Title : ДЕПРЕСИЈА И НАДЕЖ од православен аспект…

ДЕПРЕСИЈА И НАДЕЖ од православен аспект…

Example User · 2 months ago

ДЕПРЕСИЈА И НАДЕЖ од православен аспект (09.05.2020 10:56)

Постои разлика во дефиницијата на депресија, т.е. очајание, од аспект на христијанската психотерапија во однос на модерната психологија. Од овој аспект, црно-бело кажано, секој момент надвор од молитва е очајание, односно депресија.

Но, непрестајна благодатна молитва имаат само обожените. Како тогаш да го избегнат очајанието оние кои имаат аскетска умно-срдечна или оние кои имаат само обична, усна или умна молитва?

Затоа што, според претходната екстремна дефиниција, времето поминато надвор од молитва се смета за очајание.

Остатокот од времето поминато надвор од молитва, на оние кои немаат непрестајна умно-срдечна молитва, Црквата им го покрива со послушанието.

Оние кои го чистат своето срце од страстите, го слушаат својот духовен отец; а оние кои се во подвиг на просветлување на својот ум преку дарот на умно-срдечната молитва, се во соодветно прилагодено послушание кон Црквата, кон Епископот на локалната Црква, односно кон јасно познатата Божја Волја.

Соодветното послушание (според степенот на духовниот развој), како што веќе знаете, ја активира благодатта Божја на Крштението и нѐ води низ степените на духовниот развој, а нѐ ослободува
од нечистиот дух на очајанието, односно депресијата.

Сѐ што е надвор од подвигот на послушанието влегува во областа на очајанието.

Ова е опис за очајанието, т.е. депресијата, од гледна точка на христијанската психотерапија, за природниот начин на живот.
Додека, пак, кога говориме за очајание, т.е. депресија, во областа на противприродниот начин на живот (невроза или растројство на личноста), од аспект на христијанската психотерапија, мислиме на сосема друг, лош квалитет на живот и сосема друг вид очајание, т.е. депресија.

Генералната состојба на оние кои го живеат противприродниот начин на живот е веќе депресија, т.е. очајание, само што тие не се свесни за таквата состојба.

Таквите ги карактеризира живот на бегство од реалноста и тие не знаат дека дури и еуфоријата е очајание. Кога таквите веќе ќе забележат и ќе почнат да говорат за депресија, тогаш најчесто веќе се случило отстапување на Божјата благодат од нив и светлината на животот што таа ја носи, а што е поврзано и со демонски напад.

Дотука говориме за егзогена депресија како реактивна состојба, без физиолошка основа на страдањето. Постои и ендогена депресија, каде што причините за болеста се претежно физиолошки. Но, за сето ова другпат.

Основното нешто со кое некој, кој верува во Бог, би ја започнал борбата против депресијата, т.е. очајанието, колку и ситацијата да изгледа тешка, е животот со надеж – на дело.

Таков начин на живот гледаме кај болниот човек од бањата Витезда. Гледаме триесет и осум годишно трпеливо чекање, со надеж дека, сепак, ќе се појави Човек кој ќе го спушти во бањата, откако ангелот ќе ја раздвижи водата.

Трпение, со надеж на дело, може да постои само таму каде што при конкретно искушение доволно успешно функционираат петте контролни точки: прифаќање на она што се случува, благодарење за тоа – без оглед што е, себеосудување, непокажување, како и молитва – но не против искушението, туку како градење заедница со Бог.

Штом Христос се воплотил и се поистоветил со нас, тогаш нема причина за очајание. Тој секако се појавува во нашиот живот; и тоа повеќепати. Наше е само да ја препознаеме посетата.

Богочовекот Христос, индиректно нѐ посетува многупати, преку луѓе и случувања. Самиот Тој има кажано:

„…ако на еден од овие Мои мали браќа им направите, Мене сте Ми направиле“.

Затоа, средбата со секој човек во нашиот живот е дар Божји и средба со Него. Истото важи и за сѐ што се случува, а е поврзано со нашиот живот; и тоа е знак од Него.

Постојат и директни Негови посети, кои директно го засегаат нашиот живот. Само да гледаме да не е тоа болест и несреќа, односно „посета од неволен вид“ поради нашите гревови, туку да предизвикаме, преку подвиг на послушание, посета од волен вид – како растење низ степените на духовниот развој; а совршено како несоздадена Божествена светлина.

„Посета од неволен вид“ е, всушност, кога Бог се повлекува заедно со Својата благодат и го остава човекот сам да се снаоѓа во светот, затоа што тој претходно на дело или со збор се одрекол од Него; сѐ додека повторно не Го побара. Но, тоа не е казнување, тоа е самоказнување.

И, да се вратиме кај исцелениот. Оние што не го разбираат духот на Новиот Завет, односно дека нема нешто создадено а да е посвето од човекот, му велат:

„Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!“ Но, тој им одговори како некој кој веќе има освестен подвиг во послушание:

„Оној што ме излекува, ми рече: ’Земи ја постелката своја и оди!‘“

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум

Source: https://pokajanie.mk/2020/05/09/27574/

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Модерни верници во пост – не јадат месо, ама ги “јадат” сите околу себе

Многумина не знаат што претставува постот. Конзумираат алкохол, цигари, се расправаат со родителите, парнерите и пријателите, но не јадат храна од животинско потекло и мислат дека тоа е доволно! Веруваме дека оваа приказна на старецот Гаврил Грузијски ќе помогне да сфатите што постот всушност значи...

Image Description
4 years ago

Александар Шмеман: Споменувањето на упокоените и молитвата за нив

Во раната Црква (и не само во раната, туку и во целата непрекината литургиска традиција којашто, чинам, и денес ја запазила силата, како и пред илјада години) целото богослужение, целиот литургиски живот на Црквата се однесува на упокоените во истата мера како што (се однесува тој) и на живите. Ова...

Image Description
2 years ago

СПЕЦИЈАЛИТЕТ, А САМО ОД БУКОВЕЦ – ПОСНА ТРПЕЗА (Едноставно и брзо)

1. Макало со буковец – едноставно и лесно за подготовка. Состојки: 3 лажици буковец. Може да се помеша  благ и лут буковец. Неколку чесниња лук. Се преливаат со малку врел зејтин ( може и без зејтин, на вода, ако е ден на строг пост) и се додаваат: 2 лажици таан. 2 лажици доматен сос или кечап, 2...