ГРЕДА И РАСКА

Богочовекот Исус Христос вели: Извади ја прво гредата од своето око, а потоа ќе видиш како ќе ја извадиш раската од окото на твојот брат.

Зошто гревот во нас (колку и мал да е тој) Господ го нарекува греда во однос на гревот на нашиот брат кој (колку и да е голем) Господ го нарекува раска?

Господ нашиот грев го нарекува греда затоа што, колку и да е мал, тој нас лично нè одделува од Христос, додека, пак, гревот на нашиот брат го нарекува раска затоа што, колку и да е голем, тој лично нас не нѐ одделува од Христос.

Ако ја бараме Божјата правда, а тоа сме должни како христијани, нашиот грев, колку и мал да е тој, нас лично нѐ прави неслични со Христос, а со тоа и во секој случај виновни, додека, пак, гревот на нашиот брат, колку и голем да е тој, не нѐ прави нас дополнително неслични со Христос, но и не нѐ оправдува за нашата постоечка несличност со Него.

Ако ја извадиме гредата од нашето око, тогаш нема да ја видиме раската во нашиот брат – нема да го судиме и осудуваме, односно штом сме ја виделе раската во окото на нашиот брат, а не во нашето, тоа значи дека постои греда во нашето око – дека судиме и осудуваме.

И, ако додека ги читаме овие редови останеме без плач во душата, ние сме бесчувствителни и за гредата во нашето око и за братската врска, која Бог ни ја дарува.

Штом гледаме раска во окото на братот тоа значи дека ние го бараме гревот во него, а не во нас, како и дека за ситница го осудуваме.

Тоа е сигурен знак дека не го љубиме.

Не значи дека љубовта е слепа за гревот и дека не го забележува, но таа, и да го забележи, не го открива пред сите туку го покрива гревот на братот.

Едно е да го бараш гревот во братот, а друго е да го забележиш и да му помогнеш. Љубовта не го бара гревот во братот.

Друга тема е вадењето на гредата, односно дали сме оспособени да се исцелиме себеси од страстите и со тоа вистински да се ослободиме од гревот.

А сосема друга, дали сме повикани воопшто да вадиме раска од нечие око. Оној што ја извадил гредата од своето око сигурно ќе знае да ја извади и раската од окото на братот.

Но дали ќе биде повикан тоа да го прави одлучува Епископот на Црквата. Може да допринесе во одлучувањето и верниот народ кој бара и наоѓа помош вообичаено во оној што навистина може да исцели од страсти, за што Епископот треба да има чувство.

Митрополит Струмички Наум  (14.10.2013)

Originalen post ...