Title : Искушенија и несреќи во светот – последица на моралното дегенерирање…!

Искушенија и несреќи во светот – последица на моралното дегенерирање…!

Example User · 4 months ago

„…Безбожноста и моралната расипаност почнаа да ја поплавуваат земјата. Народните неволи се нижеа една по друга.

Тогаш во народот се појавува големиот пророк Илија.

Според својата духовна убавина и морална чистота, тој навистина бил „земен ангел и небесен човек“. Полн со вера во Бога и љубов спрема својот народ, Илија почнува жестоко да ги разобличува пороците и моралниот пад на Израилот.

Проповедта му била пламена. Неговиот збор согорувал. Неговото праведно разобличување веднаш го збунило народот, кој ја загубил верата. Но овој пример на расипаноста доаѓал одозгора.

Прваците, царскиот двор и интелигенцијата внесуваа во општеството безверие и морална расипаност, ги упропастуваа светите вредности во народната душа и ги поткопуваа темелите на државата.

Тогаш, за да го зачува својот народ од целосна пропаст, големиот пророк Илија измоли од Бога да му испрати на Израилот најстрашна казна. Тој излегол пред царот Ахав и му објавил дека во текот на неколку години нема да падне на земјата ни роса ни дожд.

Потоа пророкот тајно се повлекол во планината. На оние пророчки зборови царот не им посветил сериозно внимание. Тој не верувал дека од молитвата на Илија ќе зависи дали ќе падне дожд или не. Но кога одминала една година, па кога одминала и втората, па и третата без дожд, царот се загрижил, а народот изгубил надеж.

Земјата се исушила и испукала. Сите растенија се исушиле, птиците изгинале, а исто така и голем дел од животните. Настанал страшен глад во целата израилска земја. Тогаш царот испратил луѓе да го побараат пророкот.

На глас Божји, Илија самиот му се јавил на царот. Штом го видел, Ахав извикал:

„Од тебе ли доаѓаат толку несреќи врз нашиот народ!?“

Илија одговорил:

„Не доаѓаат од мене, туку од тебе и од твојот дом. Оти вие го оставивте вистинскиот Бог и тргнавте по Ваал. Туку сега нареди му на Израилот и на лажните пророци, кои ги има 850 и кои ги храни царицата на својата трпеза, да се соберат на Кармилската гора, па таму да видиме кој е изворот на народните несреќи“.

И кога сите беа собрани, пророкот Илија им се обрати со пламен говор, кој го заврши со зборовите:

„Уште ли ќе кривите на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал – одете по него“. Сите молчеа.

Потоа Илија им рече на Вааловите служители:

„Само јас останав пророк Господов, а ваалови пророци има четиристотини и педесет души и четиристотини идолски пророци; нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно тела, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва и оган нема да потпалувам; тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е Бог“.

И сиот народ одговори и рече: „Добро, нека биде така!“ (3 Цар. 18, 21-24)

Вааловите служители го заклаа телето одредено за жртва и го положија врз дрвата на жртвеникот. И сите почнаа да му се молам на идолот да испрати оган од небото.

Со часови се вртеа околу жртвеникот, се молеа, викаа за да добијат вдахновение, со ножеви се рануваа, се мачеа да предизвикуваат сожалување. Но се било залудно – идолот останал мртов.

Тогаш пророкот Илија направи жртвеник од 12 камења, според бројот на израилските племиња, и го положи другото теле на жртвеникот направен во длабока јама и нареди жртвеникот да го полеваат со вода, сѐ додека јамата не се наполни.

Потоа паднал на колена и ја изговорил својата молитва, велејќи:

„Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израилев! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј!

Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси“ (3 Цар. 18, 36-37). Тогаш оган Господов падна од небото и ја запали жртвата. Кога настана тоа чудо, сите паднаа на колена, па потоа и ничкум, викајќи:

„Господ е Бог, Господ е Бог!“ (3 Цар. 18, 39)

Впечатокот бил многу силен. Израилците се одрекоа од идолите и се вратија кон Бога. Лажните пророци на Ваал беа казнети со смрт.

Потоа пророкот Илија се искачи на една височинка, од длабочината на своето срце упати нова молитва кон Бога и Го молеше да ја прекрати повеќегодишната суша, која ја беше пратил како казна врз народ кој веќе искажа јавно покајание.

И таа пророкова молитва била услишана. Бог ги отвори небесните извори и обилен дожд ја натопи земјата.

Овој настан од животот и работата на пророк Илија е многу поучен. Оти е неспорно дека помеѓу епохата во која тој живеел и нашата епоха постои голема сличност. Тогаш одбраниот народ „кривел“ на двете нозе, тонел во безверие и морална расипаност.

