Писмо на Старец Харалaмпиј Дионисијатски до духовното чедо

Драго чедо во Христа Н.

Радувај се во Господ

Го примив твоето писмо и особено им се израдував на прашањата и интересот за умната молитва.

Ќе се обидам да ти одговорам од личен опит, од она што го имам доживеано, колку што се удостоив додека живеев во послушание под раководство на мојот свет Старец Јосиф, во времето кога сам се подвизував, но и подоцна од животот во монашкото братство.

Прашуваш дали умната молитва е за сите христијани или само за монасите.
Од она што светите Отци го пишуваат и од својот личен опит како духовник, можам да кажам дека умната молитва е за сите христијани.

Но, се подразбира, не е за еретиците, како и за луѓе од други религии. Да ти објаснам и зошто.

Пред да се крсти човекот нема благодат, којашто Адам со престапот ја оддалечи од себе. Со Светото Крштение благодатта повторно доаѓа во нас. Како е можно без благодатта на Крштението да Го пронајдеме Господ во себе?

Треба да се знае дека и самиот метод којшто иноверните го користат води кон прелест.

Неодамна ме посети еден наш (Грк) од Германија и сакаше да разговараме за умната молитва, па го примив.

Тој ми рече:

– Јас сум отец, мистик, како што сте и вие.

– Бре, му велам, каде се научи на мистицизам?

– Со години живеам во Германија каде што се запознав и со други религии. Тие се во многу нешта слични на нашата.

Најмногу ми се допаѓаше тоа што тие таму се концентрираат на молитвата и што е важно, паѓаат во екстаза и имаат виденија како апостол Павле.

– Бре, му велам, бегај подалеку од нив. Не им верувај, во прелест се.

– Не, отец, и јас правев така и самиот имам опит.

Потоа, не дека му поверував, но, го прашав од љубопитност.

– Ајде, кажи ми каква тоа самоконцентрација применуваш?

– Седам на под со прекрстени нозе, подигајќи ја главата кон небото. Тогаш сфатив дека целиот свет верува во ист Бог.

Хиндуистите се молат на својот Бог, будистите исто. Ние можеме да Му се молиме на Христос.

– И, како се молите, ако смеам да прашам?

– А, вели тој, тука е тајната. Вие тоа не го знаете.

Почнуваш во умот да замислуваш како леташ до небото, како да ги гледаш ангелите кои летаат.

Гледаш златни палати, светлина, блескање итн… и на крајот Го гледаш Христос целиот во светлина, како седи на огнен престол.

Сите вниманието го насочуваме кон замисленото.

– Бре, опрелестен, му велам, така ќе си го изгубиш и умот. На тој начин ли се молат?

– Чекај да се восхитиш, па тогаш суди.

Откако ќе ја присилиме својата вообразба, колку што можеме повеќе, излегуваме од таа сфера. Потоа, замисленото почнуваме и да го гледаме. Знаеш ли што значи да Го видиш Христос, ангелите, Светителите и многу други прекрасни нешта!?
Јас му велам:

– Сакаш ли, дете мое, да ме сослушаш?

Тргни се од сето тоа да не си го изгубиш и умот. За да Го пронајдеме Христос во себе, на мечтаењето му ги затвораме сите врати.

Со мечтаењeто му ги отвораме сите врати на сатаната. Го читаш ли Светото Писмо?
Веруваш ли дека нечистивиот има моќ да се прикажува како ангел на светлината, дури како и Самиот Христос.

Ми беше жал за него, па му реков:

– Штета, дете мое. Сатаната те исмева. Ќе ја изгубиш и својата вера.

– Не, не, отец, не ти верувам. Не се сложуваме.

Тој си замина и продолжи да си повторува самиот на себе:

„Не, не се сложуваме. Немаат монасите монопол над Бог “, и други нешта. Слушаш ли, чедо, колку заблуди и опасности има.

Затоа, возљубен, кога христијанинот ќе се крсти, велиме дека во себе ја внесува божествената благодат, Го внесува Христос во себе. Но, со гревот повторно го изгонува надвор. Христос и гревот се две спротивни нешта.

Не е можно да Го пронајдеме Бог во себе сè додека пред нас стои гревот како ѕид.

Добро е што Црквата има соодветен лек, којшто овозможува ѕидот да биде урнат. Тоа се покајанието и исповедта.

Многумина доаѓаат и се интересираат за умната молитва. Ние најпрвин им велиме:

„Дали некогаш си се исповедал? Дали се причестуваш? Живееш ли христијански?” итн.

Доколку одговори потврдно, продолжуваме понатаму. Доколку каже не, да не ги трошиме зборовите без причина.

Најпрвин, чедо, поставуваме почеток со покајанието и исповедта. Потоа го следиме советот на избраниот опитен учител на умната молитва.

Кога се поставува прашањето дали мирјаните можат да ја кажуваат умната молитва велиме: можат да ја кажуваат молитвата, независно од тоа колку ќе напредуваат.

Постојат исклучоци меѓу мирјаните, кои имаат напреднато повеќе и од нас монасите. Но, тоа се исклучоци.

