Преподобен Ефрем Сирин’

„О, колку си голем, дену на постот!

Блажен е оној кој те живее како што треба. Секој, кој ти се потчинува тебе, на крилја се вознесува на небото.

Но кој, постејќи, го мрази братот свој, таквиот пред Бога е ист, како и оној кој се предава на прејадување; затоа што е исполнет со измама и омраза и ја изгубил љубовта на нашиот Господ.

Кој пости и се гневи, и крие во срцето свое непријателство, тој го мрази Бога, и далеку е спасението од него.

О, колку си прекрасна ти, молитво!

Блажен е оној кој со ревност расне во молитвата; кон него, само ако таквиот е чист од секаква измама, нема да се приближи лукавиот.

Но, обрни внимание на тоа што им кажал Спасителот наш на чистото стадо Свои ученици, кога ги учел да се молат:

Оче наш, Кој си на небесата; Тој нè учел да се молиме:

прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги простуваме на нашите должници (Мт. 6, 9, 12).

И така, гледај – Господ не му простува на оној, кој не му простува на својот брат.

Гледај колку е прекрасна молитвата, која учениците Христови ја научиле од вистинскиот Пастир за борба со лукавиот.

Така, кој има во срцето лажливост, омраза и осудување, тој најпрвин нека ја очисти душата своја, и после нека дојде, и нека пости и се моли.

Кој непријателски е расположен кон братот, го мрази и се вознесува над него, тој најпрвин нека се помири со братот и да му прости – и тогаш веќе може да се приближува кон Господа.

Кој сака да се застане пред Бога, тој најпрвин треба да му го прости долгот на братот; само таквиот пост и молитва се угодни на Бога.

Што ќе ни принесат сите молитви, ако не им простиме на нашите должници?

Човеку, ти си син на прав!

Гледај, што те научил твојот Господ, не пренебрегнувај ги зборовите Господови, за и Господ да не се откаже од тебе и да не те осуди.

Прости ми ги долговите и гревовите мои, како и јас што му простувам на оној кој ме навредил.

Прости ми, како јас што простувам;

Прими ме, како и јас што ги примам.

Ако ти, човеку, не му простуваш на секој кој згрешил против тебе, не се обременувај со пост и молитва.

Ако на братот свој, над кого за нешто си се разгневил, не му го простиш долгот, сосема напразно постиш и се молиш – Бог нема да те прими.

Зошто го умртвуваш телото свое со пост, ја измачуваш душата своја со глад и жед, ако не го примиш братот свој со љубов, против кого во внатрешноста своја имаш гнев и омраза?

Ни молитвата твоја, ни постот, нема ни малку да ти помогнат, додека не станеш соверешен во љубовта и надежта во верата.

Кој чува во себе гнев, непријателство, омраза и раздор, тој е враг на Бога, тој е другар на лукавиот сатана!

О, колку се превосходни, браќа мои, и љубовта, и постот, и молитвата, и милосрдието кон сиромасите, бедните, сираците и вдовиците!

Господ наш во Своето Евангелие ги ублажил сиромасите, само ако се чисти од секакво зло, блуд и секаков срам…“

Преподобен Ефрем Сирин

Повеќе ...