Тоа истото го гледаме и сега во нашето христијанско општество. Тогаш Го заборавија Бога и им се клањаа на мртвите идоли како што беа Ваал и Астарта. И сега не се малку идолите на кои им се клања современото општество.

На пример, на идолот што се нарекува модерна просвета му се клањаат особено ревносно. На него сѐ му се жртвува: верата, моралот, убавите традиции, обичаите и сѐ што е свето, сѐ што е завештано од Христа Спасителот и од апостолите.

Пред идолот, кој се нарекува власт денес клекнуваат сите партиски организации. На тој идол тие ја принесуваат на жртва својата совест и остануваат вулгарни демагози.

Постои и уште еден страшен идол, кој денес го зазема местото на Ваал.

Тој се вика богатство и пари. Досега ниеден идол не господарел толку моќно со човечките срца како што тоа денес го прават парите.

Пред тој идол денес се прават најстрашни престапи. Просветените луѓе стануваат крадци, убијци, разбојници, фалсификатори и хулници. Угледни луѓе, трговци, занаетчии, службеници и др., го изневеруваат своето име и својата совест, за да награмадат богатство.

Идејните борци за подобрување на положбата на сиромашните стануваат шпекуланти, за да грабаат и да се богатат. Тој идол е чудовиште на кое денес му оддаваат почит мнозинство луѓе со своите мисли и чувства, со своите склоности и со работата, со своите грижи и немири, а исто така и со своите ниски страсти, ненаситности и со срамот.

На тој мртов идол му конкурира уште еден, кој се вика слободен живот. Сега, но и од поодамна се создава култ на тој идол, сличен на култот на некогашната сидонска Астарта, елинската Киприда и римската Венера.

Никогаш не била толку длабоко и судбоносно погодена моралната чистота, девствената невиност и брачната верност. Слободниот живот и дрзок атентатор врз моралните темели на општеството и на семејството.

Тој ги руши границите на етичките односи помеѓу двата пола. Нема веќе скромни облеки, срамежлив поглед и пристојно однесување.

Нема ниту страв од соблазни и заведувања. Сѐ се принесува на жртва на модата.

Многу современи девојки и млади жени, полуооблечени, во секое време талкаат во друштво на мажи по шумите и планините, по баровите и хотелите, по уште какви не други места, каде што им се поклонуваат и принесуваат жртви на Астарта, Киприда и Венера.

Да, поклониците на тие идоли брзо се намножуваат!

А колку се малку оние кои со вера во Бога одат во Божјиот храм на поклонение!

Колку малку се тие кои значат цврста потпора и надеж за здравата иднина на семејството и на народот!

И ние треба почесто да си го поставуваме прашањето:

Дали себлагиот и семоќниот Дародавец ќе му ги даде земните блага на едно општество кое ја губи верата, кое се клања на идоли, кое морално се распаѓа и кое врши најнесовесни дела?

Навистина, Бог е дарежлив, долго трпи и покажува голема милост.

Но последиците од духовното и моралното дегенерирање можат да бидат само тешки искушенија и несреќи.

И тие, очигледно, ги снаоѓаат многу народи во светот…“

Source: https://pokajanie.mk/2020/03/19/27066/

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
10 months ago

Методија Митановски: РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТАТА ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА И СЕКОГАШ ДЕВА МАРИЈА

& За едни, среќа е власта, за други-богатството, за трети-славата, јавното признание, за некого семејството, за некого работата.... Многу луѓе можат да кажат разни карактеристики за среќата. Но ниту една нема потполно да одговара на зборот. Но Господ не зборува само за човечката среќа, Тој зборува и...

Image Description
1 year ago

Викарен Епископ Јаков Стобиски

Не плашете се да страдате, оти човекот што се плаши да страда и да се жртвува никогаш нема да му објави војна на ѓаволот и на гревот, нема никогаш да научи да љуби и никогаш нема да биде вистински љубен.Оти, љубов примаме зависно од тоа колку сме подготвени да страдаме, а оној што силно љуби, истовр...

Image Description
2 years ago

СВЕТИ ТРИФУН, МОЛИ ГО БОГ ЗА НАС!

СВЕТИ Трифун, моли го Бог за нас! „На овој ден Светата Православна Црква го чествува и празникот на светиот маченик Трифун кај нас познат и како заштитник на лозарите бидејќи овој ден по традиција лозарите ги закројуваат своите лозја. Традицијата со закројувањето само по себе не е лоша бидејќи од с...