За Светителите

“Ги љубам тие што Ме љубат, и ќе ги прославам тие што Ме прославуваат”, вели Господ (Изрек. 8,17; 1.Цар. 2, 30).

Бог се прославува во Светиите, а Светиите се прославени од Бога.

Славата што Господ им ја дава на Светиите е толку голема, што кога луѓето би го виделе Светителот каков што е, од побожност и од страв би паднале ничкум, бидејќи плотскиот човек не може да ја поднесе славата на небесното јавување.

Не чудете се на тоа. Господ така го возљуби Своето создание, што на човекот му Го даде Светиот Дух во изобилие, и во Светиот Дух човекот Му се вподоби на Бог.

Зошто пак, Господ толку го љуби човекот? Затоа што Он Самиот е Љубов. И таа љубов се познава преку Светиот Дух.

Преку Светиот Дух човекот Го познава Господ, својот Создател, и Светиот Дух со Својата благодат го исполнува целиот човек: и душата, и умот, и телото.

Господ на Светиите им ја даде Својата благодат, и тие Го возљубија и се прилепија кон Него до крај, бидејќи сладоста на љубовта Божја не дозволува да се сака светот и неговата убавина.

И ако е така, уште на земјата, тогаш уште повеќе на небесата, Светиите со љубов се соединети со Господа. И таа љубов е неискажливо слатка и произлегува од Светиот Дух, и сите небесни сили се хранат од неа.

Бог е љубов. И Светиот Дух во Светиите е љубов. Преку Светиот Дух се познава Господ. Преку Светиот Дух се слави Господ на небесата. Преку Светиот Дух Светиите Го слават Бог, и нив Господ ги прославува со даровите на Светиот Дух, и таа слава нема да има крај.

Мнозина мислат дека светиите се оддалечени од нас. Но тие се оддалечени за оние што самите се оддалечија. И многу им се блиски на оние што ги чуваат Христовите заповеди и ја имаат благодатта на Светиот Дух.

На небесата сè живее и се движи преку Светиот Дух. Но, и на земјата е истиот тој Свет Дух. Он живее во нашата Црква. Он живее во Светите Тајни. Он е во Светото Писмо.

Он е во душите на верните. Светиот Дух ги соединува сите, затоа Светиите ни се блиски. И кога им се молиме, тие ги слушаат нашите молитви во Светиот Дух, и нашите души чувствуваат дека тие се молат за нас.

Колку сме среќни и блажени ние православните христијани, што Господ ни дарува живот во Светиот Дух. И Он ги весели нашите души. Но, Него треба разумно да го чуваме, бидејќи за само една лоша мисла, Он ја остава душата, и тогаш љубовта Божја не е со нас.

Немаме смелост во молитвата. Немаме ниту цврста надеж дека ќе го добиеме она што го бараме.

Светиите живеат во друг свет, и таму преку Светиот Дух ја гледаат славата Божја и убавината на лицето Господово. Но, во истиот тој Свет Дух, тие го гледаат нашиот живот и нашите дела.

Тие ги знаат нашите маки и ги слушаат нашите огнени молитви. Живеејќи на земјата, тие се научија на љубовта Божја од Светиот Дух. А оној што ја има љубовта на земјата, тој со неа преминува во вечниот живот во Царството Небесно, каде што љубовта нараснува и станува совршена.

И штом тука љубовта не може да го заборави братот, дотолку повеќе Светиите не нè забораваат нас, и се молат за нас.

&

Originalen post ...