Духовно воскресение

Се смета дека една од главните одлики на војсководецот во битките на овој свет е да не паѓа со духот при секоја промена на среќата, туку е непоколеблив, како камено срце, и во својата цврстина донесува најразумни и најкорисни одлуки, со таа цврстина доведувајќи ги во недоумица своите непријатели, ослабнувајќи ја нивната дрскост и влевајќи ѝ храброст на својата сопствена војска.

Ваквиот карактер на еден војсководец станува причина за необични успеси, па одненадеж цела низа порази и несреќи се крунисуваат со одлучни победи и славења.

Таков треба да биде и умот – тој предводник во невидливата борба против гревот.

Ништо, никакво искушение што доаѓа од луѓето или демоните, кое се појавува од паднатата природа, не треба да го вознемири.

Извор на сила и непоколебливост нека биде верата во Бог, Кому сме Му се посветиле на служење и Кој е – Сесилен. Малодушноста и збунетоста се раѓаат од неверувањето; но, штом подвижникот ќе прибегне кон верата – малодушноста и збунетоста исчезнуваат како ноќна темнина наспроти блесокот на сонцето.

&

Зашто нема да станат (воскреснат) безбожниците на судот, ниту грешниците во советот на праведните (Пс. 1, 5).

Безбожниците не учествуваат во првото воскресение (Отк. 20), коешто Свети Јован го опишал во Откровението, во духовното воскресение што се совршува во текот на овоземниот живот, кога седејствувачкиот Дух се допира до душата и ја обновува за нов живот.

Душата воскреснува и оживува за божествен живот!

Умот и срцето ѝ се просветлуваат, стануваат причесници на духовниот разум.

Духовниот разум – како што го опишуваат духоносците – е чувствување на бесмртниот живот. Самиот тој разум е обележје на воскресението. Напротив, телесното мудрување е невидлива смрт за душата.

Духовниот разум е дејство на Светиот Дух. Тој го гледа гревот, ги гледа страстите во себе и во другите, ја гледа својата душа и душата на другите, ги гледа замките на кнезот на овој свет, ја соборува секоја помисла што налетува на разумот Христов, го отфрла гревот од себе, во каков било облик да се приближува:

зашто духовниот разум е Царство, светлина на Светиот Дух во умот и во срцето.

Нема да воскреснат безбожниците за духовно расудување! Тоа расудување е совет само на праведните, тоа што само ним им припаѓа.

Свети Игнатиј Брјанчанинов

&

Повеќе ...