Инаку, кога би било лесно во светот, не би имало потреба да заминуваме во манастири и планини. Христос во Евангелието ѝ вели на Марта: Се грижиш и вознемируваш за многу нешта (Лука 10, 41).

Мирјаните се како Марта.

Сите кои христијански живеат Му служат на Христос, но повеќе во материјалните нешта.

Вистинскиот монах е како Марија, која седи покрај Неговите нозе. Таа ужива во Неговата слава. Станува Христов пријател, како Лазар и како пријател има и посредништво. Има смелост да побара.

Како прв стадиум се учиме усно да кажуваме: Господи Исусе Христе помилуј ме.
Колку можеме повеќе ја изговараме молитвата гласно и што побргу. Бидејќи почетникот е слаб, нечестивиот се обидува да му го замати умот со различни мечтаења.

Овде би сакал многу да обрнеш внимание на ова: кога се молиш да го изгониш мечтаењето со сета своја сила.

Дури и да ти се чини добро, отфрли го далеку од себе. Во него сатаната ја крие својата опашка.

Труди се само да го разбереш тоа што го изговараш. Ништо повеќе.

Втора неопходна претпоставка: За да бидеш слободен за подвигот на умната молитва, неопходно е твојата совест да биде чиста во однос на сите.

Живееш, на пример, во некој манастир со педесет монаси. Должен си да ги успокоиш колку што можеш подобро.

Ако четириесет и девет од нив успокоиш, а еден презреш, тој еден ќе тежи повеќе од сите, така што молитвата не може да напредува.

Тој стои како пречка. Понекогаш другиот е виновен, а не прави метанија. Доколку сакаш во молитвата да Го пронајдеш Бог, ти ќе ја примиш вината на себе.

Ќе побараш прошка. Ќе се молиш на бројаница за него.

Ќе правиш сè што ќе ти падне на памет за да го смириш.

Ако тој има демон и те избегнува, тогаш треба да бидеш долготрпелив. Има некои коишто ги совладува демонот на зависта и им го поматува умот.

Со нив не можеш да се разбереш. Меѓутоа, ние имаме обврска да ги сакаме и покрај тоа, и да свртиме една бројаница за нив.

Ти живееш во светот. Биди со чиста совест пред сите, и во домот, и на работното место.

Избегнувај ги оние што можат да ти наштетат.

Само внимавај пред нив да не покажуваш особено пријателство кон други луѓе. Тие ќе го забележат тоа и ќе ти создаваат проблеми.

Пишуваш дека понекогаш чувствуваш болка во градите која ти создава тешкотија и гушење. На тоа, дете мое, обрни големо внимание. Една е болката од жед за молитва, а другата произлегува од некој повод и небрежност.

Понекогаш, пак, душата во себе чувствува болка и кога не е лишена од молитвата. Тоа значи дека треба повеќе да се присилуваме на молитва.

Тоа е најава дека ни доаѓа некое искушение. Затоа треба добро да се вооружиме. Понекогаш, меѓутоа, значи и дека некој друг има потреба за молитва.

Се подразбира кога некој ќе напредне во науката на молитвата тој тоа го знае. Кога тоа ќе го осознаам, тогаш започнувам молитва за неколкумина за кои знам дека имаат потреба.

Кога ќе дојдам до конкретна личност која посебно бара помош тогаш душата спонтано се излива во огнени солзи.

Тогаш срцето омекнува, исчезнува болката и душата се исполнува со љубов кон Бог, но и кон братот кој бара помош.

Потоа ти се потврдува и од него самиот. Тој исповеда дека во тој час навистина имал голема потреба.

Тоа ми се случило повеќе пати.

Таа болка многу се засилува кај вистинските подвижници, кога постои општа потреба во Црквата, во државата или воопшто во целиот свет.

Говореше мојот свет старец (Јосиф) дека во времето на почеткот на Втората светска војна во неговото срце се распламтела таква болка, таков пламен кој наликувал на пламен од камин.

Бил приморан да остави сè и деноноќно интензивно да се моли како никогаш порано. Сфатил дека нешто сериозно се случува. Набргу стигнала веста за војната. Ах, тој молитвен пламен на мојот старец, кога тој би знаел колку момчиња спаси од куршуми.

Рековме, меѓутоа, дека имаме и друг вид болка. Тоа е болка на небрежноста и искушението. Ако ти се случи некогаш од невнимание или под демонско дејство да натажиш некој брат, внимавај на тоа.

Штом тој во себе почнува да те обвинува, веднаш во своите гради ја чувствуваш болката измешана со поматеност и вознемиреност. Ако не си во право поитај веднаш, направи метанија, побарај прошка. Смекни го срцето на ближниот, ако сакаш Бог да го смекне твоето.

После сè што ти напишав на оваа тема преиспитај се самиот себе и ќе видиш од каде доаѓа секоја болка во тебе.

Само внимавај. Затвoрај се колку што можеш во себе, за никому да не дадеш повод…`

Originalen post ...