Во еден дух, еднодушно, борејќи се за верата на Евангелието 

Старецот поучуваше дека основна работа на духовниот во Христа живот, голема тајна на нашата вера, е единството во Христа. Станува збор за чувството на нашето поистоветување со другиот, за да си го носиме бремето еден на друг, за да живееме за другите како што живееме за себе, да се молиме

‘Господи Исусе Христе помилуј МЕ’ и во тоа ‘МЕ’ да има болка за неволјите на другите како за неволји наши, страдање како што тие страдаат, радост за она што е нивна радост, додека нивниот пад го сметаме за свој, а нивното подигање за наше (лично).

Затоа и последните зборови на блажениот старец, последната негова прозба, последна молитва кон Бога и најголема желба му беше ДА БИДАТ ЕДНО. Ние да бидеме едно. Затоа беше неговото страдање, затоа беше и сиот негов копнеж, тоа е и молитвата негова.

На овој чудесен и едноставен начин колку ли проблеми се решаваат, колку ли гревови се одбегнуваат!

Братот мој падна? И јас паднав. Како да го осудам, кога и јас сум виновен?

Успеа братот мој? И јас успеав. Како да му позавидам, кога и јас сум победникот?

Старецот знаеше дека лукавиот на ова место жестоко војува против нас, зашто тоа е нашата болна точка. Ја оставаме да предничи нашата лична волја, се издвојуваме, сакаме ние самите да ги одбегнеме последиците од делата на својот ближен, да се спасиме ние, одвоено, без него.

Но, кога овој дух владее со нас, за нас нема спасение. Треба да сакаме да бидеме спасени заедно со сите, и да говориме заедно со светителот Божји: Ако не ги спасиш Господи и сите нив, избриши ме и мене од книгата на Животот; и делејќи го воздивот на Христовиот апостол, да посакуваме и јас да бидам одлачен од Христа, заради браќата и ближните мои.

Тоа е љубовта. Тоа е силата Христова. Тоа е битието Божјо. Царскиот пат на духовниот живот.

Да Го возљубиме Христа, Кој е СÈ, љубејќи ги сите Негови браќа и сестри, до најмалечките, заради кои Христос умре.

Originalen post ...