Зошто, за христијаните е толку важно учењето дека Христос – е Бог? – ѓакон Андреј Кураев

Зошто, за христијаните е толку важно учењето дека Христос – е Бог? – ѓакон Андреј Кураев

Зошто, за христијаните е толку важно учењето дека Христос – е Бог? – ѓакон Андреј Кураев

Многу луѓе, на пример Лев Толстој, не биле атеисти, но си заминале од Црквата токму заради тој пункт од Нејзиното вероучење. Зошто христијаните настојуваат, дека Исус не бил само најдобриот учител за моралот, дека не бил само голем и умен човек, туку Самиот Бог?

– Знаете, современото човештво е опседнато со идејата на контактерство: многу сакаме да пронајдеме некои вонземјански цивилизации. Кога ги прашуваш ентузијастите на тие проекти: „Зошто?“ – тие воскликнуваат: „Па толку е радосно да знаеме, дека не сме сами во вселената!“.

Истото ќе ви го кажам и за христијанството. За христијаните е исто толку животно важно да знаеме, дека не сме само во вселената, дека Бог не е рамнодушен кон нас. За нас е важно да знаеме, дека во очите на Бога, Творецот на целата вселена, ние не сме зафрлени, дека ние не сме некакви отпадоци, кои се насобираат на крајот на вселената. Смисла на нашиот живот му придава тоа, што Бог не ни испратил некој негов гласник, туку Самиот дошол кај нас. Излегува, дека во очите на Бога ние значиме нешто. Се сеќавате на капетанот Копејкин кај Достоевски, кој велел, дека „Ако Бог не постои, каков капетан сум и јас“. Истото е и тука: ако Бог не постои, тогаш ние навистина сме само космичка мувла, која го покрива некој камен, на крајот на Млечниот Пат. Или пак, ако Бог постои, но Тој никогаш не се воплотил, не станал човек како и ние, во очите на Бога ние не претставуваме никаква вредност, Тој не дошол да нè бара. А ако Бог нас не нè побарал, тогаш зошто ние сме должни да го бараме таквиот Бог, кога и така Тој е рамнодушен кон нас?

Освен тоа, за христијаните е животно важно да знаат и дека Исус – не е пород на земјата, не е само еден од големите луѓе, кои ја создале човечката култура. Затоа што оние работи, кои ние можеме да ги изградиме, можеме и да ги срушиме. А за христијаните, важно ни е да знаеме дека во нашиот живот влегло нешто неразрушливо. Тоа што, не само што не би можело да се разруши, но кое уште би можело и нас да нè спаси од уништување. Сè што создава човекот подлежи на распаѓање, затоа е важно, дека нешто надчовечко влегло во нашиот живот и го направило нераспадлив.

Тука ќе треба да зборуваме веќе на двојно религиозен јазик, затоа што смртта, излегува, може да биде различна. Постои смрт физичка, биолошка, а постои и смрт на душата, која се задушува без Бога. Токму тој безвоздушен простор на незнабожечкиот свет Христос го исполнил со Себеси, то ест, сега, кога душата излегува од телото, таа не заминува во празнина – таа заминува кај Бога.

Многу е јасна желбата на многу луѓе да го гледаат Христос како обичен учител на моралот. Работата е во тоа, што христијанството, Евангелието и воопшто, светот на Црквата – тоа е повеќе свет на императиви, свет на етика, која што има власт да суди над човекот. И тоа, не само суд, кој самиот го извршуваш над себеси, со својата совест. Христијанството – е жива традиција; тоа може да ги разобличува лажните видувања на своето учење. Затоа, потешко е тоа да се преправи според своите вкусови, да се прилагоди под себеси, како што тоа може да се направи со некоја „умрена“ религија.

Човек прекрасно разбира, дека доаѓајќи во допир со светот на Евангелието, тој се става под стрелите на императиви, наредби, строги барања: од страна на самиот евангелски текст, од страна на својата совест, па уште и од страна на Црквата. Секако, тој се обидува да ги одбегне ваквите ситуации, но, за сосема да не се „скара“ со Христос, таквиот човек, пријателски Го тапша по рамо и вели: „Да, признавам дека Ти си голем учител и човек со висок морал“. Но, всушност, тој го прави она, што освен како „целивот на Јуда“, не може да се нарече поинаку. Токму така ги карактеризирал Достоевски книгите од XIX век, во кои се појаснувало, дека Исус, секако е голем човек, но не и Бог.

Како комплимент. Но, всушност, таквото признание значи само едно – ние уште еднаш го закопуваме Христос, Го погребуваме во гробницата на историјата, внимателно го затвораме во неа, во никој случај да не излезе од таму и да не влезе во нашиот живот. Луѓето го прогласуваат Христос за „Голем учител на човештвото“, токму за да престанат да учат од Него.

Логиката на тие не-ученици е проста: ако Христос не е Бог, значи и основаната од Него Црква нема никаков однос со Бога. Следствено, и книгите од името на Христос проповедани од Црквата, немаа по себе никакво Божествено достоинство. Понатаму, сказната започнува за тоа, дека сите Евангелија се пишувани-препишувани, и најважно, вистинското Евангелие се чува некаде на Тибет…

Готово. Човекот застанал на патот на конструирање на христијанство по принципот „направи сам“. Понатаму започнува цензура на Евангелието: „Ова Христос не можел да го каже, затоа што јас не се согласувам со тоа, а ова несомнено е Негова идеја, затоа што мене ми се допаѓа. А и воопшто, мислам дека Христос на ова место требало тоа и тоа да рече, затоа што тоа е моето најдлабоко убедување. Всушност, тој тоа и го рекол, но подоцна цензурирачите го извадиле“.

На крај излегува, дека прогласувајќи го Христос како Голем Учител, човекот сам почнува да Го учи: што Тој можел да прави, а што не можел. По таквиот пат отишол и Лев Толстој. Тој едноставно почнал да го цензурира Евангелието. Тој му забранувал на Христос да воскресне, Му забранувал да твори чуда и уште повеќе Му забранувал да земе камшик во раката, за да ги изгони трговците од храмот.

ѓакон Андреј Кураев, Одговори на младите

извор: http://www.pppe.mk/