Продолжение…

Материјалот го подготвил Сергеј Шулјак за храмот Живоначална Троица на Воробевих горах – Москва

&

+++

Празнувањето на соборот на Архистратигот Михаил Божји и останатите Небесни бестелесни Сили е востановено на почетокот на 4-от век на Помесниот Лаодикиски Собор, кој се одржа неколку години пред Првиот Вселенски Собор.

Уште во апостолско време било распространето лажно учење за ангелите. Меѓу христијаните се појавиле еретици, кои на Ангелите им се поклонувале како на богови и учеле дека видливиот свет не бил создаден од Бога, туку од Ангелите, почитувајќи ги повисоко од Христа.

Лаодикискиот собор со 35-то правило го осудил и го отфрлил еретичкото поклонување на ангелите, како творци и управители со светот и го утврдил нивното православно почитување како Божји служители, чувари на човечкиот род.

Било заповедено да се слави Соборот на Архистратигот Михаил и останатите Небесни бестелесни Сили на 8-ми ноември – стар стил (21-ви ноември – нов стил).

Датумот на празнување не е избран случајно. Ноември е 9-ти месец по март, кој се смета за прв месец по создавањето на светот. Во знак на сеќавање на 9-те ангелски чинови, имено во ноември, 9-от месец е востановен празникот на Ангелите.

Бројот осум укажува Денот на Страшниот Суд, во кој директно ќе учествуваат Ангелите. Имено, на Судот, тие ќе сведочат за нашиот живот и дела – праведни или неправедни.

Денот на Страшниот Суд светите отци го нарекуваат осмиот ден. Времето се мери во недели (седмици).

Осмиот ден ќе биде последниот ден на светот, ден на Страшниот Суд, и тогаш „ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него” (Матеј 25:31)
.
АНГЕЛСКИ СВЕТ

Современата наука бара интелигентни суштества во далечните галаксии, додека другиот свет е многу поблизу до човекот. Јавувањата на духовните суштества во нашиот материјален свет се познати одамна, но, како по правило, човекот оддалечен од Црквата или целосно ја отфрла можноста духовниот свет да влијае врз нашиот живот, или ова влијание си го замислува во искривена форма.

Паралелно со физичкиот свет, постои духовен свет. Овие се духовни суштества имаат слободна волја, разум и способности кои се неспоредливи со човечките способности.

Ангелите за многу луѓе веќе одамна преминале во светот на митовите и фантазиите. Денес, нивните слики се со дебели детски лица и мали крилја ги украсуваат витрините по продавниците за Божиќните празници.

Во главите на луѓето, се формирала слика на ангел, „Купидон“, што не одговара на реалноста. Сепак, ангелите се вистински небесни суштества кои играат важна улога како во нашиот живот така и во светската историја.

Уште пред создавањето на видливиот свет и човекот, Бог го создал невидливиот свет и ангелите. Од гледна точка на човековото восприемање, Ангелите се невидливи, бестелесни суштества, но всушност тие имаат „огнеподобно“ тело – посуптилно од материјата што ни е позната.

Тие се бесмртни, непроменливи, имаат лик во кој уште од самиот почеток биле создадени од Бога (тие немале период на рано детство).
 
Природата на Ангелите е духовна, немаат пол и не им е потребна материјална храна и одмор.
 
Тие се движат со голема брзина и иако не се секадеприсутни, но се ограничени со простор (кога се на небото, не можат истовремено да бидат на земјата), нивната ограниченост нема никаква врска со човечките земни ограничувања: sидовите, вратите, бравите не можат да им пречат.
 
Способностите и силите на Ангелите се многу големи и далеку над човечките: тие многу повеќе од луѓето знаат за Бога, за Неговата волја, за Неговите созданија, за духовниот свет, за самите луѓе и другите земни суштества.

&

ПАЃАЊЕТО НА ДЕНИЦА

Целиот ангелски свет бил обдарен со големи совршенства и дарови. Ангелите, како и луѓето, имаат ум и нивниот ум е многу посовршен од човечкиот. Ангелите се вечни.

Ангелите, како и луѓето, имале слободна волја. Тие можеле да ја злоупотребат оваа слободна волја и да паднат во грев.

Ова и се случило со еден од најмоќните, убави, талентирани и најблиски до Бога врховни ангели – со Деница, кој во себе го открил изворот на злото и гордоста и се побунил против својот Творец.

Сатаната бил создаден ангел во ранг на херувим; тој бил „печат на совршенство, полнота на мудроста и круна на убавината“, живеел во Едем (Рајот) меѓу „огнени камења“, но станал горд (Езек. 28:17) и посакал да биде еднаков со Бога (Иса. 14: 13-14).

Тој се побунил против Бога и во своето безумие намислил да го собори вечниот Престол и самиот да се зацари на местото на Бога.

Духовниот свет се поколебал и дел од ангелите тргнале со Деница, претворајќи се во демони.

Тогаш водачот на небесните сили, Архангел Михаил, собрал околу себе легии ангели кои му останале верни на Бога и рекол:

„Никој не е како Бог!“, – обраќајќи се со овој повик кон сите ангели. Со овие зборови, тој покажал дека признава само еден Единствен Бог, Создател и Владетел на целата вселена.

Борбата била тешка, зашто Деница бил обдарен со големи совршенства. Но, силите на доброто победиле, а Деница бил соборен од небото со сите негови следбеници во пеколот. А Архангел Михаил се утврдил како водач на целиот ангелски свет, верен на Бога.

Оттогаш, мечот е во рацете на архистратигот, затоа што сатаната, фрлен од небото, не се смирува.

На паднатите ангели им е спречена можноста да навлегуваат во повисоките области на вселената и, затоа, целиот свој гнев тие го насочиле кон луѓето, а особено кон оние што веруваат во Бога.

Продолжува…

&

&

&

&

Originalen post ...