрдието и кон нашите ближни. И тоа не само кон оние кои не љубат и кои ни се пријатели, но и кон оние кои ги сметаме за непријатели.
Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои единствена љубов од која како плодородна река истекува милосрдието кое за сите мудрости од овој свет е лудост, зашто од христијаните се бара љубов совршена, љубов нелицемерна, љубов не само кон кон пријателите, но и љубов кон непријателите. Господ Исус Христос најнапред ни дава едноставна порака, кога вели: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!" (Лк. 6,31) Секој си го сака и почитува својот живот и интегритетот на својата личност и нормално е да очекува и другите да го почитуваат тоа. Но, во христијанството, во Христовата божествена наука, љубовта не завршува тука, тоа е само почеток на милосрдието, зашто Христос прашува: „Ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги сакаат оние, што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа." (Лк. 6, 32-33)
Тоа значи: ако чекате да ви се направи добрина, па да возвратите со добрина, со тоа не правите никакво добро. Зар Господ чека луѓето да заслужат да ги огрее сонцето, па тогаш да му нареди на сонцето да грее? Зар родителот чека детето да заслужи да јаде, па да го нахрани? Секако дека не. Бог прв настапува со Својата љубов и Своето милосрдие. Ако ги љубиме само оние кои нас не љубат, ние само сме трговци што прават размена - јас ја давам мојата љубов, но очекувам од мојот ближен да возврати на љубовта. Ако правиме добро само на своите добротвори, не сме ништо повеќе од должници кои го враќаат долгот. Милосрдието не е добродетел која само враќа долг, туку добродетел која постојано задолжува. Исто така, и љубовта е добродетел која постојано задолжува, а не чека возвраќање, или како што вели свети апостол Павле: „Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, се извинува, во се верува, на се се надева, се претрпува." (1. Кор. 13, 4-7)
Љубовта кон оние што нас не љубат е само првата лекција во бесконечната област на љубовта. И правење добро на оние што нам ни прават добро е само почетно училиште во долгата редица на вежбите во добротворство. И давањето на заем на некој што заемот ќе го врати не е зло, туку добро. Но, тоа се само првите мали чекори кон величественото добро кое дава и не очекува враќање.


Но, Господ Исус Христос вели: „Љубете ги непријателите свои." Љубовта кон непријателите е тешка и во денешно време многу ретка, но не можеме да кажеме дека таква љубов не постои. Љубовта кон непријателите е реткост, но сепак постои. И златото и драгите камења се ретки, но постојат и токму затоа се толку вредни. Житијата на светиите, животописите на оние кои на овој или оној начин Му угодиле на Бога се вистинска ризница на бисери и драги камења кои сведочат за дејственоста на вистинската хрис-тијанска љубов - љубовта кон ближните, но и љубовта кон непријателите.

Љубовта кон непријателите е необично тешка и практично неизвод-лива за оние кои се далеку од Бога и не добиваат од Бога сила и поткрепа за да ја спроведат на дело. Иако се чини тешка и недостижна, заповедта да ги сакаме своите пријатели, но и непријатели, не е неможна. Бог никогаш на луѓето не им заповеда нешто што не е можно да се исполни. Заповедите Божји се тешки за оние кои наоѓаат секакви оправдувања за да не започнат со добродетелен живот. Само оние кои се далеку од животот во Црквата и со Црквата ги сметаат Божјите заповеди за тешки и неможни. Оние, пак, кои го слушаат словото Божјо, сите вие тука, добро знаете дека нема препрека во животот, дека нема искушение кое не може да се реши со Божја помош. Кога паѓаме, Бог не подига, кога сме во очај - Бог ја крепи нашата душа и ни дава сили да продолжиме понатаму; кога се радуваме за некое добро дело и Бог се радува со нас и ја прави нашата радост неизмерно поголема.

Бог е промислител на нашиот живот и сите Негови заповеди се остварливи за нас. За нас е важно да знаеме дека заповедите кои ни се дадени од Бога се остварливи и ако посакуваме добро за себеси и за ближните, треба да ги исполнуваме. Како што болниот со вера и послушност прима лек од рацете на лекарот без разлика дали лекот е благ или горчлив, така и ние, слаби и заблудени, сме должни со вера и послушност да исполнуваме се што ни заповеда човекољубивиот Лекар на нашите души и тела; Нашиот Бог и Спасител, Господ Исус Христос и да Го прославиме заедно со беспочетниот Отец и животворниот Дух, секогаш, и во сите векови.

Амин.