Зошто, заради што си отфрлен?

Зошто, заради што си отфрлен?

Зошто, заради што си отфрлен?

Затворени се дверите на чувствата:

Јазикот безмолствува, очите се затворени, слухот не восприема ништо надвор од мене.

Умот, облечен во молитва, оставајќи го бремето на земните помисли се симнува во срцето – келија.

Келијните двери се затворени, насекаде темнина, непрониклив мрак.

И умот, во недоумение, почнува со молитва да чука на дверите од срцето; стои трпеливо пред дверите, чука, чека, и пак чука, и пак чека, и пак се моли.

Нема никаков одговор, не се слуша никаков глас!

Мртвата тишина и мракот одговараат со гробен молк. Умот се оддалечува од дверите на срцето, ожалостен, и во горчлив плач бара утеха.

Не му беше дозволено да застане пред Царот на царевите, во светилиштето на внатрешната келија.

Зошто, заради што си отфрлен?

Врз мене е печатот на гревот. Навиката да размислувам за земното ме привлекува. Немоќен сум зашто Духот не ми доаѓа на помош, Духот Пресвет и Преблаг, Кој го воспоставува соединувањето на умот, срцето и телото – разединети од страшниот пад на човекот.

Без семоќната творечка помош на Духот, моите сопствени усилби сами по себе се залудни! Тој е многумилостив, бесконечно човекољубив, но нечистотата моја не Му дозволува да ми пријде.

Ќе се измијам со солзи, ќе се очистам со исповедање на моите гревови, нема да му дадам на телото мое храна и сон, од чиешто изобилство душата дебелее; целиот облечен во плачот на покајанието ќе слезам до дверите на моето срце.

Таму ќе застанам или ќе седнам, како евангелскиот слепец, ќе ги поднесувам тежината, унинието на мракот, ќе повикувам кон Силниот да ме помилува:

Помилуј ме! (Марко 10, 48)“

Св. Игнатиј Брјанчанинов