Мораме да знаеме дека нашиот инструмент, кој се нарекува совест, е многу нежен инструмент. Понежен и од дамскиот часовник, нели? Со дамскиот часовник нема да собирате дрва. Ќе се расипе. Механизмот ќе му се оштети.

Така е и со вашата совест.

И најмалото беззаконие се одразува на совеста како во огледало. Тоа е глас на Светиот Дух. Ете зошто и најмалото насилство над нашата волја и совест се зема за тежок грев. Понекогаш вршиме насилство над себеси, нели?

Познато ни е дека се случуваат такви работи. Просто самите се тераме на грев: се наговараме, се присилуваме. Иако нашата волја и внатрешниот глас, кој се нарекува совест, се побунуваат.

Колку ли само животот би бил прекрасен кога луѓето би ја слушале совеста, нели?

Тогаш не би имало потреба ниту од полиција, ниту од судии, ниту од затвори – од ништо. Луѓето би внимавале едни на други. И би се плашеле од гревот.

Гревот е навреда кон Бог. Значи, љубовта кон Бог е страв да не се навреди Бог.

– Совест имаат и неверните луѓе?

– Секако. Тоа е својство што Бог како природен закон им го дарува на сите луѓе уште од раѓање. Но, кај неверниците совеста е многу грубо и слабо развиена, додека совеста што е осветена со Светото Крштение и со другите Свети Тајни станува чувствителна, нежна, префинета.

И колку повеќе ја очистуваме преку покајание и солзи – таа станува сѐ почувствителна. Затоа угодниците Божји биле толку чувствителни и на љубовта и на гревот. Во тоа е и смислата на восовршувањето.

– Старче, а зошто во наше време постот повеќе не стои на прво место, туку секаде го игнорираат или честопати е само формален?

– Затоа што денес во нас сѐ помалку е присутно правилното сфаќање на љубовта кон Бог, личното спасение и вечноста.

– Старче, па кажано е дека постот е мајка на сите добродетели.

– Воздржувањето.

– Не треба да го занемариме воздржувањето?

– Не! Никако! Тоа е лудост! Знаеме какво е покајанието кај иноверните, оние што не го признаваат постот. Тие никогаш не се обновуваат. Тие не можат да го остават својот омилен грев.

Бидејќи само покајанието, без воздржување, не може да се принесе на Бог. Секој акт на покајание е поврзан со воздржување.

Замисли си за момент: ќе се најадеш до ситост и потоа ќе се принудуваш на покајание. Ќе постигнеш ли нешто? Никако! Уште повеќе ќе потонеш во грев, бидејќи демоните веднаш ќе започнат да те наговараат да се самосожалуваш:

„Сожали се над себе, што ти е потребно тоа? Оди, касни нешто, закрепни се, одмори се, земи здив!“ Бидејќи демоните не дозволуваат да се каeш, а ти ќе ги послушаш и ќе се сожалиш над себе.

– А може ли демонот со помош на луѓе да се спротивстави на покајанието? Само што човек ќе одлучи да се покае, само што ќе почне со пост и воздржување, кога одеднаш од сите страни слуша:

„Ајде одмори, зошто толку постиш, мисли на своето здравје, потребна ти е сила“, итн.

– Тоа е затоа што по својата гордост самиот си вели: „Ќе се покајам, ќе се поправам“. Тоа е она проклето јас, гордост, која му пречи.

А смирението започнува сосема поинаку:

„Господи, помогни!“ Тоа започнува од молитвата, нели? Моли се за помош, за да го замразиш гревот.

Таа омраза кон гревот, тоа каење и молење:

„Прости, помогни!“ – тоа ќе го преобрати престапникот.

Кај мене, во мојата пастирска пракса имаше блудници кои не можеа да си го замислат животот без својата омилена страст, без своето омилено задоволство.

Но, мачени од совеста, бидејќи, сепак, веруваа во Бог, по милоста Божја, доаѓаа кај мене. Најпрво доаѓаа безволно, се присилуваа на тоа, а потоа се навикнаа на мене, па доаѓаа многу често.

За година-две целосно ја оставија својата страст. И со страшна омраза и солзи се сеќаваа на она што било. Не на конкретни настани, туку општо – дека им се случувало такво нешто.

Една од нив сега е монахиња, и тоа каква монахиња. Голема. Јас ја замонашив. Никој не би помислил дека некогаш била таква. Бидејќи покајанието не само што го лекува човекот туку и го обновува.

* * *

Простувањето доаѓа поради постојаниот плач, поради постојаното покајание или од силината на оплакувањето, од солзите. Велам солзи, а не вода од очите. Кога станува збор за солзи, тука се мисли на срцето, односно кога срцето плаче, а не вода низ очите. На водата од очите честопати и не треба да ѝ веруваме.

Таа доаѓа од суетата, од самосожалувањето, од себељубието!

Но постои и водичка што ја нарекуваме солзи. Тоа е кога срцето ќе се очисти од страста на гордоста, па започнува да плаче со вистински солзи. Тие солзи доаѓаат од срцето и се појавуваат кај големите луѓе.

Старец Сампсон (Сиверс)

Подготви М. Даниловска

Повеќе ...