Мојот однос со свети Силуан Атонски
Го прочитав житието на свети Силуан Атонски пред многу години. Тешки години, полни со панични кризи и длабока тага што го следеше мојот живот. Но, завршувајќи ја книгата „Свети Силуан Атонски“, почувствував дека некој ме сака. Светлината влезе во мојата душа. Реков: „Еве еден светител кој ги допрел границите на очајанието. Кој бил ужаснат од тагата и темнината што ги носиме во себе. Кој знаел што значи да се доживее болка во срцето. Кој, фрлен на колена, повторно се исправувал...“
Нема поисцелителна и поутешна вест за болен од тоа кога ќе дознае дека има некој друг кој страда како него. Чувството дека не е единствениот во болката му дава храброст и сила.
Свети Силуан почувствувал пекол, ментален и духовен колапс, тага, безнадежност и очај. Бил како мене и сите луѓе, светол и темен, со внатрешни противречности, а не ангелски недостапен и човечки туѓ. Имал искуство од човечка борба и тешките услови на животот.
Светителот не е совршена личност, но облагодатен од Светиот Дух. А Светиот Дух те осветува не затоа што си свет, туку затоа што си смирен и знаеш да сакаш.
Во Црквата Христова, а не во религиозната постројка на нашите проекции, болката и човечката немоќ не се лицемерно украсени . Не се чувствувате виновни затоа што не ви е добро. Не стравуваш ниту биваш заплашен затоа што не си совршен. За светиите на Црквата, грешникот е повреден, а не лош човек. Во Црквата не сте спасени поради вашето совршенство, туку поради свесноста за вашата немоќ, која целосно му ја доверувате на Бога. Не те спасуваат твоите доблести, туку Божјата љубов.
Ова е мојата врска со Свети Силуан, која започна во еден од најтешките периоди од мојот живот, и решив да ви ја признаам денес, велејќи ви да не се плашите. Бидејќи колку и да е страшен Пеколот, Бог може да го претвори во Рај, колку и да ни се чини спор, тој секогаш се отвора.
Автор: о. Харалампиј Пападопулос
Извор: sveticarboris.net
За Преминпортал: Симеон Стефковски
24.09.2022
Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/duhoven-azbuchnik/25269-mojot-odnos-so-sveti-siluan-atonski