Житие на свети Димитриј Нови Басарабов

Житие на свети Димитриј Нови Басарабов

Житие на свети Димитриј Нови Басарабов

Преподобниот Димитриј е роден во селото Басарабово, кое се наоѓа на 8-9 километри од градот Русе во Бугарија. Според некои извори живеел во XIII век, а според други се упокоил во 1685 година.

Според верзијата на преп. Пајсиј Хиландарски тој бил обичен верник. Живеел едноставен живот. Засадил малку лозје до една река. Таму си направил малечка колиба. Целиот живот го поминал сам. Со својот свет живот Му угодил на Бога. На истото место умрел и таму бил погребан. Подоцна Бог на некои луѓе им ги открил неговите мошти, кои потоа биле пренесени во селото Басарабово, Русенско. Од нив настанале многу чудесни исцеленија.

Според романската верзија на неговото житие тој бил селски овчар. Имал чувствителна совест и страв Божји. Еднаш, кога ги водел животните во полето, од невнимание нагазил едно птичје гнездо со пилиња. Тој настан му повлијаел, така што си поставил епитимија, три години ни зимо, ни лето да не обува чевeл на таа нога, со која ги згазил пилињата.

Трето предание говори дека тој бил женет, но немале деца во бракот. По смртта на неговата жена се замонашил во пештерскиот манастир до неговото родно село. Таму се подвизувал усрдно. Растел во добродетелите како вистински монах. Бог му го открил денот на неговата смрт, па излегол од манастирот, легнал помеѓу два камења на брегот од реката Лом и таму ја прeдал својата душа на Господа.

По некое време паднал пороен дожд, водата ги повлекла двата камења заедно со светите мошти во реката. Моштите извесно време лежеле во реката. Преподобниот Димитриј ѝ се јавил на една демонизирана девојка од селото Басарабово и ѝ кажал, дека ќе ја излекува од болеста, ако таа ги извади неговите мошти од реката. Моштите биле извадени и положени во селската црква. Демонизираната девојка била излечена, а исцеленија добиле и многумина кои ги целивале неговите свети мошти.

Две богољубиви сестри од блиското село Црвена вода побожно го почитувале преподобниот. Посакале тајно да украдат парче од неговите мошти за новоизградениот храм што тие го изградиле. Но колата не можела да тргне, додека не се покајале и не го вратиле украденото парче.

Трновскиот митрополит Никифор дошол да се поклони на моштите со група свештеници и монаси. Во таа група бил и монахот Лаврентиј кој во моментот кога ги целивал моштите се обидел да одгриза дел. Но устата му останала отворена сѐ до моментот кога со солзи во очите се покајал.

Преславскиот митрополит Јоаникиј тешко се разболел. Посакал да го однесат кај преподобниот Димитриј. Го положиле кај ковлегот, и откако била отслужена Литургија, тој потполно оздравел.

Еден Турчин решил една ноќ да ја ограби црквата на преподобниот. Се допрел до сребрените кандила и нозете му се вкочаниле. Утредента верниците го изнеле на раце од црквата. Тој човек до крајот на животот ползел по улиците на градот Русе и просел милостина.

Романците инсистирале да ги поседуваат моштите, и помеѓу 1769 и 1774 година, во текот на војната помеѓу Русија и Отоманската империја, моштите биле донесени во Романија, со намера да бидат однесени во Русија.

Меѓутоа, еден трговец од Македонско-влашко потекло, по име Хаџи Димитриј, и митрополитот Григориј на Влахија, инсистирале дека тие треба да му бидат дадени на романскиот народ како дар поради страдањата што ги поднеле во текот на војната. Моштите биле однесени со голема почит и почести и до денес се чуваат во Патријаршиската катедрала во Букурешт.

Десната рака на светителот била сепак испратена во Киев, каде што се чува и до денес. Светиот Синод на Романската православна црква, оддавајќи му огромна почит на светиот Димитриј Нов (Басарабов), особено во Букурешт, одлучи во 1950 година да ја прошири неговата почит насекаде и го прогласи за светител заштитник на главниот град на Романија.

Романската православна црква го слави неговиот свет спомен на 27 октомври/9 ноември, додека, пак, во другите цркви се слави претходниот ден, на 26/8 ноември, заедно со светиот великомаченик Димитриј Солунски.

По неговите свети молитви, Господ да нѐ помилува и спаси од сите болести и неволји. Амин.

Подготвил: Свештеник Јани Мулев

Види: Чудо на свети Димитриј Басарабов

Advertisements